Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка само што наполни две години. Пред околу 3 месеци се сретнавме со пријатели кои не живеат во Македонија и имаат мало девојче кое е околу една година поголемо од нашата ќерка. Се видовме само три пати. Притоа, девојчињата само трчаа наоколу и си играа самостојно, бидејќи се мали за заедничка игра. Потоа почна нашиот проблем. Ќерка ми е многу интелигентна и многу зборува, за разлика од другото девојче, кое многу малку зборува и постојано испушта крици и го плази јазикот. Оттогаш, веќе 3 месеци, ќерка ми постојано го имитира девојчето, прави исти гримаси, испушта исти крици и го плази јазикот исто како неа. Тоа вообичаено го прави кога јас вршам домашни обврски или разговарам со друг, а не со неа. Инаку, во текот на денот ѝ посветуваме доволно внимание, многу работиме со неа, постојано ја носиме на прошетки и си играме. Но таа сака времето во текот на денот да биде 100 отсто посветено на неа. Пробавме полека да ѝ објасниме дека тоа што го прави не е добро, пробавме со казнување, пробавме со викање, пробавме со игнорирање. Нема никаков ефект, туку спротивно, ситуацијата станува уште полоша. Ве молам кажете ми совет како да постапуваме во тие моменти?

ОДГОВОР: Децата во оваа возраст се целосни имитатори и се спремни да ја имитираат околината доживувајќи искуства кои им причинуваат задоволство. Штом го надживеат нештото, го интегрираат и однесувањето може да прекине.

Во овој случај важно е да не придавате преголемо значење на однесувањето, да не го покажувате со прст, да не го воочувате секогаш кога го прави тоа, едноставно да не реагирате на никаков начин. Како што разбрав, таа бара целосно внимание од вас и ако не го добие веднаш, се јавува таквото однесување. Поради тоа, треба да ја поттикнете на самостојна игра и да го дозирате вашето време поминато со неа. Понудете ѝ работа и игра со тесто, пластелин, песок, вода и трудете се што повеќе да го задржи вниманието на активноста додека вие полека се повлекувате и ја оставате сама. Укажувајте на тоа дека вие сте играле со куклите и вашата игра заврши, па сега на ред е таа сама да игра. Колку што повеќе ќе доминира таквата самостојна игра, толку побргу ќе исчезне таквото научено однесување.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X