Сестри и брат – тоа е најголемо богатство. Сѐ уште се мали, но главно си помагаат, иако знаат и да се скараат, да се натпреваруваат. Во повеќечлени семејства е така, секој се бори за своето место и покрај тоа што ние, како родители, даваме сѐ од себе да не ги делиме. Им објаснуваме дека љубовта не се дели, туку се множи, дека секој од нив има посебно место во нашите срца

На луѓето им е многу несекојдневно кога ќе видат повеќе од две деца покрај нас. Има многу убави благослови и луѓе кои со весели очи ни се радуваат, иако не нѐ познаваат. Но, за жал, има и многу коментари полни со предрасуди. Тие се поинтересни за раскажување. Ете, еднаш на фризер, непозната ми рече: „Како тоа четири деца, зошто? Не знаеш да се пазиш?“ Да не ги споменувам коментарите од типот: „Од една жена ли се?“„Разведена си, па мажена?“„Прифати две од првиот брак на сопругот?“„За машко?“„Маж ти те тера?“„Женски имаш?“„Не работиш, нели?“ или „Со средно сте, нели?“ (во институции, во болница и слични места каде што треба да се пополни степен на образование) – ова се само дел од секојдневните коментари кои Елена и Крсте Славчовски од Скопје ги слушаат. Тие се среќни родители на четири дечиња – Нела (8), Ника (6), Марин (3) и Оливера (1).

Повеќето очекуваат мајка на четири деца да завршила најмногу средно

– Луѓето се такви. Имаат коментар и ако немате и ако имате едно, а и ако имате пет деца. Мојот став е дека некои работи ни сметаат само ако не сме среќни со својот избор! Ние сме задоволни и не нѐ допираат. Напротив, си се мајтапиме по дома по секоја таква случка – вели Елена.
Таа е дипломиран германист, судски преведувач и магистер по економија. Предава во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари во Скопје, ангажирана е со преводи, а е дел и од тимот на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија.

 

Токму со нејзиното образование и просветната работа и го започнавме разговорот со Славчовска.
– Многу интересно што почнавте со ова прашање. Повеќето луѓе што не нѐ познаваат мене и сопругот прво ни поставуваат прашање во врска со нашето образование, иако најчесто во малку поинаква форма од оваа. Ми се чини дека повеќето очекуваат низок степен на образование или помислуваат дека јас не работам штом ќе слушнат дека имаме четири деца.
Веднаш по завршувањето на студиите почнав да работам како предавач по германски јазик, па потоа подолго време работев администрација и финансии, а откако почнавме со реализација на планот за повеќедетно семејство, решив да се вратам на својата првична професија и си отворив свое јазично студио. Во моментов го работам тоа што отсекогаш замислував дека ќе го работам – вели Елена.
Таа има и хоби, вели дека слика на сè што ќе стигне (платно, облека), и тоа најчесто навечер, додека сите дома спијат.

Дело на Елена

Нејзиниот сопруг Крсте работи во туристичка агенција, преку која нашата земја ја посетуваат многу странци во текот на целата година. Туристичката асоцијација им е заедничка точка.
– Најубаво е кога возрасните си доаѓаат дома среќни и покрај сите работни предизвици и непредвидени ситуации. Децата гледаат сѐ во нашите очи. Можам да се пофалам дека и на двајцата ни се погоди. Тука ќе завршев, но претпоставувам дека многумина на ова ќе речат дека нема секој таква среќа, па ќе додадам дека и нам никој не ни ја даде работата од соништата на тацна. Трагавме, ризикувавме, се докажувавме за да стекнеме најпрво поим што точно нѐ исполнува, и сѐ уште се докажуваме. Моментот кога ќе мислиме дека нема потреба од докажување е момент кога всушност се откажуваме. А среќата, професионално или приватно, е избор. Ние избравме да ги препознаеме добрите енергии околу нас и да се држиме околу нив. Истовремено решивме и да си ја збогатиме позитивната енергија со уште четири нови. Можеби баш тие убави енергии влијаеја врз нашите личности и придонесоа да ги видиме убавите особини на нашите претпоставени, како и на колегите и соработниците, па работата ни стана, како што велат, песна – вели Елена.

Имавме смислено четири имиња уште пред да склучиме брак

Таа признава дека откако ги има децата, има поголемо разбирање за луѓето околу себе и не ѝ е чудно што постојат луѓе кои не спијат или се побавни, или, пак, пораздразливи.
– Претходно на таквите соработници, колеги, претпоставени им земав сѐ здраво за готово. Сега сѐ ми е појасно и понекогаш многу ми е жал за некои мои постапки кон нив. Еве, во оваа пригода би им се извинила и јавно на сите оние кон кои сум немала трпение – вели Славчовска.
Признава дека не посакувала отсекогаш повеќедетно семејство, ама желбата се родила кога го запознала својот сопруг Крсте.
– Не се ни сеќавам како дојде до муабетот, само знам дека имавме смислено четири имиња уште пред да се земеме. Се договоривме „прво женско одбира тој, прво машко јас“, па пред да го дознаеме полот на Нела, бебето си го викавме Маринела. Пет години по Нела го добивме и Марин. Помеѓу нив се роди Ника. Веројатно ќе се викаше Лина, но во серијата „Бегство од затвор“ се појави една Ника и едногласно одлучивме дека второто женско дете ќе ни се вика така. Четвртото спремно име беше Нестор, но ете се роди Оливера. Името си го доби по заедничка другарка, која нѐ запозна. Па, да не беше таа, можеби немаше да дојде до план за повеќе деца и до негова реализација – се шегува Елена.

