Факт е дека нашите деца се раѓаат, живеат, растат, созреваат, па до некаде и се формираат како личности во дигиталната ера, а сè почесто нивните први играчки се таблетите и телефоните, или се барем предмет на нивното интересирање. Детето секако знае сè за телефоните – инсталирање игри, гледање видеа, активности на друштвени мрежи, бидејќи родителите и блиското семејство му дале телефон в рака. Можеби видело од вас, а можеби детската љубопитност и начинот на размислување придонеле за леснотијата со која се снаоѓа со новите технологии.
Бидејќи виртуелниот свет стана важен дел од нивниот реален живот, ние, постарите, треба да им ги посочиме потенцијалните опасности и со нив навреме да ги запознаеме. Интернетот поседува низа предности и одлични карактеристики, меѓутоа, постои темна страна која вклучува незаконски активности кои им штетат на децата. Умешноста или вештината за користење на интернетот, компјутерот, таблетот, паметните телефони, не е иста со разбирањето на влијанието на акциите што децата ги преземаат онлајн. Децата не ги разбираат секогаш сите потенцијални опасности што може да се случат. Истражувањата го кажуваат следното: Во САД, од 10 деца дури 9 претрпуваат некој облик на сајбер-непријатности. Во Србија, на пример, од 3 деца едно доживува некој облик на сајбер-вознемирување.
Како децата да се заштитат себеси и својата приватност на мрежата?
За да се спречи можната злоупотреба на децата и младите, потребно е да се научат и насочат за да станат свесни како да се заштитат себеси и својата приватност онлајн. Децата треба да се упатат во безбедносна култура на користење интернет и популарни друштвени мрежи. Треба да развиваат здрави сајбер-идентитети, да научат како да ја сочуваат својата приватност, што помалку да се изложуваат на ризици во виртуелниот свет, да научат да разликуваат корисни и вистинити информации од лажни и непроверени. Сè почесто слушам родители како загрижено коментираат дека нивните деца подобро се снаоѓаат со употреба на телефоните, компјутерите и интернетот од нив. Тоа кај некои од нив предизвикува страв и грижа. Сепак, незнаењето или слабата информираност за користењето нови технологии не треба да ги одврати родителите од занимавање со активностите на нивното дете во виртуелниот свет и секако не смее да биде изговор. Постојат едукативни спотови и текстови на овие теми на интернет, а постојат и апликации.
Родителите мора да постават јасни правила кога е во прашање користењето на интернет и на телефоните – од временско траење, односно колку долго е детето пред монитор, преку содржините што ги гледа или апликациите што ги користи, и мора да постојат санкции доколку правилата се прекршат. Родителите треба да му објаснат на детето дека интернетот и друштвените мрежи не се лоши, туку извонредно корисни средства, но дека мора да се почитуваат правила:

– За почеток, доколку детето сака да има профил на социјалните мрежи, профилот мора да биде приватен (заклучен), па објавите да не може да ги видат непознати луѓе и личности и лица кои детето не ги прифатило за пријателство.
– Не треба да прифаќа непознати луѓе како следбеници, ниту да комуницира со лица што не ги познава.
– Никогаш не треба да издава, пишува и остава приватни информации за себе (во кое училиште оди, адреса, број на телефон…).
– Не смее да остава лоши коментари, да озборува, навредува, пцуе на социјалните мрежи.
– Секој вид насилство (закани, уцени, злоупотреба на фотографии) веднаш треба да ви го пријави вам и на наставникот.
– Не смее да им испраќа свои фотографии на луѓе што не ги познава.
– Мора да води сметка за својата дигитална репутација и какви фотографии поставува.
– Кога ќе налета на непримерна и непосакувана содржина, веднаш треба да ви каже.
– Бројот на следбеници и лајкови не е мерило на вредност, ниту успех.
– Детето никогаш, ни под кои било околности (особено не поради влијание од врсниците), не смее да се впушта во предизвици на интернет кои може да предизвикаат повреди, загрозување на здравјето и животот.
– Внимателно треба да ги одбира своите дигитални примери и кого следи и имитира.
Бројот на активности што директно ги загрозуваат децата и младите, за жал, расте. Заштитата на деца и младите на интернет станува едно од најважните прашања за безбедноста.
Родителите треба на отворен и искрен начин да им презентираат на децата како да користат нови технологии. И за реалниот и за виртуелниот свет на децата им е потребна помош од родителите и нивно насочување. Можеби денешните деца се дигитално пописмени, но вие ја имате животната мудрост на своја страна.
Автор: Катарина Јонев Ќираковиќ