И додека ќебенцата за бебињата се одлични за во автоседиште, додека бебето лежи будно, а вие сте во негова близина или сакате да го покриете во текот на хранењето, можеби ќе ве изненади ако дознаете дека поради опасност од задушување, не се безбедни додека бебето спие во текот на ноќта. Според Американската педијатриска академија, во текот на првите 12 месеци од животот на бебето препорачливо е да не се остава баш ништо на просторот (во креветчето) каде што спие бебето, што вклучува ќебенца, кадифени играчки и перници. Исклучок се вреќите за спиење, во кои бебето е практично замотано и нема опасност да се извлече од нив или со рачињата и ножињата да ги префрли преку главата. Повивањето е исто така одличен начин бебето да се загрее.

Многу родители мислат дека на бебето ќе му биде студено ако не го покријат, но сѐ додека во просторијата во која спие температурата е задоволителна, односно помеѓу 20 и 22 Целзиусови степени и ако детето е доволно облечено (боди со долги ракави), не ставајте му покривач и не грижете се.

Кога е безбедно спиењето со ќебенце?

Иако не постои одреден период во кој се гарантира дека вашето бебе ќе биде безбедно со ќебенце во текот на ноќното спиење, ризикот од изненадувачка доенечка смрт се намалува откако детето ќе наполни 1 година. Меѓутоа, препорака на експертите е дека безбедна доба е дури кога детето ќе наполни 18 месеци. Исто така, ова е идеална доба на детето да му ставите вреќа за спиење, па тоа можете да го спроведете напоредно.

Која е идеалната голема на ќебенцето?

Покривачот за бебе не би требало да биде подолг од половината од должината од неговото тело, а би било идеално да е изработен од лесни материјали, како памук или природна волна. Исто така, внимавајте да не биде претежок, а не се препорачуваат ни јоргани додека детето не наполни 4 години.

Ќебенце како преоден објект

Една од предностите на користењето ќебенце е што тоа може да послужи како преоден објект, детето да се чувствува безбедно во периодите кога го оставате на чување, па го олеснува разделувањето. Децата на возраст до 18 месеци се во потрага по предмет кој ќе ги утеши и ќе ја ублажи сепарациската анксиозност.

Избегнувајте да ја прекривате количката со ќебенце во летните месеци

Имено, многубројни истражувања покажале дека прекривањето на количката со ткаенина предизвикува ефект на топлина. Па ако во количката температурата е 22 степени, кога ќе се прекрие, таа се зголемува и до 33 степени за само половина час. После еден час од прекривањето температурата се накачува за уште 4 до 5 степени. Ако надворешната температура е 25 степени, во прекриена количка може да биде и за 15 степени повисока, значи околу 40 степени. Исто така, со оглед на тоа дека циркулацијата на воздухот во количката е променета, можни се и кобни последици врз детето. И додека нашето тело се лади со потење, на бебето тоа не му се случува, па телесната температура се крева и доаѓа до прегревање. Прегревањето може да предизвика топлотен удар, кој пак може да го оштети централниот нервен систем, а може да настапи и смрт.

Автор: Сања Матасиќ

Извор



912

X