Растена во Гостивар со двете сестри Елизабета и Илина, прекрасни родители и многу голема поширока фамилија, Соња имала неверојатни детски авантури

– Секоја роденденска честитка од мајка ми, откако станав тинејџерка, е речиси идентична: „Среќен роденден, ќерко, да си ми жива и здрава, Бог да те дарува само со убавини“. Следува драмска пауза, а потоа извик: „Леле, колку немирно дете беше, што сѐ правеше, мајка, луѓето се чудеа“. Траумите од моето растење не се забораваат. Но, најинтересно е што секој поблизок и постар член од мојата фамилија и денес често знае да ме потсети колку немирно и откачено дете сум била и да сподели некоја случка во која сум била актер од некој трилер. Вака се опишува себеси нашата позната новинарка Соња Алексоска-Неделковска.

Растена во Гостивар со двете сестри Елизабета и Илина, прекрасни родители и многу голема поширока фамилија, Соња имала неверојатни детски авантури.

Лудории во Државна болница во Скопје

Првото јасно сеќавање за детството ѝ е летното патување во околината на Улцињ, Црна Гора. Со постарата сестра Елизабета се разболеле од жолтица додека летувале. Татко им ги однел во градот, ги оставил на клупа до градската плажа со предупредување да не влегуваат во морето бидејќи таа плажа не е безбедна од повеќе аспекти. Додека тој пазарувал, Соња успеала да ја убеди сестра си да се искапат. По две недели се јавиле првите симптоми и завршиле во болница. Имала 5 години, а сестра ѝ 10. Палавата Соња веројатно сѐ уште е врежана во сеќавањата на персоналот од болницата.

– Никогаш нема да заборавам на кој начин ми вадеа крв. Ме легнуваа на кревет и ми ги врзуваа рацете и нозете. Само на тој начин можеа да ми го смират темпераментот. Но, од друга страна, во текот на мојот престој ги покажав најголемите лудории. Кога сите јадеа, јас спиев. Кога сите спиеја, јас одев во тоалет, токму кога чистачката ќе го светнеше и ќе чекаше да се исуши. Секој ден се расправаше со мене. А мојот одговор беше дека не можам да го контролирам мочниот меур.

Една вечер во собата им донеле ново девојче кое цело време плачело. Соња му одржала воспитна лекција и тоа замолчело.
– Утредента отидовме заедно во тоалет. Имаше каладонт со црвено-бели линии. Тоа ме асоцираше на дресовите на мојот омилен ФК „Црвена звезда“ и ја замолив да ми го позајми. Ме одби. Ѝ вратив со воспитна шлаканица. Од тој ден никого не донесоа во нашата соба – раскажува Соња.

Со сестра си Елизабета во дворот на Клиника кога лежеле поради жолтица

Бебе со црна коса

Кога се родила, имала црна коса и црвени дамки по лицето. Тоа било големо разочарување за мајка ѝ. По неколку месеци ја истрижале скроз и почнала да ѝ расте бела коса, а дамките исчезнале. Тетките на шега велеле: „Ајде да ја истрижеме повторно, можеби ќе ѝ порасне црвена коса“.
– Инаку, сум била бебе што не затворало уста. Односно, постојано сум врескала. Откако сум проодела, сите работи од плакарите биле на подот. Тоа сум го правела набрзина, со неколку потези. Ако не сум го добиела тоа што сум го сакала, сум се фрлала на земја и сум врескала, без разлика каде сум била и со кого. Не сум сакала да јадам дома. Мајка ми го носела јадењето кај сосетките. Секој ден сум одела на гости кај една од нив, на ручек. Откако ќе сум се најадела, сум ѝ велела на мајка ми дека треба да научи да готви како комшиките. А, всушност, сум го јадела јадењето на мајка ми. Никој не прифаќал да ме чува. За еден месец се смениле дури три жени. На крај се појави една постара жена која ја викав баба Елена. Таа ме чуваше до 4 години. Потоа ме пратија во градинка.

