Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на дете од речиси 3 години. Имам брат со две машки деца на возраст од 9 и 4 години. Еден ден бевме кај мајка ми на гости кога едниот внук си дојде со повредено колено кое малку крвавеше бидејќи паднал од велосипед. Ќерка ми некако многу страшно си го сфатила тоа и оттогаш не сака да контактира со никој од нив, не сака да одиме таму и уште при доближување до самата порта плаче. Пробав да ја внесам иако не сакаше, цел саат плачеше додека не си тргнавме дома, а не се ни качи во куќата. Не сака ни да си игра со братучедите, а порано не можевме да ги сопреме. Не сака ни тие да доаѓаат кај нас. Ве молам за помош, очајна сум.


ОДГОВОР: Дете на тригодишна возраст внимателно го набљудува светот и постепено учи за него. Ситуацијата на која било изложено вашето дете предизвикала силен страв од опасност, кој детето го контролира преку одбранбени механизми со тоа што ќе го избегнува тоа место или тие луѓе. Таквото избегнување го брани детето од соочување со непријатното чувство и доживување.

За полека да ја вратите безбедноста, почнете да ја користите ситуацијата пренесувајќи ја во симболичка игра. Добро е познато дека децата го амортизираат стресот и разрешуваат многу конфликти, канализираат емоции баш преку таа симболичка игра каде што преку заземање улоги на предмети или животни или, пак, играње улоги и менување улоги нешто се случува, развива и разрешува. За да направите мост до таквото стресогено искуство, сработете ја и психотерапевтската бајка „Кога Летко е тажен плаче“, која обработува повреда од прирачникот „Кога Летко е тажен“. Потоа постепено изложувајте ја на местото и на децата укажувајќи ѝ на нејзината безбедност и сигурност.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X