Во анкетата родителите објаснуваат дека променетиот начин на живот го објаснувале соодветно на тоа како што верувале дека ќе разберат децата. Некои цртале, други раскажувале, трети заплашувале со полиција…

Најголем дел од децата се свесни за коронавирусот зашто им се промени начинот на живот, не одат во градинка или во училиште, а некомуницирањето со врсници најтешко им паѓа. Ова го покажа анкетата што ја направивме со родители од различни делови од државата и различни занимања. Променетиот начин на живот го објаснувале соодветно на тоа како што верувале дека ќе разберат децата. Некои цртале, други раскажувале, трети заплашувале со полиција…

Најголем дел од нашите анкетирани, околу две третини, имаат деца на возраст од 2 до 6 години, а потоа од 7 до 9 години. Половина од нив имаат две деца, околу 40 проценти имаат едно, а останатите 3 или повеќе од 3.

Ова се дел од одговорите на прашањето: Како разговарате со децата за новиот режим на живот?

– Зборуваме дека чичко полицаец рекол да седиме дома и дека ќе нè кара ако излеземе надвор. Кога ќе каже дека може, тогаш ќе излеземе.
– Искрено, отворено, едноставно дека мора да биде вака.
– Отворено. Свесен е за ситуацијата и за опасноста од заразата. Заеднички ги почитуваме сите препораки и кога сме дома и кога сме надвор, во маркет, во аптека и слично. Има девет години и сметам дека е важно да биде добро информиран за сѐ што е поврзано со ситуацијата.
– Уживаат во новиот режим, бараат само море, базен, шопинг и зоолошка.
– Го цртавме и објаснувавме дека сега вака мора.

– На поголемото дете му објаснив дека постои една болест во моментот во цел свет од која треба да се чуваме сите и дека не треба да се излегува од дома додека не заврши. Му објаснив дека често треба да се мијат рацете темелно со вода и сапун и дека треба да не се допира лицето и да не допира никаде доколку рацете се нечисти. Исто така, му објаснив дека болеста, т.е. вирусот се едни ситни капки кои не се гледаат со голо око и влегуваат во телото и предизвикуваат кашлица, висока температура, кивање, тресење од ладно… Сметам дека доволно ме разбра и по секое валкање на рацете бара да му помогнам да ги измие со сапун и кога му се валкани рацете никако не допира никаде и не се допира на лицето. Сериозно ја сфати работата и немам никакви проблеми. Дури и не прашува зошто не излегуваме и шетаме.
– Поголемото дете разбира и не инсистира на одење надвор, а помалото има напади кога му кажувам дека не можеме да излеземе.
-Дека полицијата не нè пушта да шетаме.
– Секој ден имаме час по корона, почнавме со потеклото, па сè до мерките за движење, односно зошто не смееме да излегуваме.
– Надвор има полиција, во продавниците има полиција, кога ќе оздрават сите, полицијата ќе си оди и ние ќе можеме слободно да шетаме.
– Треба да се чуваме од настинки, да се храниме здраво за да сме силни, да миеме раце.
– Им кажувам кога имаме забрана за излегување, што не треба да правиме итн.

На децата им е најтешко што не си ги гледаат другарчињата, а дел од нив и бабата и дедото. Родителите одговараат дека многу од децата ги промениле навиките за спиење, легнуваат доцна и стануваат подоцна и се плашат дека тоа ќе се одрази лошо кога ќе се врати стариот начин на функционирање. Дел од родителите се жалат дека тешко им оди учењето со децата.

Родителите што работат од дома велат дека знае да биде многу напорно. Ова се дел од одговорите за тоа што им е паѓа тешко на родителите.

– Тешко ми е сѐ. Ми недостига воздух и време за себе. Ми недостигаат учениците, родителите, другарките… Преокупирана сум со онлајн-настава, следење и оценување, правење купишта јадења. Тешко ми е што сопругот нонстоп е на работа, а ние сме сами.
– Организацијата за обврските (работа, училиште, домаќинство) и набавки, постојаното внимание на стерилизација, стравот од исходот на ситуацијава, па како последица на сите овие комбинации, тешко е и да се најде задоволство во нешто.
-Домашните ми се тешки.
– Тешко е во деновите кога работам од дома да се избалансира сè и секој ден да тече без преголеми промени. Задоволство е што четворицата поминуваме многу повеќе време заедно.
– Задоволство ми е што сум со моите деца (тоа ми дава сила покрај сè). А најтешко ми е што не се согласувам со другата страна околу воспитувањето на моето поголемо дете. А друга опција (да одам на друго место) нема и се надевам дека болеста ќе заврши брзо и ќе си бидам повторно со сопругот и децата.



912

X