Како да се гради добар однос со детето, е клучно прашање на секој родител. Родителите на тинејџери, пак, имаат различни предизвици во однос на родителите на деца од претшколска возраст. Но, гледајќи генерално, независно од возраста, неразбирањето и тешкотиите во односот произлегуваат од фактот дека како родители (или други возрасни лица) недоволно се ставаме на местото од нашите деца. Тоа го тврди м-р Матеја Мариниќ, рехабилитациски едукатор, експерт од Хрватска, која секојдневно им дава поддршка на деца со специфични развојни тешкотии (нарушувања од спектарот на аутизмот, тешкотија при учење, интелектуални тешкотии) и нивните родители, а која смета дека играта е најкорисна „алатка“ за учење и вежбање во животот, а потоа и за постигнување подобри односи.

– Родителите често ја намалуваат важноста на чувствата и искуството на детето или ги занемаруваат. Возрасните лица имаат тенденција да даваат одговори како: Ма, тоа не е ништо – Нема зошто да се лутиш/плачеш – Ајде смири се, зошто толкава драма и слично. Скриената порака што им се испраќа е – Тоа што сега го чувствуваш воопшто не е од голема важност. Со такви одговори и скриени пораки го оддалечуваме детето од себе и создаваме дистанца во односот, па потоа во адолесцентските години се прашуваме зошто не сака да разговара со нас – вели Мариниќ.

Постојат многу совети и препораки на кој начин да се гради добар однос со децата, но она што го сметам за најважно и што сигурно ќе создаде позитивен домино-ефект е препознавањето и уважувањето на детските чувства и она што нему му е навистина важно. Колку и да е за нас големите и сериозните тоа нешто неважно. Кога детето има некој проблем, кога му е тешко, кога е луто или тажно, важно е тоа да го сфатиме сериозно и на тоа примерно да реагираме, со реченици како „Гледам дека навистина ти е тешко“, „Многу се растажи“, „Повреден си, лут си и во ред е ако не сакаш сега да разговараш за тоа“ – ова се оние кратки моменти во кои детето чувствува дека е видено и дека некој го разбира.

Чест пример на неразбирање е кога родителите со детето се во парк и детето многу се забавува, па целосно е внесено во играта. Родителите почнуваат полека да го планираат заминувањето дома бидејќи е време за вечера или некои други обврски, доаѓаат до детето и му велат дека наскоро ќе тргнат дома, па по неколку моменти му даваат до знаење и комуницираат дека си одат, на што детето почнува да протестира и да вели – „Не“ или „Не, сакам уште да седам во паркот“. Во тој момент често доаѓа до конфликт ако детето и понатаму протестира со одговорот „Уште не“. Ситуацијата обично завршува со лутина и кавга, по што и родителите и децата одат дома фрустрирани и со тешки емоции. Она што можеме да го направиме за да спречиме таков расплет на случувањата е да му кажеме на детето: „Гледам дека одлично се забавуваш и дека уживаш на тобоганот. Знам дека би сакал уште да останеш во паркот, но време е да се оди дома. Утре (или некој друг ден) повторно ќе се вратиме“.

Ако детето и понатаму протестира и не е задоволно од исходот на ситуацијата, можете да му понудите избор на некоја за него забавна активност дома која можете да ја правите заедно со него. На тој начин со детето сме се сретнале „на половина пат“, па сме препознале и сме му дале до знаење дека гледаме колку убаво се забавува во паркот, но еднакво сме истакнале дека е важно да оди дома, па таму можеме да ја продолжиме забавата во некој друг облик.

Од наведениот пример е видливо дека решението на недоразбирањето во паркот лежи во препознавањето и уважувањето на детските чувства и она што нему му е важно. Позитивниот однос е навистина убав и лесно се гради во околности во кои сите сме опуштени, среќни и задоволни, но еднаква тежина и вредност носат оние ситуации што се предизвикувачки. Во нив е важно да му се покаже на детето дека го гледаме и дека сме покрај него.

Извор



912

X