Повторно сме на прагот на нова учебна година. Како и секогаш, почетокот е полн со многу елан и добри мисли, со желби да се биде подобар ученик, поуспешен наставник и погорд родител. Но, исто така, како и секогаш, тука е математиката која, за жал, не еднаш досега успеала набрзо да го „расипе“ позитивниот почеток на новата учебна година. Многу брзо ќе дојдат задачите кои само неколку „одбрани“ ученици од одделението ќе знаат брзо и точно да ги решат, задачите кои иако се напишани на мајчиниот јазик, потешко може да се прочитаат и разберат отколку да беа напишани на латински. Многу брзо родителите повторно ќе ги земат в раце тетратките по математика, но овој пат не своите, туку тетратките на своите деца, и не можејќи повторно да ги преживуваат оние негативни чувства од детството, кога ќе се споменеше зборот математика, ќе побараат помош од тетка, чичко, баба, дедо, пријатели, роднини, па дури и ќе ангажираат професор. Многу брзо наставниците по математика ќе се потсетат дека треба да го предаваат предметот кон кој повеќето од половината ученици чувствуваат „страв и одбивност“. ​

​Дали може да го смениме ова? Не знам, но вреди да се обидеме…

Ученици
1) Математиката дозволува да не знаете точно да ја решите задачата
Присети се колку пати падна од велосипедот кога учеше да возиш или колку вода испи кога учеше да пливаш. Исто е и со математиката. Само незнаењето, неможноста да се реши математичката задача води кон знаење математика. Да се биде добар математичар, значи да се биде добар спортист, да се обидуваш повторно и повторно сѐ додека не успееш и притоа да не се обесхрабруваш.

2) Многу лесно може да ја засакате математиката
Не секој ја мрази математиката. Сигурно имаш другарче кое многу сака математика. Прашај го зошто ја сака математиката, побарај да ти објасни некоја задача што не ти е јасна. Нема да те одбие. Прашај го твојот наставник по математика зошто одбрал да предава математика. И ти може да бидеш меѓу оние што ја сакаат математиката.

3) Математиката е секаде околу вас
​Со помош на математиката може да ги сметаш парите, да го мериш времето, должината. Со математиката може ја пресметаш новата намалена цена на некој производ во продавницата. Треба да знаеш дека современата технологија, како таблетите, паметните телефони, интернетот, „Фејсбук“, па дури и игрите што ги играш се измислени, создадени од инженери со солидни математички знаења.

4) Математиката може да биде интересна, забавна и многу убава
Дали знаеш дека 111111111 · 111111111 = 12345678987654321 (ако го помножиш бројот составен од 9 единици сам со себе, тогаш ќе добиеш број запишан со цифрите од 1 до 9 и назад до 1). Дали знаеш дека може да го поделиш бројот 8 на два еднакви дела и секој дел да е еднаков на 3 (нацртај го прво бројот 8 на хартија, а потоа подели го со една вертикална права по средината на бројот и ќе добиеш две 3-ки). Прашај го твојот наставник по математика да ти посочи некоја литература, книга или списание со математички загатки. Побарај помош од родителите, постарата сестра или брат, и пребарајте ги заедно блиските книжарници или пребарајте на интернет за да најдете уште повеќе математички загатки. Истражи ја Математика +.

​5) Домашната по математика е дадена за да се обидете самостојно да ги решите задачите
​Наставникот по математика не ја задава домашната работа за да те малтретира, туку за да вежбаш повеќе математика, затоа што само така може повеќе да научиш. Ако некои задачи од домашната работа не ти се јасни, сосема е во ред да не ги решиш, но следниот час побарај од наставникот да ти ги објасни. Сосема е во ред и да побараш помош од родител или професор за решавање на задачите од домашната работа, но тие треба само да ти дадат насоки, упатства за решавање или пак со нив да ги пререшиш задачите кои сте ги решавале на училиште, а задачите од домашната работа да се обидеш да ги решиш самостојно.

