д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Често ова заболување ги зафаќа и параназалните синуси и средното уво

Кивавица (nasopharyngitis acuta, rhinitis acuta) е заболување кое настанува во рамките на акутно воспаление на слузницата на назофаринкс, т.е. на горниот дел од носот. Со оглед на неговата висока зачестеност, а и тоа што има септични и несептични компликации, неговата профилакса и лекување е посебно важна за матичните лекари и за педијатрите.

Често ова заболување ги зафаќа и параназалните синуси и средното уво.

Кивавицата е заразно заболување предизвикано од еден или повеќе вируси: рино вирус, адено вирус, ентеро вирус, инфлуенца, параинфлуенца и респираторен синцијален вирус. Кај постари деца и адолесценти риновирусите почесто предизвикуваат кивавица, отколку кај дечиња и мали деца.

Вирусите во респираторниот тракт ја оштетуваат локалната отпорност на организмот, и на тој начин потенцијално патогените бактерии од околината стануваат патогени и предизвикуваат компликации. Од бактериите што се изолираат во овие состојби најчести се: стрептокок од групата А, пневмокок, хемофилус инфлуенца и стафилокок. Ретко бактериите предизвикуваат примарно ринитис. За да настане ова заболување, важна улога има разладувањето на организмот, а тоа има поволен терен за патогено дејство на вирусите, опаѓа отпорноста на организмот во прегреани и непроветрени простории и затоа е нападнат од вируси.

На почеток локацијата на заболувањето е во мукозата на носот и има зголемена продукција на мукус (секрет) од носот.

Клинички, поголемите деца почетно реагираат со сува слузокожа. Надразнување на слузокожата на носот и грлото се манифестира со кивање. Децата потоа добиваат треска, имаат мускулна болка и кивавица. Главоболка, губење на апетитот и субфебрилност се придружни симптоми во овој случај. Времетраењето може да биде од 1 до 2 недели. Децата помали од 3 години во почетна фаза реагираат со висока температура, вознемиреност, проѕирен секрет од нос, отежнато им е дишењето и слабо цицаат. Со покачена температура се 2-3 дена.
По смирувањето на акутните симптоми, доколку се јави повторно температура, можно е да настанале септични компликации. Најчести компликации се синузитис и воспалителни процеси во други делови на респираторниот тракт.
Кај доенчињата најчесто се гледа воспаление на средното уво како компликација, поретко се јавува ларингит, бронхитис и пневмонија.

Пурулентен (гноен) синузитис често се јавува кај поголеми деца отколку во доенечка возраст.

Ринитис понекогаш е тешко да се разликува од физиолошки оток на носната слузокожа кај новороденче во првите недели од животот. Отокот не се лекува со вазоконстриктивни средства, доволно е да се става само физиолошки раствор.

Во текот на акутниот назофарингитис може да настанат реакции и од дигестивниот систем (гадење, повраќање, пролив и стомачна болка). Изолацијата на овие дечиња е најдобра заштитна мерка, особено ова важи за предвремено родените. Со ултравиолетовите зраци се постигнува релативна заштита во болничките установи. Превенција на секундарни бактериски инфекции се спроведува со антибиотици. Лекувањето е симптоматско. Антибиотиците не дејствуваат на ова заболување. Оправдано се даваат само при секундарни компликации од бактериски причинители. Локално најдобро дејствуваат капки или спреј од физиолошки раствор. Антипиретици за намалување на температура се даваат над 38,5 Целзиусови степени.

Вирусите во респираторниот тракт ја оштетуваат локалната отпорност на организмот и на тој начин потенцијално патогените бактерии од околината стануваат патогени и предизвикуваат компликации. Од бактериите што се изолираат во овие состојби најчести се: стрептокок од групата А, пневмокок, хемофилус инфлуенца и стафилокок

Се советува добро дренирање и чистење на носната шуплина, редовно со аспирација на секретот, а и да има поголема влажност на воздухот во просторијата каде што престојува детето. Доколку тоа кашла, а има и обилна секреција од нос, пожелно е да се избегнуваат силни антитусивни лекови. Депресијата на кашлицата создава поволни услови за аспирација на секрет од назофаринксот и понатамошни компликации.

Иако навидум ова е лесно заболување, најдобро е за каков било симптом да се консултира лекар и да не им се даваат лекови на децата на своја одговорност .



912

X