Игротека

Како спијат бебињата во првата година и кога можете да очекувате непрекинат сон навечер?

Првата година од животот на бебето е исклучително интензивна. Токму тогаш се случуваат најголемите развојни промени. Сето тоа се одразува и врз спиењето. За да не се грижите непотребно, ви откриваме што се смета за нормално кога станува збор за сонот на бебињата.

Новороденчињата спијат помеѓу 14 и 17 часа дневно, но многу често се будат, односно не спијат долго во континуитет. Во оваа фаза тие сè уште не прават разлика меѓу ден и ноќ.

На возраст од околу четири до шест месеци, бебињата почнуваат да спијат подолго навечер, па можат да имаат по шест до осум часа непрекинат сон, додека преку ден имаат неколку покуси дремки. Многу бебиња на оваа возраст веќе се способни сами да се смират и да заспијат без туѓа помош. До првата година повеќето деца имаат потреба од 12 до 14 часа сон дневно.

Како што споменавме, новороденчињата спијат од 14 до 17 часа на ден, но нивниот сон е испрекинат. Вообичаено е циклусите на спиење да траат меѓу 50 и 60 минути, поради што се будат често. Приближно половина од времето додека спијат го поминуваат во РЕМ-фазата, која е клучна за развојот на мозокот.

Во текот на првата година чести се и таканаречените регресии на спиењето, кои најчесто се случуваат во четвртиот, осмиот и дванаесеттиот месец. Регресијата претставува привремена промена во обрасците на спиење и обично се јавува кога детето совладува нова вештина или кога почнуваат да му никнуваат запчиња. За родителите, овие периоди може да бидат тешки бидејќи бебето станува раздразливо, често се буди, тешко заспива или му се менува рутината на спиење, но добрата вест е дека тоа е минливо.

Доколку покрај промените во спиењето забележите и други симптоми, како прекумерна поспаност, проблеми со дишењето или исхраната, задолжително консултирајте се со педијатар.

Извор

Поврзани написи

To top