Сонце, па дожд, па заладување, па одеднаш станува потопло неколку дена – овие промени придонесуваат за појава на вируси кои ги напаѓаат дишните органи. Еден од главните знаци на респираторните инфекции е кашлањето, па следува подетална приказна со акцент на надразнувачката „сува“ кашлица.

Дали помагаат сирупите на билна основа?

Помагаат!

Тие може да им се даваат на децата и без преглед, доколку детето што има сува кашлица е добро расположено, има добар апетит, нема покачена температура и нема отежнато и забрзано дишење, а кашлицата се зголемува во лежечка положба. Тогаш речиси сигурно се работи за „слеана“ кашлица поради вирусно воспаление на носот и грлото.

Белиот слез со векови се користел како лек за кашлица која го следи воспалението на горните дишни органи. Сирупот од бел слез ќе ја ублажи слузокожата на грлото, ги „покрива“ нервните завршетоци кои го пренесуваат надразнувањето на кашлица, и така му помага на детето да се избори со досадната, сува, непродуктивна кашлица, но и помага во заздравување (иако не влијае врз вирусот што ја предизвикува кашлицата).

Како?

Така што детето поретко кашла (бидејќи белиот слез ја „покрил“ и заштитил оштетената слузокожа), па на тој начин се намалува ефектот на оштетување на слузокожата која веќе е зафатена од вирусот. Имено, секоја епизода на суво кашлање дополнително ја оштетува ранетата слузница на дишните органи, па рецепторите за кашлање стануваат уште поранливи и надразнети, а кашлицата се зајакнува и се затвора „маѓепсаниот круг“ кој води до влошување на болеста. Затоа со намалувањето на надразнувањето, сирупот од бел слез помага во регенерацијата на заболената слузокожа на дишните патишта кај детето.

Кога е време за преглед на педијатар?

Прегледот е задолжителен ако:

– детето има висока температура и кашлицата се влошува – ова укажува на сериозна инфекција!
– ја изгуби живоста и станува незаинтересирано и поспано – исто така навестува дека нешто сериозно се случува;
– се јавува отежнато (како да свири) и забрзано дишење – тоа укажува на бронхитис;
– се јавува кашлица која звучи како лаење од куче, проследена со „стругање“ при вдишување и издишување. Тогаш речиси е сигурно дека е во прашање ларингитис;
– губи апетит и почнува упорно да повраќа – можеби вирусот го нападнал желудникот.

Би требало да се изврши преглед доколку нема баш никаков напредок, по три до пет дена од користење на сирупот.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ, педијатар



912

X