Лазаров за Деца.мк се наврати на своите детски денови, на првите чекори во спортот, на предизвиците пред кои бил исправен и на жртвата што избирал да ја прави во име на огромната љубов кон спортот

Од детството имаме и убави и неубави спомени, ама убаво е кога им се навраќаме. Убаво е да го вратиш филмот, да им го раскажеш на децата, оти ние, успешните луѓе, сме нивни идоли. Луѓето генерално имаат впечаток дека успешните едноставно се родени со среќа, ама тоа не е така – вели Кире Лазаров, нашиот најуспешен ракометар на сите времиња.
За Деца.мк тој се наврати на своите детски денови, на првите чекори во спортот, на предизвиците пред кои бил исправен и на жртвата што избирал да ја прави во име на огромната љубов кон спортот.


Ракометот не бил негов прв избор. Кире почнал да тренира кошарка.
– Почнав од мало место, мал град. Татко ми беше ракометар, бевме поврзани со спортот. Од мал покажав талент за спорт. Во 4. одделение почнав со кошарка. Мислев дека повеќе ми лежи, ама некако бев опкружен со ракометот, татко ми беше професионален ракометар. Тренинзи, натпревари, патувања, сето тоа беше дел од моето детство. Се дружев со луѓе посветени на ракометот и едноставно стана дел од мене. Во петто веќе тренирав– вели Лазаров.
Кире почнал во клубот „Овче Поле“, кој во тоа време бил во југословенска лига, па отпосле и во македонска. Со татко му Благој една сезона дури и заедно играле и многу се радува на таа можност.

Кире со татко му Благој

– Трениравме на цемент, немавме сала. Патиките што ги добивавме ги киневме за две недели, колку и да беа квалитетни, не издржуваа. Трениравме и кога врнеше. Се натпреварувавме и во младински лиги. Со „Овче Поле“ бевме и пионерски и младински прваци. Свети Николе е град кој негува голема љубов кон ракометот. Еве и сега една од нашите школи е таму и имаме 50-60 дечиња. Мојот прв тренер Илија Јанев сѐ уште е активен и ни помага – вели Лазаров.
Признава дека на почетокот не бил премногу дисциплиниран, ама никогаш не помислил да се откаже.
– Секој пораз или послаба игра ме поттикнуваше да бидам уште подобар.
Со запишувањето во прва година средно училиште Кире станал професионалец и заминал во Велес, а оттаму во 3. и 4. година во средно училиште во Битола.
– Кога требаше комплетно да заминам од дома во Битола, не ми беше сеедно. Секој слободен викенд го користев за да се вратам.

Не можев да смислам сутлијаш

Во детските години пред ракометот Кире се дружел со врсниците, играле во маало, лете играле џамлии (колубајчиња).
– Многу игравме фудбал, тоа беа натпревари со висок ризик и маалски препукувања. Живеевме на една угорница и зиме едвај чекавме да падне снег и да уживаме. Имав добри другари. Од мал внимателно го избирав друштвото. Се дружев со тие што беа позитивни и така ги одбирав. Можеби за некого тоа ќе изгледа малку препотентно, ама така е. И до ден-денес се среќавам со некои од другарите од Свети Николе – вели Кире.

Тој бил одличен ученик до шесто одделение.
– Уште од забавиште имав добар третман. Сѐ уште ги среќавам учителките и од градинка и од школо. Во забавиште најголем проблем ми беше да јадам сутлијаш. Кога ќе дојдеше тој ден, за мене беше мачење. И ден-денес не јадам сутлијаш – се смее Кире.
На училиште сакал географија и историја, по малку математика, хемија, физика – никако!
– Во основно бев одличен ученик до кај шесто-седмо одделение. Потоа почнав да попуштам,  признавам. Тоа си дојде со професионалната кариера. Во средно ептен попуштив, едноставно немав време, не целосно, ама ми паѓаше квалитетот. Кај нас во школо може да ти стават петка и да не си ја заслужил, добивав петки, ама не ги заслужував. Важно е знаењето, не оценките. Пред ракометот читав и книги. Не можам да се сетам дали сакав да читам, ама читав. Трета и четврта година попуштив. Тогаш веќе се очекуваа големи работи од мене. Професорите имаа големо разбирање. Имав професорка по англиски јазик која ми велеше: „Научи го барем англискиот, ќе ти треба, ќе патуваш по светот“. Денес знам дека била во право, ама тогаш не – признава Кире.

