Темелите за поаѓање на училиште се создаваат токму во јаслите. Бидејќи, какво семе ќе посадиме и како ќе го негуваме, таков цвет ќе порасне. Дали ќе израсне цветот ако не ги негуваме корените? Дали детето во шестата година ќе биде одговорно ако претходно не сме го подготвувале за тоа и не сме го учеле на одговорно однесување од најрана возраст? Дали ќе има концентрација и сосредоточено внимание од 30 минути ако од рана возраст постапно не сме го развивале и вежбале тоа? Дали подготовките за поаѓање на училиште почнуваат уште од најрана возраст?
Последната година на детето во градинка родителите ја сметаат за најважна бидејќи тогаш започнува таканаречена „подготовка за на училиште“. Многу често се користи и терминот „предучилиште“, а притоа се мисли на постарата група. И така, многу родители прашуваат: „Кога ќе почнете да ја спроведувате програмата за подготовка за училиште? Кога ќе почне „малото школо?“ Кои работни листови треба да ги купиме? Ќе им давате ли повремено домашни задачи за да им биде полесно кога ќе тргнат на школо? И да вежбаат концентрација бидејќи ќе мора да седат по 45 минути во клупата?
Подготовките за училиште почнуваат од најрана возраст
Развојот на детето и подготовката за училиштето, друштвото и животот, почнуваат од најрана возраст. Првите три години се најважни. Како да се објасни тоа? Норвешкиот педагог Годи Келер го споредувал воспитувањето на детето со растение. Детето е како растение кое расте секој ден. За да расте растението, потребно е редовно да се негува. Многу време, труд и напор се потребни за семето да пушти корења, па да порасне стебленце, листови, па дури на крајот да се појави цветот. Многу време и труд вложуваме токму во семето и во корените. Тоа се темелните вредности што му ги даваме на детето. Тоа е сето она што е под земја, што „не се гледа“. Јас тоа го поврзувам со првите три години од животот, кои се најважни. Темелите се создаваат токму во јаслите. Бидејќи, какво семе ќе посадиме и како ќе го негуваме, таков цвет ќе порасне. Дали ќе израсне цветот ако не ги негуваме корените? Дали детето во шестата година ќе биде одговорно ако претходно не сме го подготвувале за тоа и не сме го учеле на одговорно однесување од најрана возраст? Дали ќе има концентрација и сосредоточено внимание од 30 минути ако од рана возраст постапно не сме го развивале и вежбале тоа? Дали подготовките за поаѓање на училиште започнуваат уште од најрана возраст?
Тестирање за на училиште
Детето на тестирањето за запишување на училиште треба да реши одредени работни листови и врз база на одговорите се проценува графомоториката на детето, концентрацијата, разбирањето итн. А за детето на 6 години да може да го реши работното ливче, на пример: „Поврзи ја буквата со сликата“, потребни се многу вежби и работа кои детето почнува да ги развива уште во јаслите. Како? Во оваа задача имаме две главни вежби: анализа на зборовите и графомоторички вежби. Веројатно се прашувате каква врска имаат јаслите со тоа? Веќе во јаслите почнуваат првите почетоци на слушната анализа на зборовите и визуелна перцепција на буквите и зборовите. На децата им се кажуваат разни броенки кои се многу погодни за развој на ритамот, а со тоа и на слушната анализа на зборовите, нивната поделба на слогови, на пример, „О-ди ме-до на па-зар“. Многумина се прашуваат зошто лепиме големи букви во јаслите? Заради визуелната перцепција и глобалното читање, што се први почетоци на читање и пишување. За детето да може на работното ливче со молив да ги поврзи сликата со првата буквата или зборот, потребни се вежби на фина моторика во јаслите кои се спроведуваат на различни начини, а кои се предвежби на графомоторичките вежби. Зарем подготовките за поаѓање на училиште не почнуваат на најрана возраст?
Знаат да пишуваат и да сметаат и пред да тргнат на училиште
Верувам дека ќе се изненадите кога ќе сфатите дека детето знае да ги пишува буквите уште од четвртата година, почнува да чита на 6 години, го познава светот, планетите и диносаурусите веќе во третата година, почнува да користи компјутер и таблет во третата година, собира и одзема веќе во шестата, има богат речник и слично. „Од каде го знаеш тоа?“ Постојат разни поттици од сите страни кои на децата им обезбедуваат усвојување нови информации. Најчесто, доволен е само еден клик на таблетот или играчката и детето ќе чуе и ќе усвои нови знаења. Когнитивно, денешните деца се на многу високо ниво. Тогаш зошто сѐ повеќе деца добиваат одложување на упис во прво одделение кога навистина се толку паметни?
Зошто сѐ повеќе деца добиваат одложување на уписот во прво одделение?
Се проценува дека сѐ повеќе деца не се зрели и добиваат одложување на запишувањето поради тешкотиите во социоемоционалниот развој, кој е најважниот дел од развојот на личноста. Тоа е нешто што многу тешко се учи бидејќи не се работи за пренос и усвојување на информации. Исто така, во тоа подрачје од развојот најголемо влијание имаат родителите, како и нивните воспитни стилови. Кај повеќето деца доаѓа до проблеми со непочитување на правила, граници, неконтролираност на емоциите заради честото попуштање од страна на возрасните лица, недоследност или преголема заштита. Детето од првиот ден учи за емоциите, а тие се многу важен дел од личноста за развој на позитивна слика за себе, самодоверба и самопочит. Родителот е примарен воспитувач на детето и најважниот модел и пример. Со поаѓањето во градинка почнува развојот на социјализацијата. Градинката е само првото скалило и најнежниот облик на емоционалниот и социјалниот развој кој го подготвува детето за поаѓање на школо, нова социјална заедница.
А за цветот да не овене и за да остане убав и негуван, потребно е континуирано да се негуваат и неговите корени.
Текст: Лана Кихас, магистер по рано претшколско воспитување и образование