Родители
1) Ако вам тешко ви одела математиката, тогаш вашите деца не треба да го знаат тоа
​Сите научни истражувања посочуваат дека родителите на кои тешко им одела математиката имаат деца кои исто така имаат тешкотии при совладувањето на математиката. Но, одговорот овој пат не лежи во гените и наследството, туку во стравот кој родителите им го пренесуваат на децата. А стравот секогаш дејствува инхибиторно, блокира и не дозволува да се постигне посакуваниот успех. Ако сакате да имате успешно, среќно и задоволно дете, заборавете на речениците „Мене ич не ме бидува(ше) за математика“ или „Математиката ми беше најтешкиот предмет на училиште.“

2) Ако не ја сакате математиката, обидете се сега да ја засакате, дајте ѝ втора шанса. А потоа лесно ќе биде да ја пресликате таа љубов на вашето дете
Сега, кога имате дете, имате втора шанса да ја засакате математиката (а ако веќе ја сакате, верувајте, сега ќе ја реоткриете). Математиката воопшто не е страшна, ниту пак тешка или неразбирлива. Математиката не се само задачите, тука се и логичките загатки, шаблоните, ребусите. „Еден петел има маса од 4 кг кога стои на една нога. Колкава е неговата маса кога ќе застане на 2 нозе?“, можеби ви изгледа како класична математичка задача, но не е. Со помош на рекреативната математика, насетете ги убавините на математиката – логичноста, концизноста, прецизноста, егзактноста, откријте ја нејзината мистериозност, таинственост, интригантност. Доволно за да ја засакате, нели?

3) Посакајте ѝ добредојде на математиката во вашиот дом, во вашето семејство
Почнете од почеток и почнете рано. Низ игра и неврзани разговори, уште пред да тргнат децата на училиште, може да вежбате споредување и групирање на предметите по боја, големина, форма, ориентација во простор, разбирање на причинско-последични дејствија. Играјте семејни математички игри, читајте математички приказни, внесете ја математиката во кујната, скокајте со математиката на плочките низ градот, вежбајте математика во природа.

4) Заедно со вашето дете истражувајте и откривајте (нови) математички поими
Научете нешто ново (а понекогаш присетете се на подзаборавеното). Знаете постапка за множење на повеќецифрени броеви, но дали знаете како некогаш множеле Кинезите? Секојдневно купувате производи со бар-кодови на нив, но дали знаете која е математиката на бар-кодот? Сигурно знаете што е триаголник, четириаголник итн., но дали знаете што се спиралоаголници? Истражете го интернетот за слични вакви математички содржини. Пребарајте ја Математика +.​

​5) Во ред е да им помагате на децата со нивната домашна задача по математика, но внимателно
Понекогаш, иако изгледа дека сѐ сте направиле како што треба – не сте пренеле страв, туку сте пресликале љубов, сте ја примиле математиката дома, дури и сте истражувале нови интересни математички поими, сепак, може да се случи вашето дете да не го сфатило тоа што го учеле на часот по математика во училиште и да не знае да ја реши домашната задача. Сосема е во ред да помогнете, ако знаете, или да побарате стручна помош. Но, внимателно. Домашната задача сама за себе и не е важна, важно е тоа што треба со неа да се извежба, да се научи. Домашната задача, правилно зададена, треба да биде слична или многу јасно да се темели на она што е работено на часот по математика во училиште. Затоа, подобро е да му помогнете на детето да ги разјасни и пререши задачите работени на час, а потоа само да се обиде да ја реши домашната задача. И воопшто не е срамно да признаете дека и вие не ја знаете задачата и наместо да се обидувате да го наметнете методот за решавање, за кој и не сте толку сигурни дали е вистинскиот, оставете му на детето да побара помош од наставникот на следниот час по математика.

Наставници
1) Дозволете учениците да се обидат повторно да ја решат задачата, повторно да се обидат да ја реализираат дадената активност
Како наставници сакаме учениците од прво кажување да го сфатат математичкиот концепт што го предаваме и да не прават грешки. Оваа идеална ситуација некогаш нема да се случи, учениците секогаш ќе прават грешки. Но, вие треба и да им дозволите да прават грешки бидејќи така се учи со разбирање. Треба да ги советувате никогаш да не се обесхрабруваат, туку да продолжат да се обидуваат правилно да ја решат задачата, да ја реализираат правилно активноста.

