Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 6 години и е многу хиперактивна, љубопитна и премногу друштвена. Не посетуваше градинка бидејќи е многу тешко за запишување. Дома имаме активности, учиме да пишуваме букви, бројки, цртаме и добро го владее англискиот јазик. Но имаме еден проблем – за одење по мала нужда кажува, но за голема не кажува. Кога ќе ја прашам зошто не кажува, одговорот е не знам или така. Упорно го прави тоа и не можам да сфатам што е проблемот. Пробав со добро, со лошо, ѝ објаснувам дека тоа не е убаво и од кои причини, но ќе ми каже: „Добро, мамо, веќе нема да правам така“, и тоа трае до следниот пат. Ако може да ми дадете совет како да се справам со овој проблем.

ОДГОВОР: Нерегулираните биолошки потреби не се карактеристични за оваа возраст. Најнапред би требало да се обратите кај педијатар кој би ве упатил на дополнителни анализи со кои би се елиминирала причина како бактериска инфекција и сл.

Кога би се елиминирала таа причина, потребно е да ја разгледуваме психолошката основа на проблемот, кој најчесто има психо-емоционална природа.

За таа цел, потребно е да се направи преглед и опсервација на детето со стручно лице психолог за деца или психотерапевт, семејно системска анализа и родителско советување. На тој начин би се адресирал проблемот за кој во моментов немаме пристап и доволно информации.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X