Ако првпат сте бремени, веројатно ви се чини дека на вашето бебе му е потребно сè што ќе видите. За да не купувате работи што ќе ви бидат непотребни, послушајте ги советите на искусните мајки

Ако сте мајка која чека второ, трето, четврто дете, веќе сте експерт кој точно знае што треба, што ќе купите, што ќе позајмите, што веќе имате, што навистина ви е потребно.

Ако првпат сте бремени, можно е во еден момент да не знаете каков производ да купите од многуте производи за деца што се нудат.
За да не трошите пари на непотребни работи, можеби ќе ви помогнат советите на 10 мајки со кои разговаравме за најнекорисните (и најскапи) работи што ги купиле или некој им ги подарил.
Имајте на ум дека секоја мајка раскажува од свое искуство, ако за една тој производ се покажал бескорисен, на друга ѝ го спасил животот, па затоа наведените работи не мора во истиот момент да ги отфрлите од вашиот список за купување, но сигурно нема да ви наштети ако ги слушнете советите на мајките што поминале низ она низ што вие поминувате сега.

Канта за пелени, премногу облека

Почнуваме со две работи за кои повеќе мајки се согласија. Тоа се кантата за пелени и премногу облека.
„Кантата за пелени не е премногу скапа, но е апсолутно глупава и непотребна. Наменета е за чување на пелените за да не смрди низ куќата. Меѓутоа, во таа канта, која е предвидена за чување на валканите пелени, тие уште повеќе засмрдуваат“, рече една мајка.

Проблемот со вишокот облека настанува поради тоа што децата премногу брзо ја надраснуваат. Една мајка се присети, меѓу другото, и на специјалниот комплет за излегување од болницата.

„Според моето мислење, глупаво е да купиш, а не знаеш дали ќе биде добро, а ако ти треба за да го сликате детето, и онака е замотано, па нема ни да се види. Се сеќавам дека беспотребно го барав совршениот комплет за моето бебе“, признава друга мајка.
На листата со непотребни работи се најдоа и перницата и јорганот за бебе, шише кои мајките не го користеле бидејќи доеле (иако велат дека за тоа не може однапред да се знае), скап душек за бебе до три месеци, детски автомобил на акумулатор, држач за во када додека се бања бебето, кревет за патување, стерилизатор…

„Сите овие се скапи работи без кои може да се живее“, рече низ насмевка една мајка на чија листа се најде и споменатиот стерилизатор. Таа додаде дека сето тоа зависи од личност до личност.

„Мојата сосетка е воодушевена од стерилизаторот, но за мене претставува глупост што чини многу, а да стерилизирам можам и во тенџере“, објаснува таа.

Една мајка признава дека малку избрзала кога од својот сосед столар нарачала комода за пресоблекување по нарачка. Кога ја видела комодата, се заљубила во неа иако била прилично скапа, а работата за која мислела дека ќе ѝ биде најкорисна на свет денес има сосема поинаква улога.
„Употребена е трипати кога доаѓаше патронажната сестра, а сега е закачалка за алишта“, признава оваа мајка.

Повеќето мајки на својот список го ставиле и бебешкото креветче бидејќи нивните бебиња првите денови, па и месеци ги поминале на големиот кревет заедно со мама. Место на листата добиле и лулшката за бебиња, носилката, пилатес-топка за смирување и заспивање.

Скапо наспроти евтино

Често мајките преку своите одговори го посочуваа фактот дека за некои работи што скапо ги платиле, можеле да поминат и со нивните поевтини варијанти. Една мајка раскажува за својата пријателка која добила скапо столче за хранење кое било популарно на „Инстаграм“. Столчето го користела само еден месец бидејќи станало премало за нејзиното дете.

Дека некој подарок со времето добива сосема нова намена, раскажува една мајка чие дете на подарок добило проодувалка.
„На моето дете секогаш му беше интересно да се подигне држејќи се за мебелот. А проодувалката има соодветни фигури, ѕвездички, триаголници, кои треба да се вметнат во соодветната дупка. Е со тие ѕвездички денес јас правам колачи“, раскажува низ насмевка оваа мајка.
И на крајот ги оставивме играчките. Повеќето мајки признаа дека уште пред раѓањето на бебето купиле огромен број играчки, особено оние кадифените што подоцна им биле непотребни. Една од мајките со кои разговаравме на своето бебе му купила двометарско кадифено куче.

„Еднаш само лежеше на него, повеќе од една година собираше прашина и потоа решивме да го продадеме“, рече мајката, а друга мајка објаснува дека нејзиното бебе, како и другите бебиња, сè уште не го познава концептот на играчките.
„Повеќе сакаат да си играат со влажните марамчиња, торбите и пелените“, додава мајката.

Идеална мерка

На крајот, ќе повториме уште еднаш, овие десет мајки седеа на иста маса. Две работи се сигурни, околу некои работи би се сложиле, а за некои не, бидејќи ако за едната тоа било најдобрата работа на светот, за друга било непотребно.

Во секој случај, ако сте во фаза на купување работи за вашето бебе, не е лошо да побарате совет од некој што  поминал низ тоа, па можеби ќе се најдете на некоја златна средина.

И, се разбира, ако навистина ви се допаѓа некој фустан за вашата идна ќерка, купете го. Само обидете се да поставите некои граници за да не се најдете пред плакар полн со фустани кои вашата ќерка ќе ги надрасне за еден или два месеца.
Едноставно обидете се да пронајдете идеална мерка – како и со сите други работи во животот.



912

X