Кога ќе се спомене хоби за деца, на сите прво на памет им паѓа собирање сликички за момчињата и собирање салфети за девојчињата, но хобито е многу повеќе од тоа. Секоја креативна активност што детето ќе одбере да ја практикува во слободното време и која го исполнува и го прави среќно може да биде хоби.

Она што треба да се знае околу детските хобија е фактот дека децата преку различните слободни активности ја поттикнуваат својата креативност и фантазија, кои се и тоа како потребни во текот на растењето. Исто така, негувањето хобија кај децата ги подобрува нивните ментални и креативни способности, кои доведуваат до тоа децата што практикувале хобија да бидат значително поуспешни и попродуктивни во споредба со другите.

Хобито придонесува детето да се чувствува исполнето и среќно. Секое хоби е активност која ги учи децата на трпение и кај нив развива концентрација, истрајност и посветеност. Децата не треба да се присилуваат да се занимаваат со нешто што не го сакаат, но секако треба да се насочат и да им се даде поддршка без оглед за што ќе се одлучат. На прашањето:„Како да се научат децата да ја победат досадата?“, најточниот одговор е: „Со хоби.“ Секое занимавање со некакво хоби треба да почне од љубов, што воедно е и најголема мотивација. Во натамошниот текст ќе имате можност да прочитате кои хобија се најдобри за децата.

Макетарството како сѐ попопуларно хоби кај децата

Од играчки никогаш доста. Бидејќи децата користат голем број играчки во играта и никогаш не им е доста од реквизити, макетарството е идеално хоби за сите деца, без оглед на возраста и полот. Многубројните работилници за макетарство се многу инспирирачки и кај децата развиваат креативност, моторика и вештини низ изработката на разни макети, што е повеќе од потребно во времето на компјутеризација во кое живееме.

Сетете се само колку пати сте направиле кула од песок, патека за автомобилчиња и џамлии или куќичка за барбики. Макетарството е одличен начин детето да се занимава и да се опушти по многуте училишни обврски. Она што се учи на работилниците за макетарство е како да се направи макета на авион, камион, куќа, воз, па така сите деца, развивајќи ги својата креативност и способност за изработка на одредени предмети, ќе добијат многу нови совршени играчки за играње.

Цртање и сликање – идеално хоби за мали деца

Многу деца уште од мали нозе ги имитираат родителите, и многу брзо се фаќаат за моливот за да ги создадат своите вистински уметнички дела кои мама и тато ќе ги покажуваат пред сите. Работилниците за цртање и сликање се совршени за сите мали деца, без оглед дали се на претшколска или школска возраст. Овој вид хоби на децата им овозможува развој на креативноста, фантазијата и талентите. Малите деца се прилично талентирани за многу активности, само е потребно навреме да се уочи талентот кај нив за да им се помогне да го задржат и да го развиваат.

Кај сите хобија, па така и кај цртањето и сликањето, битни се истрајноста и упорноста, па многу е важно детето да се поддржи, но и да се насочи на вистински начин. Доколку вие самите не знаете како и немате искуство во цртање и сликање, запишете го вашето дете на некоја од работилниците што се занимаваат со таа дејност. За сите деца што имаат афинитет за цртање и сликање и сакаат да научат некои основи, но и да ги надградуваат своите знаења, работилниците за цртање и сликање се одлично хоби со кое ќе го негуваат својот талент, а воедно ќе се дружат со други деца и ќе ја формираат својата уметничка личност.

Музичко училиште – училиште што го обожаваат сите мали деца

Децата се раѓаат со некој талент и потребно е навреме да се уочи за кој талент се работи, за тој да се негува особено во периодот додека растат. Музичкото училиште е идеално хоби за сите мали деца што сакаат да пеат или имаат желба да свират на некој инструмент. Кога музичкото училиште е во прашање, треба да се биде внимателен и детето никако не треба да се присилува да го избере оној инструмент кој вие сметате дека е најдобар за него.

Овој вид хоби во текот на времето преминува во обврска, што е многу погодно за децата бидејќи им создава чувство за подобра организација на своето време, затоа што покрај редовното училиште, задолжителните часови за инструмент и солфеж во уште едно училиште ќе направат детето да се научи на дисциплина, што е многу добро за подоцна во животот. Музичкото училиште е хоби кое освен што поволно влијае врз развојот на детето, од него создава вистински мал уметник, па некои деца целосно ќе се пронајдат во музиката и ќе го продолжат своето школување во тој правец.

Незаобиколниот спорт како задолжително хоби за сите деца

Одличен начин детето, жаргонски кажано, да се „тргне од улицата“ е спортот. Сите деца во текот на летото и распустот деновите ги поминуваат надвор, играјќи фудбал, кошарка, одбојка. Постојат многу училишта за спорт во рамките на воншколските активности во училиштата, во вид на секции. Потребно е на детето да му се објасни важноста на спортот и на активностите надвор од училиштето воопшто, да се насочи на вистинскиот пат и да му се овозможи да се занимава со оној спорт што најмногу го интересира. Исто така, занимавањето со некој спорт добро влијае врз развојот на детето во секоја смисла, како физичка така и ментална, а несомнено е погодно за зајакнување на имунитетот и здравјето на детето.

Сосема е сигурно дека спортот им е омилено хоби на многу деца, особено на момчињата, па затоа не треба да им се скратуваат радоста, среќата и исполнетоста што им ја носи занимавањето со спорт. Се разбира дека постојат и негативни страни на секое хоби, па така е и со спортот. Постои можност за разни повреди кога е во прашање ова хоби, но токму од тие причини детето треба да се насочува на каква било физичка активност за да се развива на правилен начин и да ги зајакне и својот организам и своето тело.

Целта на секое хоби што е наменето за најмладите е да придонесе детето да се развива на правилен начин и да има среќно и исполнето детство. Не заборавајте дека хобито не е губење време, туку вложување во себе. Сослушајте ги желбите на детето, поразговарајте со него, следете за што се интересира и бидете му најголема поддршка при изборот на хоби. Впрочем, некои од овие хобија со текот на времето може да станат и основно определување во севкупното образование на детето и негова главна професија кога ќе порасне.

Автор: Драган Антиќ, татко



912

X