Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Доколку се сомневате дека вашето бебе не ја следи опишаната развојна динамика, консултирајте се со тимовите во развојните центри

Под визуо-моторна координација се подразбира соработка помеѓу очите и рацете со цел да се изврши одредена активност. Поточно, тоа е сложена мисловна способност за извршување активности со истовремено користење на видот и рацете (фината моторика), при што очите собираат информации за околината и ги водат рацете при извршување на активноста.

За возрасните, тоа се увежбани движења кои се изведуваат спонтано, на пример, ни се пие вода, со очите прибираме податоци за тоа каде се чашата и чешмата, каде сме ние во просторот, ја земаме чашата, пуштаме вода да тече, ја полниме и пиеме, ја затвораме чешмата, ја оставаме чашата и активноста е завршена. Сме имале намера, сме ја скенирале средината за да прибереме информации и со волево движење сме ја оствариле целта.

Меѓутоа, кога ќе погледнеме едно бебенце на два месеца, ситуацијата е поинаква. Над бебето висат играчки, тоа ги гледа, но не пушта рачиња да ги дофати, туку мавта хаотично настрана. Кај него нема координација меѓу тоа што го гледа и активирањето на раката да направи некое движење со цел да ја дофати играчката. Тоа е така зашто бебињата се раѓаат со примитивни рефлекси или несвесни движења, кои со развојот треба да се интегрираат во свесни, волеви движења или да исчезнат. Еден од тие примитивни рефлекси е палмарниот рефлекс или цврстото стискање со дланките. Кога на новородено бебе ќе му ставиме нешто в рака или ќе му го дадеме нашиот прст, тоа стиска силно и несвесно. Овој примитивен рефлекс исчезнува околу третиот месец кога очекуваме бебето да ги отвори дланките и накратко да задржи предмет кој ние му го ставаме в рака. Во истиот период тоа почнува да прави одредени, сè уште некоординирани движења кон висечката играчка над него, при што може и да успее да ја допре или удри и таа да се заниша. Тоа е моментот што му причинува задоволство и бебето е мотивирано одново да пробува да го изведе истото движење за да си ја оствари целта. Додека мавта со рачињата да ја допре играчката, тие му влегуваат во видно поле и некаде при крајот на третиот и почетокот на четвртиот месец бебето открива дека има раце!!!!! Изразот на лицето е неописив, тоа е восхитено, изненадено, ги врти дланките пред очињата и зачудено ги гледа. Доколку му ставите в рака тропалка која испушта звук, тоа ќе ја донесе во видно поле, ќе сфати дека ако мрда со раката прави звук и самото ќе се стимулира да го повторува тоа движење. Тука започнува меѓусебната соработка на очите и рацете, или визуо-моторната координација.

Во натамошниот период оваа сложена мисловна способност се увежбува и усовршува, бебето ги увежбува старите шеми и научува нови, со цел да стаса до саканиот предмет кој му е извор на задоволство. Учењето како процес ги активира и менталниот и физичкиот развој на бебето и истовремено е значајна компонента на овие два аспекта. Визуо-моторната координација е еден од првите облици на интеракција помеѓу бебето и околината со чија помош тоа учи за светот околу него и истовремено стекнува вештини кои ќе му обезбедат поголема самодоверба и независност во текот на растењето и развивањето.

Компоненти на визуо-моторна координација

1. Движења на рацете – првиот период по раѓањето бебето нема свесност за сопственото тело, па ни за движењата што ги прави. Дланките се затворени, за постепено да почнат да се отвараат и до крајот на третиот месец веќе имаме целосно отворена дланка која лесно го држи пасивно поставениот предмет (нема цврсто рефлексно движење, туку лесно можеме на бебето да му го земеме предметот од рака). Првичното посегање и дофаќање на бебето е со целата дланка (палмарно), потоа следува фаќање со опозиција за палецот и сите прсти, за кон крајот на првата година тоа прецизно да фаќа ситни предмети со помош на палецот и показалецот.

2. Движења на очите – тие ги собираат сензорните информации неопходни за покренување и извршување на движењата со рацете. Визуелната реакција кај бебињата се развива во првите неколку месеци од животот. Доколку родителите и медицинскиот персонал кој е во контакт со бебето имаат сомнежи за квалитетот на визуелната функција, треба да се направи контакт со стручни лица.

