Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Си ја сака својата работа, има реални очекувања од учениците и ги охрабрува, има добра комуникација со родителите…

Сите што сме го завршиле образованието се сеќаваме на некој наставник, постојано го споменуваме и велиме – тоа беше наставник. Наставниците имаат долготрајно влијание врз животот на нивните ученици, а оние најдобрите ги инспирирале своите ученици, им го промениле животот.
Често знаеме да коментираме дали некој наставник е добар или не, без притоа да образложуваме зошто така мислиме, па се стекнува впечаток дека чувството е субјективно. Но и покрај оваа субјективност, кога би генерализирала, од следењето, постигнатите резултати, изјавите од луѓето инволвирани во образование, би издвоила неколку карактеристики на оние наставници за кои знаеме да кажеме дека се добри.

1.Aнгажиран и ентузијастичeн, со сопствен стил на работа. Поради тоа, постојано успева да го задржи вниманието на своите ученици, да изведува интересни и интерактивни часови, па нема можност за недисциплина и невнимание.

2. Добро ги познава наставните програми и наставните содржини. Наставникот е должен секогаш прво тој да го научи и усвои материјалот, уште поважно да пронајде соодветни методи како на интересен начин да им го пренесе на учениците. Ова можеби се подразбира, но не е секогаш така. За жал, а не секогаш поврзано со годините, имаме наставници кои не се многу заинтересирани да учат темелно и постојано да учат и напредуваат.

3. Поставува јасни цели, планира согласно со нив и ги постигнува. Знае точно што и како треба да ги поучи своите ученици на секој час. Факт е дека нашиот образовен систем е целосно определен со детални наставни програми и стриктно посочени содржини и активности кои можат да се одработуваат. Но, за среќа, сè уште има такви наставници кои успеваат и покрај ова да внесат нешто иновативно во својата работа, вешто да ги прескокнат или дополнат дадените содржини и на сопствен начин да ги реализираат дадените цели.

4. Вешто управува со паралелката. Разликата е во тоа што во овие паралелки учениците добро се однесуваат, имаат изградени работни навики и преовладува меѓусебно почитување. И покрај сета литература во врска со вештините на наставникот за управување со паралелката, сè уште не би можела да дадам објаснување зошто е така. Знаете, има „мрзливи“ наставници кои прекрасно поучуваат, има и највредни кои не успеваат, има „најучени“ наставници кои ништо не можат да применат, а има и такви што никогаш ништо стручно не прочитале, ама вешто се справуваат со сите предизвици.

5. Одржува дисциплина на часовите бидејќи без дисциплина не се учи. И кај најнеинвентивниот наставник кај кој има дисциплина учениците научуваат нешто. Дисциплината е појдовна точка за да успее часот, да се ангажираат учениците, да се постигнат целите. Ова се постигнува преку доследност, поставување јасни правила и позитивно однесување.

6. Си ја сака својата работа. Можеби не се секогаш задоволни со условите во кои работат, со односот кон нив, но тоа не им е пречка во училница со страст и возбуда да поучуваат. Е, ним треба да им се одушевуваш, некогаш „планини“ носат на плеќите, но нивниот однос кон ученикот останува неизменет, а во училницата се она што треба да бидат.

7. Добра комуникација со родителите. Отворено и искрено разговара со родителите во врска со нивните деца, ги информира за однесувањето на нивното дете, за програмата што треба да се реализира, за дисциплината, за оценувањето и друго. Точно е дека комуникацијата со родителите најмногу влијае врз ставот на родителите за нивниот наставник. Но, внимавајте, не е нужно најдобар оној наставник што ви кажува само добри и позитивни работи за вашето дете. Најдобриот наставник ќе ви ја каже вистината в лице и ќе побара заеднички да го решите проблемот.

8. Има реални очекувања од своите ученици и го охрабрува секој ученик да биде најдобрата верзија од себеси. Но, напредокот го гледа и споредува само индивидуално, никогаш не споредува ученици. Овде се најголемите недоразбирања меѓу наставникот и родителот бидејќи родителот најчесто своето дете го споредува со другите, а ако наставникот му вели дека добро постигнува, но не споредено со другите, туку со успехот од пред една година, тешко дека ќе се согласат.

9. Воспоставува доверлив однос со учениците. Не сите се сложуваат дека наставникот треба да е премногу близок со учениците, но не е исклучено и често се случува учениците да му се доверуваат на наставникот и за најинтимни работи. Можеби ова е и најтешката обврска со која се соочува наставникот, воопшто не е лесно да восприемиш толку многу чувства од толку многу ученици низ годините. Поради оваа карактеристика знаат да бидат запомнати од своите ученици, можеби и да им го променат животот.

Дополнете ја листата. Што е, според вас, добар наставник?



912

X