Војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, сопруга на британскиот принц Вилијам, ја истакна важноста на првите години од животот на едно дете во поткаст во кој сака да промовира поголема грижа за децата на таа возраст.
Во 40-минутниот разговор на поткастот „Среќна мајка, среќно дете“, кој е веќе во петтата сезона, таа рече дека цело време се грижела дали ќе биде добра мајка, додавајќи дека мајките што велат дека не размислуваат за тоа всушност лажат.
– Доведувањето во прашање на сопствените одлуки, сопственото мислење и сите тие работи почнува веднаш штом ќе имате дете. Јас целосно ги потценив влијанието и промената што ги внесе во нашиот живот – вели Кејт.
Според неа, за способноста навистина да ужива во времето што го поминува со блиските може да ѝ се заблагодари на нејзината прекрасна баба, која им посветила многу време, играла со нив, готвела и ги учела како да работат со рацете.
– Голем дел од тоа искуство се обидувам повторно да го доживеам со своите деца – рече таа потенцирајќи дека најважниот период во воспитувањето на детето е од зачнувањето до петгодишната возраст.
Кралската двојка има три деца: принцот Џорџ, кој има 6 години, 4-годишната принцеза Шарлот и принцот Луис, кој има 20 месеци.