Не е лесно да се биде родител. Покрај сите добри страни на оваа најважна „работа“, тоа значи и дека мајките и татковците понекогаш мора да ги дисциплинираат децата, кога тие покажуваат непочитување или не се однесуваат убаво. Во тоа може да ви помогнат совети или примери на пет методи на дисциплина кои научно е докажано дека „функционираат“.
Пренасочување или одвлекување на вниманието
Префронталниот кортекс на детето, кој помага при донесување одлуки и рационално расудување, сè уште не е целосно формиран кај децата. Во практика тоа значи дека кога на вашето двегодишно дете 50 пати во текот на денот ќе му кажете дека е премногу блиску до шпоретот и дека може да се изгори, имајте на ум дека неговите вештини за саморегулација не развиени. Во оваа смисла, единственото нешто што ќе помогне е да го пренасочите или да му го одвлечете вниманието со нешто, објаснува терапевтот Ким Опено.
Земање тајмаут
Кога чувствувате дека може да ве обземе гневот и дека може да удрите дете во кулминацијата на таа емоција, најдоброто нешто што можете да го направите е да заминете и да направите краток тајмаут. Кратка пауза ќе ви помогне да бидете посвесни за вашите емоции и да разберете дали е фрустрација, замор или нервоза што ве тера да го удрите вашето дете.
Моделирајте го однесувањето што сакате да го видите
Експертите постојано укажуваат дека физичката дисциплина, односно казнувањето на децата не само што не ги носи посакуваните резултати, туку е штетна и за најмалите. Студијата објавена во стручното списание „Журнал за семејна психологија“ покажала дека децата што биле почесто тепани од родителите го повторувале лошото однесување во рок од десет минути.
Ако сакате вашето дете да ве слуша и да разбере што згрешило, треба да го научите на тоа. Единственото нешто што го прави удирањето е да го натера вашето дете да се плаши од вас, но тоа не го учи на последиците од неговото однесување или како да го контролира.
Во овој поглед, најдобро е да се биде пример за детето, т.е. да се однесувате како што сакате да се однесува и детето затоа што малите го имитираат однесувањето на нивните родители.
Поставете јасни правила
За децата е многу збунувачки ако едниот родител мисли дека скокањето на креветот е забавно и дозволено, а другиот не го дозволува тоа и го казнува. За да избегнете такви ситуации, најважно е вие и вашиот партнер да поставите јасни правила во однос на родителството и да се придржувате и двајцата – така детето секогаш ќе знае што е дозволено, а што не.

Размислете за фазата на развој на детето
Децата поминуваат низ различни развојни фази уште од најрана возраст и тоа треба секогаш да го имате на ум. Во оваа смисла, казнувањето на бебето за ставање нешто в уста, што на таа возраст е начинот на кој тоа ја истражува околината, нема никакво влијание, освен што го потиснува неговиот развој. Затоа, дајте му нешто што е безбедно да го стави в уста.
Од друга страна, ако петгодишно дете стави нешто в уста што вие сте му рекле да не го прави, тогаш е во ред да го дисциплинирате – повторно, ова не значи физичко казнување.
На крајот на краиштата, викањето и удирањето, грубото казнување на децата, не го поттикнува доброто однесување кај нив, ниту ги учи на добро однесување, туку само создава дистанца помеѓу вас и малечкото. Во дисциплинирањето, примерите што ги давате и алтернативите што ги поттикнуваат децата да ве слушаат и почитуваат се многу покорисни.
912