Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се соочувам со еден доста исцрпувачки период. Моето девојче има 3 години, од минатото лето спиеше сама во соба, знаеше во текот на ноќта да се разбуди и да побара некој да дојде кај неа или таа да дојде кај нас во спална.
Пред 4 месеци си легна да спие и се случи во сон да се стресе (како вид напад, се тресеше цела) и потоа ѝ помодреа нозете, беше свесна и викаше само „не, не, не“ ако ја прашавме нешто, и кажа дека ѝ студело. Одма отидовме на лекар, по пат повраќаше, таму пак повраќаше, и ни кажаа дека е стомачен вирус. Следниот ден отидовме на матичен лекар и испадна дека има стрептокока во носот и докторката рече дека тресењето и помодрувањето биле реакција на бактеријата. А да напоменам и дека пред 2 вечери од тресење падна на под, при што силно го удри главчето, но потоа се однесуваше најнормално. Оттогаш веќе 4 месеци немам мир, се плашам да ја оставам сама в соба да спие, постојано сум до неа за повторно да не се стресе и да не помодри, а јас да не забележам. Девојчето најнормално си функционира, зборува, игра, моментално минува низ тантруми, вика, плаче, заоѓа некогаш, се инаeти, не попушта, но повторен напад нема оттогаш доживеано, а јас сум во страшни мисли постојано…

ОДГОВОР: Сте искусиле непријатни ситуации. Најнапред сте имале стрес кога сте се соочиле со фебрилен грч на бебе, а потоа и непријатна ситуација на напад при спиење. И двете ситуации што се случиле биле поврзани со здравјето на вашето дете. Оттаму и вашиот страв, кој потекнува од катастрофични мисли кои ве ставаат во грч и штрек со чувство на вознемиреност, постојано сакате да сте до неа за да не се стресе повторно и да не помодри, а вие да не забележите. Колку што можам да разберам, на прегледите со медицински лица утврдено е присуство на бактерија, а не епилепсија или каква било друга проблематика.

Фебрилните конвлузии најчесто се без последици врз здравјето на детето кои се карактеристични за дадената возраст и се јавуваат како реакција на мозокот при нагло и брзо покачување на телесната температура во интервал од 38,5 до 39,5 степени. Настанот на напад во сон не е грч, туку мозочна и органска реакција на присуството на бактеријата што би можело да се манифестира на ист начин и при присуство на други бактерии и вируси и кај други деца, особено во оваа возраст.
Тоа значи дека мозокот не е имун на такви влијанија, но е сепак отпорен. Тој е наше најсилно орудие и има способност за невропластичност и регенерација. Оттука треба да го разграничите првото ваше искуство со второто ваше непријатно искуство. Тие не се поврзани, а тоа укажува дека немате доказ за вашите катастрофични или жешки мисли, како што ние психолозите ги нарекуваме. Немањето доказ за вашата мисла ја прави истата нереална и мисла на која не може да ѝ се верува. Наместо таква мисла, всадете го убедувањето дека вашето дете е биолошки систем и како таков некогаш ќе доживува и манифестира промени, но тоа не го прави послаб или го става во опасност. И вие како дете сте манифестирале биолошки промени, но на тоа сега не се сеќавате. Биолошкиот систем сам по себе е предодреден да се бори за опстанок покажувајќи издржливост и отпорност.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X