Училиштата ги прават протоколите за заштита од коронавирусот додека траат уписите на првачињата. Во „Коле Неделковски“ протоколот предвидува да им бидат дезинфицирани чевлите на родителите и на децата кога ќе дојдат во училиштето, измерена температура, а потоа ќе треба да облечат каљачи, ќе си ги дезинфицираат рацете и ќе треба да носат маски и ракавици, а наставничката ќе ги спроведе и однесе до училницата во која секое дете ќе биде тестиранo

Во ова време на пандемија на Ковид-19, училишните раководства размислуваат како да го спроведат уписот на првачињата, кој треба да почне за некој ден. Додека се чекаат насоки од Министерството за образование и наука (МОН), некои училишта веќе имаат протокол по кој ќе се водат за тестирањето на дечињата да биде што побезбедно за нив и за нивните родители.

Светлана Масларевска, директорката на скопското Основно училиштето „Коле Неделковски“, вели дека ќе се потруди максимално да бидат заштитени и децата и родителите, а и вработените на денот на тестирањето и уписот во училиштето.

– Ќе ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и ќе работиме според нивните насоки. Затоа ние како училиште со тимот направивме протокол кој е во соработка и поддршка од Општина Центар, а тој е направен заради заштита на безбедноста на децата при прием. Ги повикувам родителите да не се плашат, да дојдат со своите дечиња, ќе бидат целосно безбедни. Ги очекуваме да дојдат – порачува Масларевска.

На влез – дезинфекција на чевли

Протоколот предвидува да им бидат дезинфицирани чевлите на родителите и на децата кога ќе дојдат во училиштето. Откако ќе влезат, ќе им биде измерена телесната температура, а потоа ќе треба да облечат каљачи. Ќе си ги дезинфицираат рацете и ќе треба да носат маски и ракавици. За целото време ќе ја одржуваат потребната дистанца.

Светлана Масларевска

– Наставничката ќе ги спроведе и однесе до училницата во која секое дете ќе биде тестирано. За оваа цел, тестирањето ќе се одвива во повеќе училници. Секое детенце ќе си носи од дома боички и фломастери. Во училниците има поставено букви, броеви, годишни времиња. Тој што ќе го прави тестирањето оддалеку ќе ги прашува децата и ќе го води разговорот. Секое дете ќе треба да нацрта цртеж кој останува во училиштето. На крајот, искористените маски, ракавици и каљачи ќе ги фрлат во канта посебно одредена за таа намена – појасни Масларевска.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, рече дека се надева дека овој пример ќе го следат не само училиштата во Општина Центар, туку и останатите училишта.

– Ние како општина заедно со училиштата сакаме да направиме услови за децата и родителите бидат максимално безбедни при уписите – рече градоначалникот.

Соња Палчевска-Ќосева, раководител на одделение за јавни дејности во Општина Ѓорче Петров, вели дека во соработка со Министерството и согласно организацијата на ниво на Општина е подготвен протокол за упис на првачињата во кој се изработени повеќе инструменти и обрасци кои ќе помогнат при уписот на учениците и подобро формирање на паралелките.

– Уписот ќе се врши електронски за родителите што можат, а за оние родители што нема да бидат во можност електронски да се пријават, во соработка со стручните служби, се организира упис на децата во училиштето, запазувајќи и придржувајќи се на мерките за заштита на коронавирусот – објасни Палчевска-Ќосева.

Некои општини најавија дека тестирањата ќе се одвиваат во строго утврдени термини со закажување.

Катерина Ническа-Мартиноска, директорката на Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, вели дека веќе две недели се работи на организација на процесот за упис на првачиња.

– Внимателно ќе се изведе целиот процес, со почитување на препораките за заштита. Родителите си знаат дека треба да носат маски, а ние во училиштето ќе имаме средства за дезинфекција – вели таа.

Кои документи се потребни за упис?

Пред да се реализира тестирањето во училиште, се прави уписот на првачиња. Тој може да се направи електронски на адреса дадена од училиштето. Се пополнува пријава, која треба да биде доставена електронски.

Родителите/старателите што немаат можност електронски да ја пополнат пријавата, можат да ја подигнат во печатена форма од училиштето. Потребни документи за запишување се Извод од Матична книга на родените на ученикот (копија), лична карта од родител на увид, потврда за примени задолжителни вакцини (останува во училиштето), потврда за орално здравје од стоматолог (останува во училиштето). Документите треба да бидат доставени на денот на тестирањето.



912

X