На само пет и полгодишна возраст Соња го организирала првото бегство од градинка. Планот почнала да го спроведува уште утрината кога ја донеле во градинката.
– Им се фалев на децата дека мајка ми направила многу голема и вкусна торта со јагоди. Ако дојдат кај мене дома, ќе им ја дадам цела. Бидејќи живеев блиску до градинката, им реков дека ќе побегнеме накратко и ќе се вратиме брзо, во периодот што е резервиран за спиење. Речено, сторено. Откако учителките нѐ проверија дали сме в кревет, отидоа до кујната. Според моите инструкции, сите во пижами успеавме да побегнеме. Но, тука се случи она што моите другарчиња многу ги збуни. Откако излеговме надвор од дворот, застанав и им реков: „Нема торта, нема гости. Вратете се назад, сама ќе одам дома. Ви реков да побегнете со мене за да не ме караат учителките и родителите“ – вели Алексоска-Неделковска.

Оваa традиција со бегањето продолжила и кога одела во забавиште.
– Бегав, или кај мојата тетка Санда или кај дедо Миле Алексоски, кои работеа блиску до забавиштето. Спасот беше да ме пратат во училиште на 6 години за да се смирам малку. Бев помирна, но уште откачена. На прашањето од учителот на првиот школски час – што сакате да бидете кога ќе пораснете, одговорив дека ќе бидам актерка. Тој одговор, во таа средина, и во тоа време беше шок.

 

Играла фудбал и само фудбал

Од детските игри, Соња играла фудбал и само фудбал. Сакала и тенис и возење ролшуи и велосипед. Постојано се дружела со машки. Имала и свој фудбалски тим, составен од деца на нејзина возраст.
– Најголем успех беше кога тимот од постарите деца ќе ме земеше само мене за значајните натпревари што ги играше со децата од другите гостиварски маала. Играв џамлии и рацете ми беа постојано крвави. „Лебаци“ и „Народна“ ни беа најчести игри. Имав многу топки, тренирки и патики. Немав кукли. Често добивав корпа од девојчињата кога ќе посакав да поиграм со нив. Морав да најдам некоја друга улога за да бидам во нивно друштво. Најчесто бев татко или син, па ги слушав како ми наредуваат да одам ваму или таму за да им донесам некои работи потребни за импровизираните куќички или фризерски салони. А, кога игравме во дворот на маалската принцеза Лујза, тогаш бев војник или чувар на кралството – раскажува Соња.

Кога имала осум години една сосетка им ја дупнала маалската фудбалска топка. Соња ја чекала да се врати од пазар. Жената доаѓала натоварена со кеси, а во едната рака имала две табли јајца.
– Истрчав и ѝ ги шутнав таблите, лом ѝ ги направив јајцата. Ме бркаше половина час по улицата.

Била исклучително пргава и се тепала со сите деца. Била посилна од врсниците, ама вели дека добивала „воспитни“ од нивните браќа. Никогаш не им се жалела на родителите.
– Сама ги преболував боксовите или шлаканиците. Веројатно тогаш ја стекнав таа особина да не ги искажувам најголемите болки. И денес е така. Ќе кажам површно некоја мака. Останатото го чувам во себе. Тоа е причината што луѓето мислат дека сум храбра.


Најдобар другар ѝ бил Среќко Јовановски, син на Милена и Јаков. Тој е роден на 6 март, а Соња на 29 март. Живееле на улицата „Гоце Делчев“ во Гостивар. Соња вели дека тоа било најубавото гостиварско маало, со најдобрите деца од повеќе возрасти. Со Среќко биле соседи, живееле еден спроти друг.

– Истовремено ни излегоа првите заби, проодевме, тргнавме во основно училиште, седевме во иста клупа. Тој црн, буцко со виткана коса, јас слабичка со бела коса. Неразделни другари. Секој ден игравме и дома и надвор. Колку лустери сменија неговите родители, не можам ни да добројам. Игравме фудбал во неговиот стан. Лути бевме само тогаш кога играа Црвена звезда и Партизан. Ако победеше Звезда, врескав пред неговата врата, а тој седеше заклучен дома, и обратно. Се разделивме на 12 години, кога тој се пресели во нов стан, а јас во куќа. А, најдобра школска другарка ми беше Јулијана Стојановска. Учевме заедно од прво одделение до четврта година средно. Дружбата ја продолживме и на студии.
Таа сѐ уште е во контакт со другарчињата со кои растела.
– Драгиша и Мики Гегоски го отворија првото приватно радио во градот, „Супер Нова“, во маалото каде што растевме. Работев 3 години таму како уредник на програма и водител. Поголем дел од пријателите во детството ми беа на свадба и на прославата на мојот 50. роденден. Жалам што меѓу нас не се повеќе Даме Топузоски, кој ми беше братучед, другар, и Драгиша Чаловски. Прерано нѐ напуштија.

