„Ех, таква е таа од малечка! Тоа што ќе го зацрта, мора да го оствари!“ Откако родителите ќе проверат на кого физички личи новороденото бебе, обично следна најважна тема е на кого е по „карактерот“. И навистина, не се сите бебиња исти. Некои плачат помалку, некои повеќе, некои полесно се плашат, а некои само во одредени ситуации. Некои полесно се приспособуваат на рутини, а некои многу се вознемируваат. Некои се „тешки“, а некои се „милина за чување“.
Дали и каква врска има тоа со прашањето какви ќе бидат децата како возрасни луѓе?
Уште во раното детство децата се разликуваат во емоционалните реакции и воопшто во однесувањето, односно покажуваат одреден темперамент. Темпераментот се базира на биолошки разлики во моториката, емоционалната реактивност, саморегулацијата, вниманието, кои се изразуваат преку различни ситуации како одговор на одредени поттикнувања. Детскиот темперамент содржи две основни карактеристики: 1. Се изразува преку однесување/може да се набљудува и 2. Релативно е стабилен. Цртите кои се присутни во детството, а кои не се стабилни и не се покажуваат подоцна во животот, се смета дека не се дел од темпераментот.
Разни истражувачи се обиделе да ги класифицираат типовите детски темпераменти. На пример, психологот Елизабет Планлап од Универзитетот на Висконсин Медисон, на примерок од 990 деца на возраст 6 и 12 месеци, а врз основа на извештајот од нивните родители, издвоила 4 профили – типичен, ниско-негативен, повлечен/инхибиран и позитивен/активен, што значи дека децата кои се повлечени и плашливи како бебиња, најчесто се склони кон истото однесување и подоцна во животот. Истражувањата генерално посочуваат дека постои значајна поврзаност помеѓу нашето однесување од само неколку месеци живот и во возрасна доба.
Прва таква студија е започната во 1950 година во Њујорк од страна на брачниот пар Стела Чес и Александер Томас. Тие набљудувале 133 деца од раѓање до 30. година и континуирано ги интервјуирале нивните родители. Сите деца ги опишувале преку 3 категории во однос на нивото на активност, расположение и расеаност: тешки, лесни и внимателни/срамежливи деца. Исто така, се покажало дека детето кое е тешко или лесно на 3 години, исто се однесува и подоцна во животот. Бебињата кои се склони кон експресија на негативни емоции, кои тешко се приспособуваат на промени, високо се реактивни и со послаба емоционална регулација, во минатото се опишувале како да имаат „тежок“ тип на темперамент.
Денес аспектите на темпераментот главно се класифицираат во 3 димензии: свесна контрола, што опфаќа самоконтрола и способност за фокусирање на вниманието, на пример, на играчка. Потоа – негативна афективност, што значи пониско ниво на негативни емоции, како страв и фрустрација. И екстраверзија, што значи високо ниво на активност, возбудување и друштвеност.
Една лонгитудинална руска студија која го проценувала детскиот темперамент по овие димензии на возраст од 7 месеци и подоцна на 8 години, покажала многу доследности, но и неочекувани недоследности. На пример, оние што имале добра свесна контрола како возрасни луѓе имале изразена црта на совесност како деца. Тоа значи дека ако вашето бебе добро се фокусира на играчка која го интересира, можно е без проблеми да ја одржува својата соба уредна кога ќе порасне, а и дека ќе биде професионално и академски успешно. Но, се покажало и дека не мора да значи оти насмеаното бебе нужно ќе биде друштвено кога ќе порасне.

Имајќи предвид дека коренот или основата на личноста може да се мапира уште во раното детство, очекувано е и веќе на рана возраст да може да се предвиди некој вид психопатологија. Децата што ги карактеризираат многу интензивни доживувања и изразувања на емоции во рамките на првата година од животот се поврзуваат со психијатриски нарушувања подоцна во животот. Факторот на ризик за интернализација на проблемот (особено анксиозноста) преставува негативна емоционална реактивност, висока срамежливост и страв. Со хиперактивното нарушување на вниманието се поврзува високата активност и намалена саморегулација.
Меѓутоа, тоа што темпераментот е генски заснован, не значи дека на него не влијае и искуството, но и многу други фактори како полот, менталното здравје на родителот и социо-економскиот статус. Постои можност и да е помалку стабилен во раната возраст, а со текот на годините да станува постабилен. Затоа денес не се вели дека темпераментот ја предвидува подоцнежната личност, туку дека едноставно се поврзани. Ако сакате да предвидите какво ќе биде вашето дете кога ќе порасне, почекајте барем додека не наполни 3 години.
Автор: Сања Дутина-Драговиќ