Навистина е нормално да се согласувате подобро со некое од вашите деца и сѐ додека не го форсирате тоа, односно јасно не го покажувате, вие сте сепак добар родител. Но, зошто вашето дете, или децата поттикнуваат толку многу реакции од ваша страна?

Погледнете ја оваа прекрасна девојка на сликата. Да замислиме дека таа е ваша ќерка. За една иста девојка, различни родители може да размислуваат на бесконечно многу начини. Еве низа интерпретации на нејзиното однесување што ги слушнав од клиенти на сесија:

-Мрзлива како сестра ми. Секогаш чита, чита, чита. Нејзините браќа и сестри помагаат во чистењето, а таа седи на каучот како и обично.
-Таа е паметна како нејзиниот татко. Фала му на бога, не ја наследи дислексијата од мене. Таа е навистина светлината на мојот живот.
-Еве ја мојата ќерка романтичарка која навлегува во друг роман. Со главата во облаци, таа веројатно ќе ги направи истите грешки што ги направив јас. Се омажив од љубов и еве ме сега со мојот идиотски невработен бивш сопруг, кој таа секако го става на пиедестал.
-Какво вербално дете, иста каква што бев јас. Секогаш со главата во книгата, мајка ми секогаш се смее за тоа дека знаела оти ќе бидам писател уште од својата 3-та година. Можеби мојата ќерка ќе биде писателка како мене.
-Анксиозен интроверт како нејзината мајка. Се прашувам дали и таа ќе биде премногу вознемирена за да има работа со полно работно време.

Овие примери можеби звучат екстремно, но сите тие се прилично репрезентативни за начините на кои луѓето ги проектираат своите проблеми на нивните деца. Проекциите се засноваат на вашите чувства за себе, за партнерот, за вашите браќа и сестри, за вашите родители, за вашите роднини и за кој било друг што потсвесно ве потсетува на вашето дете. Ако сте искрени со себе, веројатно донесувате слични пресуди за вашето дете на редовна основа и нема ништо целосно „објективно“ во процената на кој било родител за своето дете.

Може да биде исклучително корисно да откриете зошто сте поттикнати од одредени делови од карактерот на вашите деца или одредени однесувања кај нив. Поставете си ги овие прашања:

-На кого ме потсетува моето дете?
-Како се чувствувам за оваа личност (вклучувајќи го тука, се разбира, и чувството кое го имате за себе ако ве поттикне на реакција детето за кое сметате дека ги наследило вашите најлоши особини)?
-Како да го согледам ова дете пообјективно?

За бројот три, можете да направите интроспекција и да ги напишете ако тоа ви е корисно, вистинските објективни повратни информации што сте ги добиле од другите за вашето дете. Вклучете го и она што го велат наставниците, пријателите, врсниците на детето, вашиот сопружник или поранешен партнер, вашето семејство, лекарите, тренерите и кој било друг. Размислете за повеќето позитивни особини и повеќето негативни. Ова може да ви помогне да го гледате вашето дете како целосно и нијансирано човечко суштество и да ви овозможи да бидете најдобриот можен родител.

Забележете дека фокусирањето исклучиво на позитивните повратни информации што вашето дете ги добило и игнорирањето/негирањето на негативните му прави на вашето дете огромна лоша услуга. Многу родители, без да сфатат како им звучат на другите, кажуваат работи како:

-Дали споменав дека заменскиот фудбалски тренер на Колтон рече оти е супер вешт во фудбалот? Фала му на бога, неговиот редовен тренер беше отсутен затоа што тој човек се фокусира само на неговото „однесување“, бидејќи претпоставувам дека заборавил како изгледа бесно дете!

-Значи, наставничката на Колтон во градинка, која рече дека има АДХД, сега работи во друго училиште. Се обложувам дека е префрлена затоа што е толку негативна личност и искрено – прилично е лоша во предавањето.

-Престанав да зборувам со сестра ми бидејќи таа рече дека Колтон не требало да го турне нејзиното дете во калта и дека не разбирала ништо околу тврдењето дека е норма на однесување – момчињата да бидат физички понасилни. Па добро, никогаш не ја сметав за тетка полна со поддршка.

Моралната порака од приказната е да не ја ставате главата в песок како мајката на Колтон, но исто така да не го нарекувате вашето дете кое ги сака книгите – здодевно и иритирачко, затоа што ве потсетува на вашата претенциозна сестра. Испитајте ги вашите сопствени предрасуди и воспитување и вашата концепција за вашето дете ќе стане порамномерна, па навистина ќе можете да го согледате и сакате вашето дете поради личноста која е.

Автор: Саманта Родман Вајтен

Извор



912

X