2) Споделете ја вашата љубов кон математиката, покажете колку ја сакате и зошто ја сакате математиката
Запрашајте се зошто ја сакате математиката и кога сте ја засакале. Многу често се случува таа љубов да ви ја пренел некој ваш наставник/наставничка по математика, некоја роднина или некој пријател, некој што со задоволство решавал математички задачи, знаел математички загатки, некој што математиката ја гледал со поинакви очи, некој што ја сакал математиката. Па, сторете го и вие тоа, пренесете им ја вашата љубов кон математиката на вашите ученици. Објаснете им зошто сте одбрале да им го предавате на учениците овој прекрасен предмет.

3) Не претерувајте со примери за примена на математиката во секојдневниот живот. Направете го интересно самото учење на математиката
Колку и да изгледа чудно и спротивно од уверувањата и препораките дека треба на учениците да им се предава за примената на математиката во секојдневниот живот, сепак, вистина е дека со примената не треба да се претерува, тие сознанија нема нешто посебно да го натераат ученикот да сака да учи математика. Учениците прашуваат „зошто им треба математиката“, затоа што учењето математика не им е интересно, досаден им е самиот процес на учење математика. Направете го интересно учењето, и тие ќе учат и нема да ве прашуваат зошто го учат тоа.

4) Навлезете подлабоко во содржината, во суштината на материјата што ја предавате
Бидете темелни во тоа што го работите – математиката. Ако предавате за деливост или разложување на множители, не треба да бидете експерт по Теорија на броеви, но малку пошироко и подлабоко познавање, нешто повеќе од деливоста и разложувањето на броевите, сепак ви треба. На пример, кој е Мартин Гарднер и како тој помогнал за популаризација на математичките правила и законитости преку неговите колумни во весници и книги со содржини од рекреативна математика. Или, пак, кое е правилото за деливост со некој прост број поголем од 10, на пример, деливост со бројот 17? А, правилото за деливост со 0 (нула)? 🙂 Колку вашето знаење е пошироко и подлабоко, има повеќе шанси некогаш да им пренесете на учениците и нешто надвор од материјалот предвиден за тој час.
А додатни материјали? Знаете каде да најдете. Покрај популарните математички списанија и математичките книги, сега го имаме и интернетот, пребарајте го, истражувајте, посетувајте ја почесто Математика +.

5) Давајте помалку домашни задачи по математика
Ова не значи дека воопшто не треба да давате домашни задачи. Меѓутоа, треба да знаете дека ученикот кој на часот не знаел да ја реши задачата, или типот на задачи, многу веројатно нема да знае ни дома да ја реши. За него домашната задача е како казна. А, вашата намера да го направите подобар математичар ќе ги зголеми кај него само стравот и одбивноста кон математиката. Покрај тоа, вие сѐ уште ја немате вистинската слика за напредокот на ученикот, затоа што многу често, и самите тоа го знаете, во домашните работи на учениците се изработките на нивните родители или тутори по математика.
Наместо домашни задачи, давајте им задачи за дома. Нека имаат за задача да им раскажат на домашните што правеле на училиште на часот по математика, ако сте играле игра и таа била забавна, нека ја играат истата игра и дома, ако сте им задале некоја загатка во чие решавање учествувале со задоволство, нека ја зададат истата загатка и дома. Откријте прво што уживаат вашите ученици да прават, научете ги прво да уживаат во математиката, а потоа истото задајте им го како задача за дома. Нека вашите ученици бидат вашата продолжена рака, нека ви помогнат во градењето и ширењето позитивен став кон математиката.

Можеби нема да се согласите по сите изложени точки, можеби ќе имате нешто да дополните, но во секој случај отворивме неколку теми за размислување и разговор, со цел да придонесеме учењето математика да го направиме да биде позитивно искуство за секое дете.

Автор: Ирена Стојковска
Извор: https://matematika-plus.weebly.com/kako-ucenjeto-matematika-da-go-napravime-da-bide-pozitivno-iskustvo.html



912

X