 

Родителите добро ме воспитаа: Кире со мајка му Милка и татко му Благој

Поддршка од родителите

– Моите родители многу добро ме воспитаа. Денес, за жал, имам впечаток дека постојат многу невоспитани деца. Нас некако повеќе нѐ насочуваа, беше многу построго, денес сите многу лесно се навредуваат. Не бев многу немирно дете, иако друштвото знаеше да ме повлече. Најважно е во какво опкружување расте детето. Ама детето треба да го одбере, а не друштвото да го одбере него. Родителите секогаш ме поддржуваа. Имаше време кога родителската амбиција многу ми пречеше. Имаше провокации од типот дека не сум бил добар на некој тренинг и револт се јавуваше кај моите родители, па ги слушав како се објаснуваа со луѓето. Тоа ми пречеше. Бев добро насочуван од родителите, одлуките ги носев сам, а се консултирав со родител, пријател…

Децата денес се презаштитени и разгалени

Неговиот брат Филип Лазаров, кој е ракометар на „Бешикташ“, е пет години помал од Кире. Филип секогаш се радувал на неговите успеси, вели нашиот соговорник.
– Тој е можеби и поталентиран од мене, со подобри предиспозиции, спортски ген. Само, како второ дете беше некако почувано, поразгалено. Тој не се осмели да ја напушти државата. Некогаш во животот треба да направиш одлука и да излезеш од удобноста, оти колку и да си амбициозен, се заситуваш во средината. Тој е многу успешен, ама имаше поголеми можности да стане подобар од мене – призна Кире.Најдобриот голгетер на Европа е категоричен дека денешните генерации имаат многу подобри услови за да напредуваат и да станат тоа што сакаат.
– Децата денес се презаштитени и разгалени. Треба да ги оставите сами да изберат, повремено да им влијаете, ама не цело време да им кажувате – ти си најдобар или ти не влегуваш на терен оти татко ти не е богат, на пример. Квалитетот може ќе се забави еднаш-два пати, ама не може цел живот. Голем проблем денес е што сите сѐ знаат. Покрај школата за ракомет се среќаваме со повеќе родители. Забележувам дека амбициите на родителите се поголеми од можностите на нивните деца и тоа е голем проблем, не само во спортот – категоричен е Кире.
За вечната дилема помеѓу талентот и работата, Кире вели дека талентот е важен, ама со работа се постигнува многу!

Кире со семејството: ќерката Лана, синот Благојче и сопругата Љубица

Школата за ракомет е успешен проект

Љубовта кон ракометот Кире веќе неколку години им ја пренесува на деца во повеќе градови во Македонија.
– Школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“ е успешен проект, а годинава по четвртипат во Охрид ќе се одржи и кампот што го носи моето име. Многу е подобро кога се почнува со некој спорт од помали години, оти никој не може да стане многу добар преку ноќ. Работиме да се исправи трчањето, да се совлада техника и најважно – да се засака спортот. Целта е да ги учиме и дај боже еден ден да заминат во силни клубови – посакува Лазаров и се радува што за овој спорт има сè поголем интерес и кај девојчињата.
Тој додава:
– Јас сум заљубен во ракометот. Повторно да се родам, повторно би се занимавал со овој спорт.
Во ракометот е заљубен и неговиот син Благојче, а ќерка му Лана тренира гимнастика.
– Ги оставам децата да изберат што сакаат. Ги воспитувам да ги ценат работите и да бидат скромни. Искрено, можам да им дадам многу, ама не ги разгалувам. Се надевам дека нема да го прочитаат интервјуво – се смее Кире.

Дека никогаш не е доцна да се заврши една приказна успешно и да се вложи во образованието, доказ е и Кире, кој во моментов е запишан на два факултета – Факултетот за физичка култура во Скопје и Економскиот факултет при Славјанскиот институт.
Кире со своето семејство во последнава година живее во Нант, Франција. Една од придобивките на тоа што поради неговите ангажмани често се селат се токму странските јазици.
– Неодамна го дадов првото интервју на француски. Мислев дека нема потежок јазик од унгарскиот, ама францускиот, сепак, предводи – се смее Кире.



912

X