Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 9 години и во последно време се служи со многу лаги за кои просто не верував дека е способна бидејќи навистина се трудам да ја научам да се однесува убаво.
Покрај сите овие случувања со лажењето, нешто што најмногу ме иритира е што секоја втора вечер плаче бидејќи ѝ се скршил сонот и не можела да заспие. Почнува да лаже дека е настината, па треба постојано да мокри… Нејзиното плачење дека не може да заспие трае додека јас или сопругот не ѝ го отстапи местото во спалната соба, каде што заспива за 5 секунди. Патем, имам и помало синче, 4 години, кое редовно спие со нас. Пробав на секаков начин, и со добро, и со казна, и со карање, и со споредување со нејзини врсници, но ништо не помага, си тера по свое. Многу е тешка за разговор. Имам впечаток дека моите зборови да се одбиваат од неа. Кога ќе ја прашам зошто го прави тоа, одговорот е: „Не сакам ни јас така, ама ете не знам што ми е.“ Ве молам за помош!

ОДГОВОР: Верувам дека промените во однесувањето на вашата ќерка имаат своја психо-емоционална природа, па откривањето на причините е алатка за помош и интервенција во оваа ситуација.

Честата плачливост, лажење и раздразливост пред спиење е симптом на одредена стресогеност и потреба од близина, поддршка и утеха од страна на родителите. И самите споделивте дека тешко зборува за сопствените чувства, па како што растат децата, таквата блокада станува сериозен причинител за нарушување на психо-емоционалната состојба на детето. Во тој контекст би рекла дека е во ред понекогаш да ѝ дозволите да се вовлече во вашата постела или вие да поминете време во нејзината разговарајќи при самото заспивање, обидувајќи се да ги отворите темите како: наброј работи за кои се грижиш, од што најмногу се плашиш, побарајте од неа да ви ги довршува речениците, на пример: ми треба…; јас сакам…; јас барам за себе, јас можам… Искористете го периодот пред заспивање да ја регенерирате вашата близина и во вашата релација да почувствува поддршка во која не е осудена, споредена, без да имате многу очекувања, да биде прифатена таква каква што е.

Во таквиот канал би требало да се преточат сите нејзини грижи, дали се тоа некакви стравови, несигурности, катастрофични мисли итн., со цел да ја слушате и да ги валидирате нејзините чувства.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X