Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин" - Свети Николе и Битола

Повеќе од авторот

Разликата помеѓу раѓањето на децата е значаен фактор

Одредени студии покажале дека најстарото (првородено) дете во семејството има тешкотии во приспособувањето. Ова го поврзуваат со тоа што родителите на првото дете повеќе стрептат над него, се однесуваат кон него повеќе заштитнички, внимаваат детето навреме да оди на спиење, во точно време да јаде, односно родителите повеќе стравуваат во разни ситуации на неговото негување и растење. Првороденото дете оформува една тесна врска со мајката, која со текот на времето го губи својот интензитет, а најмногу кога ќе се појави второто дете.

Покрај тоа што првороденото дете е опкружено со преголемо внимание од родителите, тоа е и жртва на неискуството на родителите, подоцна од него се очекува да има одредена одговорност за помладото братче или сестриче, а од друга страна, му е тешко што повеќе не е центар на внимание на неговите родители.

Бидејќи првото дете се чувствува запоставено по раѓањето на неговото братче или сестриче, тоа прави сè за да им го привлече вниманието на родителите.

Поради преголемата заштита на првороденото дете од страна на родителите, тоа многу лесно може да стане конзервативно и помалку доминантно, најчесто му недостига самодоверба и особини на водич. Најчесто е сугестибилно, зависно е, почувствително, помалку е склоно на изразување приврзаност. Поради родителскиот идеализам, најстарото дете пати од чувство на неуспех, поради што избегнува да преземе нешто во што е несигурно, а пак тоа го доведува до чувство на несигурност.

Второроденото дете е поштедено од емоционалната тензија што родителите ја имале спрема првото дете. А тоа се должи на поголемото искуство што родителите го имаат во улогата на родител, родителите помалку се напнати во одгледувањето и растењето на второто дете, помалку го галат, помалку се плашат за него, а пак како резултат на тоа второроденото дете обично е помалку зависно од првото. Ставот на мајката спрема второто дете е постабилен и има повеќе топлина бидејќи таа не е под влијание на амбиваленцијата која се јавува како резултат на губење на слободата кога ќе се роди првото дете.

Разликата помеѓу раѓањето на децата е значаен фактор како мајката ќе се однесува спрема децата. Кога разликата во годините помеѓу децата е помала, тогаш тоа е подобро и за мајката и за децата, бидејќи спрема нив се однесува порационално, подемократски и со повеќе разбирање.

Разликата во однесувањето на мајката спрема децата не се забележува до моментот кога второто дете ќе почне да оди на училиште, но во однос на дисциплината мајката е попопустлива спрема второто дете, а од првото дете бара поголема послушност.

Во семејства со три и повеќе деца средното дете е склоно да биде многу повеќе занемарено во однос на првото дете. Така што и средното дете, како и првото, има недостиг на агресивност и борбеност, често не може да го задржи вниманието на едно место, многу тешко прима и дава љубов. Утврдено е дека помеѓу средните деца во семејството има најголем број „неомилени деца“.
Најмалото дете во семејството најчесто останува долго време мало. Родителите го галат најмалото дете и внимаваат на него дури и тогаш кога веќе е во состојба да се грижи само за себе. Бидејќи изгледа мало и недоволно зрело во однос на другите деца, често родителите не го земаат предвид неговото мислење во однос на многу работи. Поради ова, во однесувањето кон најмалото дете се јавуваат два екстрема – толеранција и занемарување, а тоа влијае на погледот на светот на најмалото дете и неговото понатамошно однесување.

Честа е појавата постарите браќа и сестри да ја преземат улогата на родители во воспитувањето на најмалото дете, дури и го казнуваат доколку направи некоја грешка што не одговара на нивните стандарди. Постарите деца се жалат дека на најмалото му се допуштаат работи кои ним не им биле допуштени, родителите се премногу попустливи во воспитувањето на најмалото дете, дека е разгалено, дека нема никаква одговорност. А од друга страна, најмалото дете се жали дека секогаш е туркано настрана, никогаш нема нова играчка или облека, од сите е критикувано. Како резултат на ова, најмалото дете, кога ќе порасне, ќе биде премногу раздразливо и спрема родителите и спрема луѓето надвор од куќата.

Најмалото дете е секогаш најмало, а како такво секогаш му се помага во сè што ќе посака, за него нема тешкотии во постигнување на целта бидејќи секогаш другите работат за него, самодовербата никогаш не му е нарушена бидејќи по него нема друго дете, никогаш не е тргнато настрана и секогаш е центар на внимание, а како такво секогаш ќе има оптимистички поглед на животот.



912

X