Во тоа време, вели Соња, меѓу децата имало вистинска љубов, немало поделба, не се дружеле од интерес. Делеле и кришка леб намачкана со „маслац“, сол и пипер.

Најголем авторитет бил татко ѝ Јордан, човек со најголема душа и најголемо срце

Потекнува од многу голема фамилија. Има вкупно 22 први братучеди. Бидејќи растела во Гостивар, повеќе се дружела со фамилијата на нејзиниот татко Јордан.
– Најомилен братучед ми беше Стојмир Дејаноски, кој е една година постар. Поголем дел од времето го минувавме заедно. Тој свиреше на гитара, а јас пеев. Тој ми остана слабост. Бев опседната со музика од мала, а за тоа најголем виновник е мојот стрико доктор Живко Алексоски. Најголемиот колекционер на ЛП и цедеа во Македонија. Бев најомилена ќерка на мојот татко. Како поранешен фудбалер, постојано ме носеше на тренинзи и натпревари на гостиварскиот фудбалски клуб. Никогаш нема да заборавам кога на шест години ме однесе на Градски стадион да ги гледам Вардар и Црвена звезда – се сеќава Алексоска-Неделковска.

Најголемиот авторитет во семејството бил татко ѝ Јордан. Човек со најголема душа и најголемо срце. Но, мајка ѝ Полексија ги држела сите конци в раце. Многу вредна, добра и позитивна жена.
– И денес ѝ се воодушевувам на силата, храброста и издржливоста. Бескрајно им благодарам за сето она што ни го овозможија мене и на сестрите. Имавме сѐ што сакавме, секое лето одевме на море, на езеро, па на планина. Едно лето, откако ни заврши одморот во Петровец на море, татко ми нѐ однесе во летувалиште на една од црногорските планини. Кога пристигнавме, дуваше силен ветер, но јас не сакав да излезам од автомобилот додека не ми ја најдат сината маичка со бели и црвени линии која најмногу ја сакав. Мајка ми почна да ме убедува дека надвор е многу ладно и дека морам да носам џемпер. Не попуштав. Ми објасни дека маичката е во куфер и дека мора да ги вади сите работи за да ја најде. Се правев дека не ја слушам. Потоа почнаа да ме влечат за раце, татко ми од една страна, а мајка ми од друга. Не успеаја да ме извадат надвор. Им преостана само сите работи да ги извадат од автомобилот и да ја најдат маичката. Ја облеков под џемперот и излегов низ врата како ништо да не се случило. Бевме семејство кое постојано одеше и на излети и на прошетки. Му благодарам на Господ што никогаш не растевме со кавги меѓу родителите и во немаштија. Имавме повеќе и од доволно. Но, нѐ учеа во животот да не се стремиме секогаш да ни биде токму. Кога се преселивме во новата куќа, го прашав татко ми зошто само подрумот не е изваросан. Тој ми одговори: „Нели ве учев никогаш да не посакувате сѐ да ви биде токму. Ако нешто ви недостига, тогаш ќе имате уште поголем мотив да одите напред и да успеете“. Имаше уште една изрека која на шега ја кажуваше: „Ах, ќерки, вие сте многу разгалени, не сте тепани, затоа сте своеглави“.

Соња сонувала да стане актерка или режисерка. Од 10 до 18 години била дел од аматерскиот ансамбл. Глумела во многу претстави.
Иако Соња не стана актерка, блиските често ја провоцираат да одглуми некој карактер. Велат дека е одлична и во имитациите.

Соња со синот Филип, не пропуштаат ниту еден натпревар на македонската ракометна репрезентација

Таа била одлична ученичка и била активна и надвор од училиштето. Одела на хор и во Пионерски дом. Од шест до девет години тренирала гимнастика. На 10 години почнала да тренира скијање. Играла кошарка и ракомет за школскиот клуб.

– Моите спортски активности резултираа со пукната аркада, скршена рака, скинат лигамент на колено. До крајот на четврта година средно играв фудбал со машките на часовите по физичко. Многу сакав уметничко лизгање. Во Гостивар во тоа време немаше каде да лизгаме. Сега, да сум дете, секој ден би била на лизгалиште – завршува Соња.



912

X