Работев 15 години пред да ја добијам ќерка ми. Мојата сопруга не работеше. Среќно живеевме и сè беше во ред. Не морав да се залагам за еднаква плата бидејќи тоа немаше видливо негативно влијание врз мојот живот.
Сè се промени кога ја добив ќерка ми. Од моментот кога излезе од матката почнав да имав поинакви чувства кон жените. Подоцна, додека ја гледав в очи својата новородена ќерка, сфатив нешто – жените заслужуваат еднаква плата како и мажите. Бидејќи кој друг ќе ми помага во староста?
Моето девојче – таа е навистина нешто посебно. Толку е драга и паметна и јас верувам дека еден ден ќе биде успешна. Да, мојата ќерка ќе заработува многу пари, сè додека ние се бориме за неопходните општествени промени. Барем се надевам дека ќе заработи многу пари бидејќи имам 2 хипотеки на оваа куќа и размислував дека можеби таа ќе може да ги отплати до 25-тата година.
Пред некој ден моето драго девојче изгради песочен замок – беше толку убав што можев да ја видам нејзината иднина како неверојатен архитект. И важно ми е што полето архитектура вработува сè повеќе жени и ги плаќа еднакво! Објавив на „Фејсбук“ статус за тоа дека сум феминист, а поставувањето статус за моите 14 следбеници е најдобриот начин на кој знам да се борам за промени.
Исто така, нејзиниот песочен замок ме потсети на тоа дека отсекогаш сум сакал куќа на плажа и се надевам дека ќе ми ја купи, во идеален случај пред да ги отплати моите хипотеки. Се чувствувам како секој ден да станувам попрогресивен благодарение на моето девојче.
Не само што верувам дека жените би требало да бидат платени како и мажите, туку мислам дека и децата треба да бидат платени како мажите. А под деца мислам на мојата ќерка, бидејќи таа би сакала што поскоро да одам во пензија. Знам дека и мојата ќерка сака работа бидејќи постојано ми зборува прекрасни работи како: „Тато, не сакам џепарлак, побрзо би го заработила работејќи како трговец, а потоа би ти ги дала за да го отплатиш својот долг бидејќи дефинитивно ти беше потребно да го купиш тој чамец“. Ова е скапоцено, зарем не?
Всушност, како татко на ќерка, имам прогресивни погледи на сите видови женски прашања. Целосно го поддржувам правото на мојата ќерка на избор. Јас сум против сексуално вознемирување на работното место, бидејќи тоа може да го спречи растот на кариерата на мојата ќерка, а потребно ми е да биде инженер до 26-тата година. Станувам толку либерален што би можел да се кандидирам за претседател!
Моето девојче ми е доволно бидејќи е толку неверојатно и фокусирано на успех. Па, да продолжиме со борбата и да се осигуриме дека жените ќе заработуваат онолку пари колку и мажите во 20-тите години!
Што се однесува до мојата ќерка, би сакал да заработува 10 пати повеќе од просечната плата и тоа постојано ќе и го кажувам додека не порасне.
Бидејќи како татко на ќерка, го почитувам правото на жените да ми даваат пари!
Автор: Џини Хоган
Подготвил: Маја Пероска