Секојдневјето на семејството Славчовски е исполнето со обврски, но и со врева. Вообичаено Елена оди прва на работа, а Крсте ги подготвува децата за на училиште или градинка.
– Учителките и наставничките ни се супер, па на децата им е многу убаво и со љубов одат во градинка, односно училиште. Им благодарам најмногу на светот за тоа. Работата ми завршува околу 16 часот и моја обврска е да направам обиколка и да ги земам сите. На почетокот ми беше мачно, но како што поминува време, почнувам да го доживувам тоа како шетање и не ме уморува толку. Оливера е дома со баба и едвај дочекува да се прибереме. Потоа следува јадење, викање, беснеење, цртани… Сопругот се прибира последен. Имаме време неколку часа да се дружиме, па јас почнувам со превод или подучување – вели Елена и признава дека како што растат децата, се труди да ги намали обврските во втората половина на денот.

Слогата и љубовта даваат сила

Секој слободен момент и викендите ги користат за дружење, шетање, возење ролери, велосипеди.
– Со добра организација понекогаш ни успева да ги завршиме и работните обврски и да истераме гости и да ги средиме децата. Секако, имаме и попасивни периоди кога мора да ги наполниме батериите. Интересно е како човек се навикнува да функционира и покрај тоа што спиел многу малку. И иако можеби звучи како рутина, не е. Деновите не ни личат еден на друг. Немаме шема. Импровизираме. Ама слогата, разбирањето и љубовта даваат сила. Ете и да заличи некој ден на некој претходен, никако не може да биде ист поради тоа што секогаш некое од децата ќе го зачини со некое бисерчe – се смее Елена.
Многу работи би биле покомплицирани да не се баба Маре и дедо Никола.
– Баба Маре е постојано со нас. Внуците не можат без неа. Ние можеме да ги оставиме сите да преспијат кај неа и да одиме, на пример, во дискотека за да наполниме батерии, да се подружиме. Зголемувањето на бројот на деца е обратнопропорционално на бројот на излегувања без деца. Па, и баба треба да се одмори, нели?! По ваквите 2-3 ноќи во годината, со четири гостинчиња, ѝ треба некој ден да си дојде на свое, но љубовта веројатно ѝ дава сила. Таа често знае, шегувајќи се, да искоментира дека работното време ѝ е од 8 до 17 часот, секој работен ден, ама дека има најубава работа. Баба Маре е од оние пред кои ви е незгодно да сте мрзливи. Секогаш е полна со идеи и енергија. Ти благодарам за сѐ, мамо!
Во семејствата со повеќе деца многу е важно децата да си помагаат меѓусебно.
– Сестри и брат – тоа е најголемо богатство. Сѐ уште се мали, но главно си помагаат, иако знаат и да се скараат, да се натпреваруваат. Во повеќечлени семејства е така, секој се бори за своето место и покрај тоа што ние, како родители, даваме сѐ од себе да не ги делиме. Им објаснуваме дека љубовта не се дели, туку се множи, дека секој од нив има посебно место во нашите срца. Сепак, секое дете различно ги восприема случувањата. Најголемо достигнување би ми било да се искрени меѓу себе, да немаат табуа и предрасуди, да си помагаат и да си ги почитуваат изборите во иднина – вели Елена.

Нема машки и женски обврски

Потребни се многу енергија и одлична организација меѓу родителите во големи семејства за да се издржи денот. Славчовска вели дека нема тајна за тоа како сè функционира.
– Како и сите, и ние понекогаш сме преморени, понекогаш нервозни, имаме вообичаени проблеми, но никогаш не си држиме лутина еден на друг. Така ги учиме и децата. Во сѐ и во сите да го гледаат убавото, но и да си го чуваат своето и да се трудат секогаш да бидат доследни на својот збор и кога прават нешто, да дадат сѐ од себе и да го прават од срце. Сите проблеми ги решаваме во тек. Не дозволуваме поради еден попречен план да запоставиме друг. Не мериме на кантар кој што направил и што не направил. Не се плашиме од предизвици. Не сопревме со планот за четири дечиња и кога беше најтешко во однос на работа. Тоа не значи дека не мислевме и не мислиме што ќе биде, туку дека се трудиме за секој проблем да изнајдеме реално решение, а реалните очекувања ги олеснуваат обврските – вели Елена и додава дека не за џабе постарите рекле дека секое дете си има своја среќа, свој касмет и со доаѓањето на овој свет го споделува со луѓето околу себе.

Елена и Крсте немаат „мои“ и „твои“ обврски, туку „наши“. Не важат поделбите за машки и женски работи.
– Јас често знам да кажам дека да не беше Крсте толку посветен сопруг и татко, немаше да имаме толку деца. Јас сум понервозен тип, а тој е сталожен и прибран, па се надополнуваме. Јас сакам сѐ веднаш, сега, одма, а тој е трпелив. Не само што јас, на пример, сум лепела плочки, а тој менувал постелнина и капел деца, туку често се случува и јас да почнам нешто, а тој да го доврши, или обратно (мора да признаам ова обратно е поретко) – се смее Елена.
На прашањето кога воопшто се одмораат, таа ни вели:
– Кога сме заедно. Тогаш пиеме кафе, се смееме, шетаме, цртаме, слушаме музика… Спиењето ни е луксуз, но луксузот не е неопходен за среќа. Љубовта е!



912

X