Дали вашето дете додека учи или пишува домашна работа има телефон со себе и се допишува со пријателите, ги проверува социјалните мрежи, уверено дека одлично извршува мултитаскинг?

Експертите тврдат дека овој тип на користење на мобилните телефони ја попречува концентрацијата и ја намалува продуктивноста. Во истражувањето за влијанието на мобилните телефони врз когнитивните способности, учениците што ги оставиле своите мобилни телефони во друга просторија имале подобри резултати на когнитивните тестови од оние што имале мобилни телефони на масата или во чантата, иако не ги користеле. Дури и оние што рекле дека не размислуваат свесно за своите мобилни телефони, имале послаби резултати, што значи дека пречките се јавуваат на несвесно ниво.

И на возрасните, додека работат, им е тешко да ги игнорираат пораките и известувањата од пријателите на социјалните мрежи, но има неколку дополнителни причини зошто децата и младите се особено приврзани за нивните мобилни телефони.

Голем дел од социјализацијата на младите денес се одвива преку мобилни телефони, особено во адолесценцијата, кога клучните развојни цели се обликување на сопствениот идентитет одвоено од родителите и давање предност на пријателствата со врсниците. Исто така, во споредба со возрасните, децата имаат помалку развиена способност да ги контролираат импулсите. Ова им отежнува да му дадат приоритет на пишувањето домашна задача или учењето за испит пред, на пример, допишувањето со нови пријатели.

– Децата ќе ја започнат задачата и ќе се обидат да ја завршат, но нема да одвојат време да размислуваат и да откријат како да го направат тоа на најдобар можен начин – вели д-р Мет Кругер, клинички психолог и директор на Центарот за учење и развој на американскиот непрофитен институт „Чајлд мајнд“. Можеби прават сѐ што треба да направат, но поради мултитаскингот, ќе размислуваат поповршно и ќе трошат повеќе време на задачата.

Веб-страницата „Чајлд мајнд институт“ советува да се воспостави рутина за пишување домашна работа која ќе ги намали одвлекувањата, особено ако детето има тешкотија да обрнува внимание или ако пишувањето домашна задача трае многу подолго отколку што треба.

Договорете се однапред кога и во кој ден без уред, освен ако домашната задача не го бара тоа, детето ќе пишува домашна задача. Дајте му до знаење дека целта е пишувањето домашна задача да биде полесно и помалку стресно и да му се даде повеќе вистинско слободно време. Можете, исто така, да закажете редовни кратки паузи во кои детето може да се тргне од бирото каде што пишува домашна задача и да ги проверува социјалните мрежи или пораките на својот мобилен телефон.

Извор



912

X