Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам девојче од 4 години и веќе 1,5 година ги грицка ноктите, особено навечер пред спиење, додека да заспие ги грицка, ги чепка носето, ушите, косата… Ѝ кажувам дека не е убаво да ги грицка ноктите, дека ќе ја боли мешето, дека мама ќе се налути што грицка и сл., ама нема никаков ефект. Како да постапам? Како да се одвикне од оваа лоша навика? Грицкањето на ноктите се интензивира откако се роди брат ѝ. И претходно ги грицкаше, ама откако се роди повеќе го прави тоа.

Прашува: Ива

ОДГОВОР: Грицкањето нокти може да биде знак за емоционален или психички стрес. Тоа покажува дека детето е нервозно, анксиозно и не се чувствува добро. Преку грицкање на своите нокти се справува со своите чувства. Понекогаш децата имитираат други возрасни или другарчиња. Пишувате дека по раѓањето на братчето интензитетот е поголем.

Наташа Маџевска, психотерапевт

Одвикнувањето од грицкањето нокти е процес за кој треба време и многу внимание. Ви предлагам да не ѝ зборувате и опоменувате, а да пробате повеќе начини на одвикнување. Најпрво почесто сечете ги ноктите. Во текот на денот кога ќе забележите дека ги грицка ноктите, само пренасочете ѝ го вниманието со играње игра со дланките, да игра со пластелин или да црта со бои. Предложете ѝ да диши длабоко или да медитира со затворени очи, а вие да ѝ раскажувате работи кои се интересни за неа. Можете да ѝ дадете ѓерданче за џвакање за мали деца, па и некоја играчка што се џвака од помалото братче. Исто така за да ги ангажира прстите и притоа да ѝ го одвлечете вниманието од прстите, нека игра со играчка фиџет-спинер, нема да ѝ биде досадно, а прстите и вниманието ќе ѝ бидат насочени.
Бидејќи е девојче, понекогаш налакирајте ѝ ги малите ноктиња со детски лакови. Дозволете ѝ да одбере боја и создајте мајка-ќерка време за вас двете.

Истражувајте што од горенаведеново најмногу ќе одговара за вашата ќерка. За да се одвикне од навиката грицкање нокти, пробувајте, уживајте во заедничката игра и времето посветено на неа. Запомнете, ова нема да го постигнете за еден ден. Затоа најдете време и играјте.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X