– Не можеме секогаш да градиме подобра иднина за своите деца, но можеме да изградиме подобри деца за иднината – Френклин Рузвелт

Родителството е работа која бара секојдневно водење сметка за различни ситници, од грижа за оброци, соодветна облека до ментално, емоционално и физичко здравје на детето. Не постои магична формула за совршено родителство, тоа е работа која ја учиш во од, најчесто преку методот на обид и грешка. Дури тогаш стануваш родител, ја сфаќаш тежината на улогата што ја носиш на свој грб.

Руби Натале, професорка по клиничка педијатрија на универзитетот во Мајами, тврди дека многу нови родители користат воспитни техники што ги практикувале нивните татковци и мајки. Тоа го докажуваат дури 79 отсто од испитаниците кои веруваат дека најважните животни лекции не се промениле со текот на годините. Благодарение на нив, децата се подготвуваат за заминување од родителското гнездо во свет полн со предизвици и можности.

Што нè научиле родителите?

Растењето е важен процес во човечкиот развој, а родителите имаат главна улога во тоа.

Лекција бр. 1: Биди љубопитен

– Кога бев малечка, немавме многу пари. Но, затоа тато го будеше креативниот и љубопитен дух во нас. Наместо да купиме „Не лути се, човеку“, сестра ми и јас сами направивме игра од дрво. Не бев ниту свесна колку тоа ќе ми ја поттикне креативноста во понатамошниот живот – вели Маја (28).

Лекција бр. 2: Материјалното не е важно

– Ако во животот правиш нешто само заради пари, тогаш тоа го правиш погрешно. Убаво е да се има голем автомобил и голема куќа, но луѓето што те опкружуваат, она што го чувствуваш, твоето здравје… сето тоа е многу поважно – вели Гордана (45).

Лекција бр. 3: Што ќе посееш, тоа ќе жнееш

– Мајка ми секогаш велеше дека самата одредувам како ќе изгледа мојот живот. Кога бев помлада, доживеав некои ситуации за кои сметав дека така судбината сакала. Така и за некои лоши одлуки ја обвинував „вишата сила“, а сега сфаќам дека животот ќе ми биде таков каков што самата ќе го направам. Ништо нема да ми падне од небо и сè што сакам да имам можам да го остварам само ако во тоа вложам труд, работа и волја – вели Моника (32).

Лекција бр. 4: Работи сега за потоа да ти биде полесно

– Можеби излегувањето со пријателите ќе ми биде позабавно отколку учењето за испит, но одложувањето на работите носи поголем стрес. Татко ми ме научи да не го жртвувам она трајното за привременото и прво да ги направам потешките работи бидејќи потоа ќе биде полесно – вели Марко (23).

Лекција бр. 5: Некои работи мораш самиот да ги сфатиш

– Во средно училиште нанижав неколку единици по математика. Татко ми, кој дотогаш ме тераше и ме молеше да учам, едноставно се откажа и рече: „Гледај, јас веќе нема да те терам да учиш, бидејќи учиш за себе, а не за мене. Ако тебе вложувањето во своето образование не ти е важно, тогаш немој подоцна да ми се жалиш дека немаш пари“. Следното полугодие ги поправив сите единици и се запишав на посакуваниот факултет. Ти благодарам, тато! – вели Ивана (26).

Лекција бр. 6: Лошото може да биде добро

– Прекинот на врската со момчето беше нешто најболно и најгрдо што дотогаш го имав доживеано. Но, мајка ми ми ги отвори очите и рече дека понекогаш лошите работи може да се покажат како добри. Така и беше. Благодарение на прекинот на токсичната врска, работев на себе, се оттргнав од негативното, го променив работното место и се осмелив да ги направам повеќето работи за кои ми беше страв – вели Катарина (36).

Лекција бр. 7: Пронајди подобар бенд

– Еден од советите што ги добив од татко ми е секогаш да се стремам кон повеќе, односно ако сум меѓу лошите во бендот, да си пронајдам подобар бенд. Секогаш поставувај се во ситуации во кои мораш да изградиш подобра верзија од себе и така ќе стекнеш различни вештини – вели Мартина (35).

Една работа е сигурна – родителите го сакаат само најдоброто за децата. Животното искуство што тие ни го пренесуваат е непроценливо и одвреме-навреме треба да им се заблагодариме. Понекогаш тоа може да биде некое патување со блиските кои долго не сме ги виделе или едноставен подарок како мал знак на внимание за сè што ни овозможиле во животот. Да не заборавиме дека сме она што сме благодарение на нашите родители.

Извор



912

X