Родителите често се грижат дали нивните деца успеале навреме да ги достигнат развојните фази, особено кога станува збор за одењето. Но, секое бебе е различно, па некои ќе проодат порано, додека на други ќе им треба повеќе време за да го направат првиот чекор.

Возраста на која бебето почнува да оди зависи од силата на нозете и контролата на рамнотежата, односно од неговата способност да ја поддржи телесната тежина и да одржува рамнотежа во исправена положба додека ги движи стапалата. Затоа, бидете трпеливи, охрабрувајте го и наскоро може да ве очекуваат стотици чекори придружени со непријатни падови.

На која возраст бебињата почнуваат да одат?

Според ажурираните упатства за 2022 година од Американската академија за педијатрија (ААП) и Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), првите чекори треба да бидат на возраст од околу 15 месеци, а до 18 месеци бебето треба да може да оди без да се држи за други луѓе или за предмети – вели д-р Стефани М. Граберт, педијатар во Детската болница во Њу Орлеанс.

– Ако вашето бебе е родено предвреме, користете ја коригираната возраст во првите две години од животот. Сепак, важно е да се биде свесен дека децата се развиваат со свое темпо и на свој начин – вели педијатарот Мариел Маркез.

Некои бебиња долго лазат пред да почнат да одат, додека некои бебиња можат да го прескокнат лазењето и веднаш да почнат да трчаат.

– Обидете се да не го споредувате вашето дете со другите. Ценете го она што вашето дете може да го направи и запомнете дека има многу основни вештини на кои децата работат пред да бидат подготвени да одат – вели Маркез.

Кои се знаците дека бебето наскоро ќе прооди?

– Ако бебето самостојно се крева во стоечка положба или се движи држејќи се за мебел, и се спушта во седечка положба со бавни, контролирани движења, се приближува кон проодувањето – вели Маркез.

Дали постојат фактори што можат да го попречат напредокот на бебето во одењето?

Да. Бидејќи одењето бара повеќе телесни системи како што се мозокот, ‘рбетниот мозок, нервите, коските, мускулите, тетивите и лигаментите, проблемите со кој било од овие системи може да го забават напредокот кон првиот чекор.

– Понекогаш доцнењето во развојот може да биде предизвикано од стравот на детето или немањето време да вежба самостојно одење. Падовите се неизбежни кога детето учи нови вештини. Погрижете се куќата да биде заштитена и да создадете безбедно место за падови. Кога бебето ќе падне и ќе почне да плаче, обидете се да останете смирени бидејќи тоа е дел од процесот на учење – вели д-р Граберт.

Маркез додава дека одложеното одење може да настане поради прекумерна употреба на лулашки, лулки, седишта, одалки и други слични помагала.

– Ако ги користите премногу, на бебињата им е ограничена способноста да се движат самостојно и природно да се развиваат – вели Маркез.

Дали одењето е поврзано со когнитивниот развој?

– Постои корелација помеѓу одењето и когнитивниот развој – додава Маркез.

Когнитивниот развој ја вклучува способноста на детето да се фокусира, учи, обработува информации, па дури и да зборува за она што го учи.

– Ако детето доцни со проодувањето, поверојатно е дека ќе има други доцнења, како што е одложен когнитивен развој. Одењето е многу сложена активност која бара напредни когнитивни вештини, па можно е да го одложат когнитивниот развој – вели Маркез и објаснува дека тоа не мора секогаш да биде така и зависи од основните причини за одложеното одење.

Исто така, одењето може да го стимулира когнитивниот развој.

Извор



912

X