Уште додека е во стомакот, бебето го слуша гласот на својата мајка, па го препознава уште во првите часови по раѓањето – бидејќи го запаметило. А како понатаму се развива меморијата на вашето бебе, дознајте од текстот што следува.

0-6 месеци

Уште пред да се роди, бебето го препознава вашиот глас. Тоа препознавање се интензивира во првите часови по раѓањето, а веќе по првата недела бебето ќе почне да го препознава и вашиот лик.
Кога ќе наполни четири недели, кај бебето ќе почне да се развива краткорочна меморија. Ќе знае кој сте вие, но ќе мисли дека постојат повеќе како вас! Тоа сè уште не го разбира фактот дека работите постојат дури и кога не ги гледа.
Помеѓу вториот и четвртиот месец бебето ќе почне да се сеќава на работите што се поврзани со одредени предмети. Ако повторно му ја дадете играчката што испушта звук кога се тресе, бебето ќе знае што треба да прави, без разлика што некое време не си играло со неа.
Додека да наполни шест месеци, меморијата на бебето на големо ќе почне да се развива. Правејќи исти работи, секој ден во исто време, бебето ќе почне да поврзува некои работи со одредени активности, како дел од секојдневната рутина. Можете да му пеете иста песна кога е време за спиење – и на тој начин полесно ќе разбере за каква рутина станува збор.

6-12 месеци

Меморијата на бебето станува „софистицирана“. Сега сфаќа дека само една е мама, а тоа ќе придонесе уште повеќе да се поврзе со вас и да се вознемири кога ќе одите некаде. Сега разбира дека кога нешто не е тука – тоа не значи дека исчезнало, туку „отишло“ на друго место. Затоа, кога ќе испушти некој предмет, ќе почне да го бара. Дека секој ден станува попаметно, ќе ви покаже така што повеќе нема да биде доволно да ја ставите под прекривачот играчката што сакате да ја скриете, бидејќи ќе почне да ја бара!
Вашето бебе ќе почне да се поврзува со средината и со луѓето што ви се блиски. Бидејќи одењето на непознати места може да му биде малку застрашувачко, земете ги неговите омилени работи, тоа ќе му помогне да се чувствува како да е дома.

12-18 месеци

Вашето бебе станува вистинска машина за копирање! Почнува да ги забележува работите што ги правите вие – начинот на кој ја држите телефонската слушалка, како се чешлате…. и ќе се обиде да ги прави истите работи на ист начин!
Кога ќе почне да ги изговара првите зборови, истовремено ќе почне да ги врзува и сеќавањата за нив. Така наместо баба која била личност на која се сеќава само кога ја гледа, сега ќе знае за кого се работи секојпат кога ќе го изговорите зборот „баба“.
Вашето бебе се сеќава на убавите работи, додека сè друго треба да се повтори неколку пати за да го запамети.
Одличен начин да му помогнете на вашето дете полесно да разбере за што му зборувате е да ги поврзувате одредени зборови со движењата. На пример, проѕевајќи се кога е време за спиење или допирајќи се за стомакот кога е време за ручек давате визуелна поддршка на неговата меморија.
Веројатно забележувате дека детето е во состојба подолго да се фокусира на одредена работа што ја работи наместо да заборава што почнало да прави. Сега, кога е поголемо, можете и да го прекинете во играта, а подоцна да почне повторно да си игра, да продолжи таму каде што застанало.

18 месеци

Со наполнети 18 месеци меморијата на вашето дете толку се развила, што веќе е во состојба да се сеќава на случувањата од неговото не толку долго минато. Забележувате дека е возбудено кога го носите на забавни места, како што е паркот, и веќе се сеќава како му беше претходниот пат кога беше тука. Од друга страна, може да почне да се крие кога ќе биде време за бањање или за спиење, или да плаче кога ќе го слушне зборот „лекар“.
Како што расте, детето ќе почне да памети како се прави нешто, што каде стои, особено она што му се допаѓа (чоколади, бисквити), како и да ги препознава луѓето. Немојте да се изненадите ако почне да се смее кога ќе направите нешто необично –  секакво отстапување на децата може да им биде смешно.
Исто како и на тинејџерите (кои не сакаат нешто да слушнат), на вашето дете треба да му повторите многу пати одредена работа за да ја запамети. Дури и кога неговата меморија станува пософистицирана, тоа нема да се сеќава на сè што му се кажува. Затоа е корисно тоа да биде придружено со постапки. На пример, ако има навика цврсто да ве повлече за коса, покажете му со насмевка како да го направи тоа, но да биде помалку грубо.



912

X