Без разлика дали родителите ви се најдобри пријатели или едвај ги познавате, вашата врска со нив има влијание врз тоа каква личност сте денес. Тоа го тврдел Сигмунд Фројд, а тоа го покажуваат и многубројни истражувања. Ако вашата мајка работела неколку работи, голема е веројатноста дека ќе патите од стрес. Ако родителите имале големи очекувања од вас, веројатно ќе имате подобри резултати на училиште. Ова се десетте начини на кои може да ве формирало воспитувањето од вашите родители.

1. Ако родителите ве терале да извршувате домашни работи, поверојатно е дека задачите ќе ги завршувате независно од другите.

Ако во детството постојано сте слушале дека морате да го наместите креветот, родителите ви направиле услуга. Децата што ги извршуваат домашните работи се покажале поодговорни подоцна на работа и не чекаат да им се трупаат работните обврски, смета Џули Литкот-Хејмс, авторка на книгата „Како да одгледувате возрасен“.

– Таквите личности подобро соработуваат со колегите и имаат поголема емпатија. Исто така, децата така учат дека се дел од група и дека мора да завршат некој дел од работата – смета таа.

2. Ако родителите ве учеле на социјални вештини, поголема е веројатноста дека ќе завршите факултет и ќе имате подобро платена работа.

Едно истражување следело 700 Американци во текот на 20-годишен период. Се покажало дека децата со подобри социјални вештини повеќе помагаат и се кооперативни, па до 25. година почесто завршуваат факултет и имаат работа со полно работно време.

3. Ако родителите ве лажеле, тешко ќе им верувате на другите.

Иако родителите најчесто лажат за да не повредат некого или бидејќи не знаат (или не сакаат) искрено да одговорат на прашањата, тоа може да направи повеќе штета отколку корист.

– Родителите мислат дека така ги штитат децата, но кога ќе ја дознаат вистината, ќе чувствуваат дека не можат да им веруваат на возрасните – појаснила психијатарот д-р Карол Либерман за „Инсајдер“.

4. Ако родителите ви го критикувале изгледот, поверојатно е да имате ниска самодоверба.

Негативните коментари за изгледот влијаат врз самодовербата на таа личност. Истото важи и за децата.

– Ако постојано слушате дека сте дебели или различни од другите, нема да бидете сигурни во себе – истакнува психотерапевтот Кристин Скот-Хадсон.

5. Ако родителите имале големи очекувања од вас, веројатно ќе бидете добри во училиште.

Истражување од 2015 година открило дека децата чии родители имаат големи очекувања реализирале подобри резултати на училиште. Тој тренд се однесува и на семејствата со поголеми, но и со помали примања.

6. Ако вашата мајка се образовала, веројатно и вие ќе сакате да учите.

Децата чии мајки не завршиле факултет или средно училиште имаат помала веројатност да завршат факултет, открило истражување од 2014 година кое го водела Сандра Танг од Универзитетот „Мичиген“.

7. Ако вашата мајка постојано е под стрес, веројатно е да бидете лоши по математика.

Времето што родителите го поминуваат со децата во периодот од 3 до 11 години не влијае врз нивниот академски успех колку што влијае нивната психичката состојба, особено на мајката. Истражување објавено во 2015 година во магазинот „Журнал за брак и семејство“ открило дека децата чии мајки се под стрес, имаат тешкотии или не се доволно наспани, имаат проблеми со однесувањето и со емоциите, а постигнуваат и полоши резултати на испитите по математика.

8. Ако сте девојче, а вашата мајка работи надвор од домот, поверојатно е дека ќе заработувате повеќе од другите жени.

Истражување од „Харвард“ открило дека ќерките на вработените мајки кога ќе пораснат имаат 23 отсто поголеми примања од девојчињата чии мајки го поминувале времето дома.

9. Ако вашата мајка ви давала љубов и внимание додека сте биле бебе, поверојатно е дека ќе бидете подобар ученик.

Кога родителите ќе им обезбедат на децата топло опкружување, полно со љубов и внимание до третата година, тие ќе постигнуваат подобри резултати во текот на образованието, се наведува во истражување од 2017 година објавено од Американската национална библиотека за медицина.

10. Ако родителите ве учеле да ги изразувате емоциите, помала е веројатноста да се разведете.

Детскиот психолог Ребека Берген за „Мај домејн“ открила дека децата што знаат да ги изразат своите емоции и да објаснат како се чувствуваат подобро се снаоѓаат во романтичните врски во возрасна доба.

„Стилот на комуницирање често е резултат на искуствата и примерите во детството“, вели таа.



912

X