3. Развој на мозокот – мозокот е центар во кој се прибираат визуелните информации и истите се трансформираат во налог за моторно движење, односно се интегрираат меѓусебно. Овде зборуваме за една повратна спрега, зашто од една страна мозокот ја овозможува визуо-моторната контрола, но од друга страна, успешно извршената активност позитивно му влијае на развојот на мозокот, на начин што се воспоставува една шема на однесување, а пријатното чувство што го има бебето при извршувањето на активноста го стимулира мозокот да изнаоѓа и алтернативни шеми за остварување на истата цел. Пример, бебето учи дека тропалката ќе испушти звук ако ја затресе раката… откако ќе ја извежба оваа шема, научува дека тропалката ќе испушти звук и ако со раката ја удри од оградата на креветчето… па ако ја удри со другата рака итн. Шемите се усложнуваат, а целта е секогаш иста – да се произведе звук кој му причинува радост на бебето.

Зошто визуо-моторната координација е од големо значење?

Воспоставувањето на визуо-моторната контрола е појдовна точка за развој на способноста на детето самостојно да се храни, да се облекува, да игра, да извршува секојдневни активности во домот и надвор, таа е во основата на читањето и пишувањето и останатите предучилишни и училишни вештини, како и вештините што го подготвуваат детето да се вклопи во неговата средина.

Како да ја стимулираме визуо-моторната координација во текот на првата година?

– Во текот на првите два месеца се прават вежби за отворање на дланките и стимулација на визуелната функција со помош на предмети со јаки бои и контраст.

– Во третиот месец на детето му се ставаат меки тропалки во дланките и заедно ја тресеме тропалката, оставајќи му простор и самото да си ја увежба шемата. На рачниот зглоб може да му заврземе лесно некоја шарена лента или бебешка алка за таа намена и да му ги носиме дланките пред неговите очи. Над него во креветчето нека има шарени висечки играчки. На крајот од овој месец и почетокот на следниот се очекува бебето да си ги држи дланките во средишната линија на телото (на градите).

– Во четвртиот месец на бебето му ставаме малку поголема мека и шарена играчка на градниот кош, со што се стимулираат рацете да дојдат во средина, односно да ја допре играчката. Држењето е со двете раце истовремено. Помала тропалка веќе вешто држи и активно ја тресе со двете раце поединечно, а очите го следат тоа движење.

– Во петтиот месец започнува некоординирано да посега подалеку од градниот кош, па затоа играчката постепено му ја оддалечуваме и го стимулираме да го испружи рачето. Вешто држи со двете раце, но не успева да префрли од една во друга. Го правиме тоа заедно.

– Во шестиот месец успешно префрла тропалка од една во друга рака. Му ја ставаме малку подалеку од него, но сепак на дофат, за да направи и план како преку движење на телото да стигне до неа. Доколку бебето веќе научило да седи, играчките на оваа возраст му се ставаат само пред него, странично ќе падне ако посегне. Фатот е палмарен, односно со целата дланка без издвојување на прстите. Шестиот месец е периодот кога бебето почнува да ја преминува средишната линија, пример со левото раче да посегне надесно, преминувајќи ја средишната линија на телото. Овој момент треба да се искористи за стимулација, па играчките му се додаваат од спротивни правци.

– Во седмиот и осмиот месец постепено од фаќање со цела дланка бебето почнува да ги фаќа предметите со палец и сите прсти испружени. Му се даваат играчки со димензии кои одговараат на неговата дланка, но не многу ситни затоа што интензивно ги става в уста со цел да ги испитува.

– Во деветтиот месец бебето може да држи во секое раче по еден предмет. Додека седи, му се ставаат играчки пред него и отстрана, малку вон дофат на раката за да го планира движењето во однос на просторот (истражувачки движења со очите, баланс и движење на рака). Се обидува да испушти намерно предмет од рака за да фати друг, но сè уште не може.

– Во десеттиот месец бебето може да испушти намерно играчка од рака за да земе друга, држи две коцки во рацете и ги удира една од друга или од маса. Може да влече, гребе и опипува со прсти, а фатот му е со опозиција палец-показалец како пинцета. Се нудат играчки со детали кои не се одделуваат (да не ги стави в уста), коцки, играчки со врвци за влечење, бебешки книги од материјал. Се стимулира да вади и става предмети во кутија.

– Во наредните два месеца се усовршуваат шемите од претходниот период, а фатот е со опозиција палец и свиткан показалец (клешти). Го издвојува показалецот, опипува, го пика во отвори (да се внимава на штекери и други опасности). Почнува да листа, му се нудат детски книги со цврсти корици.

Овие карактеристики се однесуваат за навреме родени деца, кои немаат отстапувања и специфики во развојот. Доколку се сомневате дека вашето бебе не ја следи опишаната развојна динамика, консултирајте се со тимовите во развојните центри.



912

X