Сите знаеме колку е тешко да расправате со детето. Понекогаш мора да бидете „лошиот полицаец“. Колку пати се случило расправата да ја почнете како стабилна, возрасна личност, а сте ја завршиле на сосема поинакво ниво бидејќи едноставно сте „полуделе“? Шиштите како експрес лонец бидејќи предолго сте „вриеле“? За да не дојде до тоа, мора да научиме како расправите да бидат конструктивни, а комуникацијата успешна. Тоа е една важна вештина која детето ќе ја усвои од вас и која многу ќе му помогне во животот.

Исто така, секоја вештина поврзана за конструктивна комуникација од вас бара да бидете цврсти. Кога мирно ќе ја почнете расправата со детето, таа мора да остане таква, да не потклекне пред манипулативни тактики и лутење. Значи, мора да бидете цврсти и доследни бидејќи токму вие сте патоказот за доброто и лошото во животот, а вашето дете – патник кој го насочувате.

Признаваме дека теоријата и практиката често не се совпаѓаат, но запомнете дека сето она што е теоретско – совети и насоки, бара честа примена во практиката. Никогаш не е доцна да го употребите тоа.

Расправа само кога сме сталожени

Кога сте лути и кога ви се чини дека секој момент ќе експлодирате, повлечете се. Одете во друга просторија, дозволете си неколку минути да се смирите. Нема ништо да постигнете ако насила влезете во расправа, а вашето дете на ист начин ви возвраќа. Сила на сила – не дава добри резултати.
Ако сметате дека додека вие се смирувате, детето ќе заборави за што сте се расправале, не грижете се. Тоа нема да се случи бидејќи секогаш може да го потсетите на тоа. Децата многу добро помнат. Важно е сите да бидете смирени.

Исфрлете ја од речникот реченицата „Ти реков!“

Ваквите реченици не поставуваат добар пример за детето. Тие не објаснуваат, не мотивираат, не се конструктивни. Не укажуваат на причината и последицата, оставаат само магла околу сфаќањето дека детето  направило нешто лошо. Без јасни и прецизни објаснувања детето не може да научи ништо позитивно од грешката што ја направило.
На пример, ако вашето дете има одредено време до кога треба да се врати дома, не треба само да му го наредите тоа, туку да му објасните дека се грижите за неговата безбедност. Така ќе разбере дека секое зошто има и свое затоа.

Слушајте внимателно

Кога разговарате со детето, погрижете се тоа да знае дека го слушате. Повторете ги речениците по него со разбирање. Покажете дека го почитувате времето што го издвоило за да разговара со вас. Објаснете зошто е такво вашето мислење на таа тема. Почитувањето е бумеранг, се враќа моментално, како и довербата.

Прашајте го детето што сака

И во родителството важи правилото „Кој прашува, не скита“. Доколку вашето дете сака да остане подолго време надвор за да биде кул како и другите деца, објаснете му дека има и други начини да биде кул. Можеби некоја друга вештина би била повеќе кул отколку да остане надвор до доцна. Децата поминуваат низ стадиумот кога „да се биде кул“ е најважната работа на светот. Ова е многу сензитивна тема за сите родители. Токму тогаш родителот мора да биде добар патоказ.

Компромисите се пожелни

Сè додека детето е безбедно, компромисите се добредојдени. Тие се добри и кога семејството треба да работи како тим. Детето ќе се чувствува уважено и гордо бидејќи е дел од носењето одлуки.
На пример, ако детето сака да остане надвор до 11 часот, а вие сакате да се врати до 9, компромисно решение би било да се врати до 10 часот. Секој ќе се чувствува како победник на оваа клацкалка. Тоа е поентата на фер комуникацијата.

Најдете заеднички јазик

Кога зборувате со ист јазик и кога ќе се погрижите да бидете на исти бранови должини, на детето јасно му ставате до знаење дека му го чувате грбот. Детето тогаш знае и чувствува дека го разбирате.

Никогаш не играјте ја детективската игра „Кој е виновен“

Секогаш барајте конструктивно решение пред да го барате виновникот. Кога детето се чувствува дека е нападнато, или се чувствува како виновник – неговата реакција може да биде таква што ќе почне да бега од разговор и да се повлекува во себе. Заедно решете го проблемот на кој секогаш ќе гледате како на предизвик. Барајте го решението заедно. Така сите страни ќе се чувствуваат добро.



912

X