Отпорноста е способност да се кренете по големи падови и предизвици. Отпорните деца може да закрепнат од тешките моменти и брзо да се вратат на нормалниот живот. Отпорноста се развива кога децата ќе искусат предизвикувачки ситуации во животот и ќе научат со нив да се соочуваат со позитивен став.
Силните врски се основа на детската отпорност. За децата, предизвиците и тешките моменти се јавуваат обично кога се случува некоја голема промена – селидба, ново училиште, тргнување во градинка, доаѓање на брат или сестра. Се разбира, децата можат да искусат и стресни искуства како врсничко насилство, распаѓање на семејството, болест или смрт на некој член. Со текот на времето, преку различни помалку или повеќе стресни искуства, децата градат отпорност. Вие во тоа може да им помогнете НЕ така што ќе им приредувате стрес (иако ќе го има со или без ваша волја), туку така што со нив ќе градите топла, поддржувачка врска.
Зошто е важно детето да гради отпорност?
Отпорните деца полесно ги поднесуваат стресовите, а од положбата на жртва побрзо се избавуваат. А тоа потоа ќе помогне да изградат самодоверба и да бидат „попаметни“ кога следниот пат ќе наидат на слична ситуација или проблем. Отпорните деца главно се добри во решавање проблеми и стекнување нови вештини. Тоа е затоа што не им е тешко да се обидуваат секогаш повторно кога нема да успеат. А кога работите и не одат баш како што замислиле и кога ќе се почувствуваат анксиозни, тажни, исплашени или фрустрирани, отпорноста ќе им помогне да разберат дека овие непријатни чувства имаат рок на траење.
Врските и отпорноста
Силните врски се основа на отпорноста, а најважната врска која децата ја имаат е со своите родители. Тоа е врска која на детето му дава чувство дека е сакано, сигурно и безбедно. Му дава самодоверба дека би можело да го истражува светот. Децата за отпорноста учат додека ве гледаат вас и другите луѓе кои им се важни (баби, дедовци, пријатели, наставници…) како одговараат на некои животни предизвици. Кога детето ќе ве види како паѓате, па станувате, како го контролирате бесот, се обидувате да размислувате и да дејствувате позитивно во тешки ситуации, тие ќе научат да постапуваат исто.
Како се одгледуваат отпорни деца
Преку искуство. Секојпат кога вашето дете ќе наиде на проблем, па ќе го надмине, ќе му порасне самодовербата и ќе верува дека ќе може да го направи истото и следниот пат. Еве неколку начини од своите деца да ја изградите оваа корисна вештина:

– Поддржете ги своите деца, но немојте да го решавате секој и најмал проблем наместо нив. Ако детето не биде повикано на некоја роденденска забава или пријателите не дојдат на неговата, наместо да го тешите и уверувате дека проблемот е во некој друг, едноставно разговарајте за тоа како се чувствува.
-Избегнувајте да ги превенирате грешките на своето дете. Ако мислите дека нема да ја напише домашната ако не го потсетите – дозволете да оди без домашна на училиште. Инаку ќе мисли дека не треба да размислува за тоа бидејќи вие сте тука да го потсетувате. А одењето на училиште без домашна и критиката на учителот поради тоа е уште еден начин да научи да реагира на сложени ситуации.
– Помогнете му на детето да ги идентификува силните и тешки чувства, но не така што ќе се обидете да ги неутрализирате. Ако детето, на пример, е загрижено што баба му е во болница, можете да му кажете: „Гледам дека многу се грижиш за баба. И тоа е во ред. Во ред е да се биде загрижен. Но, треба да знаеш дека во таа болница работат одлични лекари и дека прават сè што можат за на баба да ѝ биде подобро.
– Охрабрете го детето да се обиде повторно кога еднаш нема да успее. Пофалете го за секој обид без разлика на резултатот.
– Помогнете му на детето да развие вештина на решавање проблеми на начин кој е во согласност со неговата возраст. На пример, ако некој на училиште каже или направи нешто што го повредило вашето дете, заедно разговарајте за тоа како би требало детето да реагира следниот пат кога тоа ќе се случи.
Децата развиваат отпорност преку време и искуство, затоа обидете се да бидете трпеливи и да им давате поддршка додека се соочуваат со предизвици. Можеби ќе посакате да направите нивните проблеми да исчезнат и тие предизвици да ги решите за нив, но тоа се искуства кои се скапоцени за вашите деца и нивниот развој. Затоа, бидете покрај нив, но не одземајте им ја можноста да учат.
Автор: А. Цвјетиќ