„Како да се најде најдобриот можен подарок за дете што веќе има сè“. Мајките трчаат низ градот смрзнати и изморени по работниот ден за да ја најдат „баш таа играчка“, бидејќи сакаат нивното дете да биде воодушевено и да го добие од Дедо Мраз токму тоа што го посакало (читај, видело на реклама)!

Колку пати од современите млади мајки сте слушнале коментари од типот: „Моето дете сака неговата роденденска торта да биде со слика од Роналдо, евентуално со фигури од „Патролни шепи“ (ако воопшто постои опција Б бидејќи „денес децата знаат што сакаат“).

И мајките навистина тргнуваат во потрага по таква торта на женските фејсбук-страници и, се разбира, ги наоѓаат бидејќи пазарот е секогаш подготвен да одговори на сите луди идеи на потрошувачите, ако тие се во состојба да издвојат доволна сума пари. Но, мајките не застануваат ни тука, бидејќи им треба уште и дрес од Роналдо за роденденски подарок, за изненадувањето да биде поголемо.

Не мајки, не, не, не!

Кога децата малку ќе пораснат, играчките преминуваат во патики, а од година на година станува сè потешко да ги задоволите. Потоа ги слушате мајките на 14-годишните деца како велат: „Јас никогаш не би му купувала патики од 8 илјади денари, но што да правам кога не сака да носи други. Постојано му зборувам дека има многу работи што се квалитетни иако не се од познат бренд, но не вреди. Тој го сака само тој одреден бренд, другото залудно му стои во плакарот. Не знам од каде му е тоа? Јас не сум го научила така, јас не носам брендови“.

Па си го научила, и тоа како си го научила, така што си трчала да ја набавиш секоја „фенси“ играчка што ќе ја посака, така што за своето дете си го барала само најдоброто… Знам, си го правела тоа од љубов, но освести се и престани со тоа! Па нема за што да се чудиш што сега принцот бара кралски третман и што кога ти ќе му кажеш дека нешто е скапо и за вас е голем трошок, тој продолжува со своите барања како ништо да не чул. И потоа ти, мајко, одиш веќе петта сезона во исти чевли, но затоа твојата ќерка оди на професионално шминкање, нокти и носи чанта „луи витон“ , бидејќи сега сите ја имаат!

Нашите мајки за тоа имале подготвен одговор: „Не ми е грижа што прават другите“ и „Секоја чест!“

Никој не сака да го „расипе“ сопственото дете, но знајте:

МНОГУ СЕРИОЗНИ ГРЕШКИ СЕ КОМБИНАЦИЈА ОД ЉУБОВ И НЕЗНАЕЊЕ!

Навивам за вас! Се радувам кога помагам!

Автор: Билјана Грбовиќ



912

X