Дали се обидувате да одлучите какво шише да користите за хранење на вашето бебе? Експертот Ровена Бенет ги истражува различните типови шишиња што се достапни и разликите меѓу нив за хранењето на децата.
Пред цела една генерација родителите избираа помеѓу стакло или пластика, како и во однос на големината. Опциите беа малку на број – пластика или стакло, мало или големо. Како родител на дете што се храни од шише, во денешно време имате многу голем избор, а сакате да го направите вистинскиот. Има шишиња со различни материјали, форми, дизајни, бои и големини, како и со различни цени.
Материјал
Пластичните шишиња се лесни и не се кршат. Пред неколку години се појави сомнеж околу хемикалиите што се користат за производство на пластиката, особено за бисфенол – А, како и нивниот ефект врз децата. Состојбата на пластичните шишиња може да се влоши со текот на времето, па фрлете ги ако забележите дека пластиката станала матна. Стаклените, пак, траат подолго, но се тешки и кршливи. Некои компании поставуваат и слој од силикон врз шишињата како превенција од кршење. Стаклото обично го одбираат родителите што претпочитаат „еко-френдли“ продукти или оние што се загрижени за хемикалиите во пластиката. Ова се поскапи шишиња за разлика од пластичните.
Големина
Бебешките шишиња се достапни во две големини: 120 милилитри и 240 милилитри. Повеќето бебиња ќе ги бараат поголемите шишиња кога ќе имаат околу четири месеци. Можете да изберете од помалечките, а потоа да земете поголеми шишиња кога бебето ќе ја достигне таа возраст, или користете поголеми шишиња од самиот почеток.
Форма, дизајн и додатоци
– Стандардни шишиња: ова се цилиндрични шишиња, најевтини се и најчесто користени. Можете да ги купите во различни бои и декорирани.
– Шишиња со широк „врат“: кај овие шишиња полесно може да се вметне формулата за вештачко млеко. Сепак, ќе бидете ограничени во однос на користењето соодветна цуцла.
– Шишиња со агол: овие шишиња имаат свиок, па млекото се собира во пределот на цуцлата.
– Вентилирани шишиња: овие шишиња имаат отвор што личи на цевка и дозволува воздухот да влезе во шишето додека бебето се храни.
– Шишиња со облоги за еднократна употреба: овие шишиња содржат пластична, внатрешна торбичка или лагер за еднократна употреба што го затвора млекото. Лагерот се распаѓа кога бебето го отстранува млекото.
– Шишиња чувствителни на топлина: овие шишиња имаат вграден сензор за температура кој ја менува бојата кога млекото е премногу топло.
– Шишиња што сами се стерилизираат: овие шишиња ви овозможуваат да заборавите на посебна опрема за стерилизација. Едноставно истурате вода во основата и оставате во микробранова печка 3 минути за да се стерилизира.
– Сет шишиња: овие шишиња имаат дополнителни додатоци како рачки и слично, кои може да бидат прикачени за шишињата што ќе му требаат на детето во зависност од неговата возраст.
– Шишиња во различни форми: пластиката може да се обликува во различни форми. Некои шишиња се дизајнирани за бебето да може да ги држи. Во зависност од облиците, овие шишиња може да бидат тешки за чистење.
Препораки
Сум хранела многу бебиња во текот на годините и сум користела различни шишиња. Колку и да изгледа импресивно некое шише, или какви придобивки и да нуди, сепак, врз основа на моето искуство, сметам дека шишето за хранење е само сад за млеко и други течности. Изборот на цуцла сигурно ќе има поголемо влијание врз начинот на кој бебето се храни и врз самото уживање во процесот отколку самото шише. Одберете соодветна цуцла и поставете ја на најевтиното шише и сигурно ќе добиете ефикасно шише за хранење, дури и ако не е скапо и „дизајнирано“ шише. Сепак, на крајот на краиштата, во изборот на шишето најмногу ќе влијае вашата лична желба и вашата подготвеност за инвестирање одредена сума пари.
Автор: Ровена Бенет