Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на девојче од 5 години. Многу сака да игра и да се дружи со деца од секоја возраст, сама им приоѓа и прва ја почнува комуникацијата. Проблем е кога некој ќе ја одбие, особено од другарчињата со кои често комуницира, тогаш почнува да плаче и да се жали дека не ја сакаат и не сакаат да си играат со неа. Особено ако децата се поголеми, често се случува да ѝ кажат: „…ти не знаеш“; „ти си мала, не сакаме да играме со тебе“; „ти си бебе“ итн. Се обидовме на повеќе начини да разговараме со неа и да ѝ понудиме различни пристапи и одговори од типот: „ако не сакаат тие, има други деца што многу сакаат да си играат со тебе“ или „оди играј си со Теона, имате исти играчки“ или „не плачи, тоа не е причина да бидеш тажна“ или „не може сите да сакаат да играат со тебе, сигурно и ти не сакаш да играш со сите“, па дури и „игнорирај ги, ќе си најдеш други другарчиња“, ама таа секогаш беше тажна и разочарана.

Дали е ова само фаза во процесот на социјализација која со текот на годините ќе се реши и дали треба да ги игнорираме ваквите моменти или како родители да влијаеме во градењето на нејзиниот став и начин на справување со вакви ситуации?

ОДГОВОР: Односите што ги гради детето со другите деца се многу важни, но тие не се секогаш толку добри и какви што посакуваме. Тие односи ќе бидат и добри и лоши, но на тој начин децата учат многу. Во тие односи детето ќе учи за прифаќањето, за одбивањето, за тоа колку има сигурност во околината околу себе, за она што сака и што не сака итн. Во тие односи ќе учи и како понекогаш другите деца без причина прават работи што немаат смисла или ќе се однесуваат со неа на поинаков начин од очекуваниот.

Како што можат да бидат многу мили и љубезни, така децата се и многу сурови, па секое дете во својот живот ќе се сретне со некое такво. За добро социјално и емоционално функционирање, многу е важна способноста да се соочуваме со разочарувањата и отфрлувањата. Речиси секое дете во развојот на некој начин доживува отфрлање од врсниците и од поголемите деца, во играта, во групата на другарчињата или, пак, во училиште. Природна е потребата да бидеме прифатени и сакани како од семејството така и од другите, но парадоксално отфрлањето и разочарувањето во даден момент се добри, сè додека се урамнотежени. Тогаш детето чувствува дека може да се носи со тоа, дека може да ги решава овие проблеми на свој начин и дека лошото искуство не трае вечно. Тоа учи дека тагата и разочарувањето се дел од животот, а како ќе расте и созрева, ќе научи дека животот е полн со подеми и падови.

Кога децата се отфрлени, тие се чувствуваат неважни или неценети, неприфатени и несакани. Разбирливо е дека одбивањето со кое се соочува вашето дете го доживува и чувствува доста лично, збунето е и повредно. Неговата цел е да „заболи“, да повреди, па затоа и вашето дете постојано се прашува и сака да ја знае причината за тоа. Затоа ние, родителите, сме тука да им дадеме одговори што ќе направат тие да зајакнат и да бидат поотпорни на ваквите однесувања.
Кога децата се мали, нивните чувства се многу силни, за нив сè е многу големо и што и да се случи, го доживуваат како да е крај на светот. Не треба да се игнорира она што го чувствува детето, на пример, наместо: „Не плачи, тоа не е причина да бидеш тажна“, кажете: „Знам дека си тажна зашто Јана не сака денес да си игра со тебе и дека ти е тешко, но вчера си игравте заедно, можеби денес таа не е расположена или можеби е уморна, па сака да си игра сама, утре пак ќе си играте заедно“. На овој начин таа чувствува дека сте ја разбрале, дека сочувствувате со она што го чувствува и дека ја разбирате. На детето му е многу важно кога родителот разбира како се чувствува, кога покажува емпатија.

Објаснете ѝ дека луѓето секој ден прават различни избори и дека и таа може да избира нешто различно секој ден.

Детето треба да биде и свесно за фактот дека не може постојано да се приспособува на барањата на врсниците, туку понекогаш треба да избира што сака, да прифати ако некој не го сака истото како неа и дека тоа не е ништо страшно и тешко, туку дека и таа и тој другиот имаат право на избор.

Можете да ѝ дадете многу примери за различностите, а воедно и да ги потврдувате нејзините добри особини, дека е доста комуникативна, дека сака да се дружи, да стекнува пријателства, дека е добар другар и дека некогаш ќе се случи и таа да не сака да игра со некого.
Потоа поразговарајте зошто толку се грижи околу одбивањето од другите деца и зошто тешко го доживува тоа. Дали можеби ѝ е страв, а ако ѝ е страв, од што? Потсетете ја дека е невозможно секогаш да се дружиме со сите, но затоа со многу деца, а и луѓе околу нас, имаме нешто заедничко што го споделуваме, се дружиме со нив, како што го наведовте примерот со: „Играј си со Теона, имате исти играчки„ или „Играј со Теона, со неа кога играш многу ви е убаво и на двете, се смеете, си играте мајки итн.“ Потенцирајте го она што тие го играат и како се чувствуваат заедно, да сфати и да препознае дека ѝ е пријатно кога си игра со Теона.

Детето чувствува најголема сигурност дома, во односите со своите родители и најблиските и кога знае дека може да споделува со вас и секогаш да ви каже што го мачи. Понекогаш кажете некои ваши примери и користете хумор да претставите како ви било тешко кога некој не сакал да си игра со вас, а особено поголемите, како сестра, братучетка итн., а дека кога сте потпораснале, сте станале многу добри другарки и сте си играле заедно.
На сите овие начини му помагате на детето да ги оддели негативните чувства од неговата личност. Ова се животни лекции кои треба да се прифатат и без разлика на сè, секогаш ќе се снајдеме и имаме други опции.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X