Воспитувањето деца е тешка работа. Биолошката подготвеност за родителството често не ги проследува емоционалната и психолошката. Емоционалната зрелост значи знаење да се контролираат своите емоции, да се преземе одговорност за сопствените грешки, наместо да се обвинуваат другите и да се прифаќаат ставовите и на другите луѓе. За жал, да се биде полнолетен не значи и емоционална зрелост, а тоа може да има негативни последици за децата чии родители се емоционално незрели.

Емотивно незрелите родители едноставно не се психички и емотивно подготвени да ги преземат предизвиците на родителството и воспитувањето деца. Од пресудна важност е да се работи на себе и сопствената емоционална интелигенција. Можеби некогаш сте се запрашале како изгледаат емоционално незрели родители? Ова се одговорите:

Емоционално незрелите родители знаат да водат грижа само за физичките потреби на децата

Тие може да се извонредни во задоволувањето на основните потреби на децата. Може да им обезбедат храна, дом и образование, а ќе се грижат за нив и кога се болни. Но, таквите родители не се баш добри во давање емоционална поддршка. Кога нивното дете е загрижено или вознемирено, би можеле да ги отфрлат тие чувства бидејќи не можат да разберат како детето на кое сѐ му е обезбедено може да има проблеми.

Не знаат да ги изразат своите емоции

На емоционално незрелите родители тоа им е непријатно. Важно е детето да знае дека е сакано, но таквите родители не се баш добри во изразувањето наклонетост. Можеби е тоа поради начинот на кој и самите се одгледани – дека емоциите не се нешто за што би можело да се разговара. Потоа, подоцна во животот, се плашат да не изгледаат ранливи или слаби ако сакаат да се поврзат со своето дете на подлабоко емоционално ниво.

Не ги уважуваат туѓите мислења

Емоционално незрелите родители мислат дека тие се единствените што знаат што е најдобро. Ако имате различно мислење, нема смисла да се преговара за пронаоѓањето средина бидејќи вашето гледиште едноставно нема да биде прифатено. Па така, додека сте биле дете, веројатно секогаш сте морале да ги правите работите онака како што вашите родители сакале и сметале дека е најдобро за вас.

Се однесуваат незрело/детинесто

Со оглед на тоа дека не знаат да ги изразат своите емоции на здрав начин, можеби ќе биде тешко да кажат како се чувствуваат. Сепак, би можеле да очекуваат дека нивните деца на некој начин ќе знаат кои емоции ги проживуваат и што им треба. Ако ако детето не го знае тоа, би можеле да се вознемират и да го натераат детето да се чувствува виновно.

Често го напаѓаат детето и ја префрлаат одговорноста на него

Често може да ги изгубат нервите, па дури и да го обвинуваат своето дете за она што ги вознемирило. Како дете веројатно сте биле многу внимателни во врска со тоа што сте зборувале или правеле со родителите бидејќи сте се плашеле дека тоа ќе ги налути.

Не ја признаваат својата вина

Емоционалната работа е она што го правите за да одржите однос со некого. Во семејство со емоционално незрели родители товарот од оваа работа паѓа на детето. Негова работа е да се поправи затегнатата врска, дури и ако за причината за напнатост не е виновно детето. Неговите родители, од друга страна, можеби никогаш нема да признаат дека погрешиле и нема да се извинат за своето однесување.

Нивното однесување е нестабилно

Емоционално незрелите родители и нивните емоции лесно се под влијание на други луѓе или други надворешни фактори. Нивното расположение би можело често да се менува, како и начинот на кој комуницираат со своето дете. Би можеле да бидат многу вклучени во животот на своето дете одредено време, а потоа одеднаш да станат незаинтересирани и воздржани.

Извор



912

X