Здравје

Подготовка за бременоста

Кога вие и вашиот партнер ќе одлучите да имате бебе, обајцата ќе мора да се концентрирате на здравјето. Идеално би било со подготовката да почнете најмалку три или дури и шест месеци пред да посакате да зачнете, пишува Emma’s Diary.

Ако ова ви е прво бебе, ако сте имале проблеми со претходната бременост или ако сте имале каква било здравствена тешкотија, добра идеја е да посетите лекар за да се прегледате. Ова е особено важно ако имате долгорочни здравствени проблеми. Исто така, можеби ќе мора да ја намалите дозата или целосно да ги исфрлите лековите од употреба. Планираната бременост ќе ги зголеми шансите да имате здрава бременост и здраво бебе.

Планирана бременост

Ако претходно сте го доживеале искуството, ова е идеално време да се присетите на претходната бременост и на евентуалните различни проблеми што сте ги искусиле за да ја планирате вашата идна бременост. Некои состојби, како што се предвремено породување, гестациски дијабетес, прееклампсија или прекумерно крвавење по породувањето, може да се повторат и во новата бременост, поради што може да бидете под болнички надзор. Ако постои историја на наследни болести, можете да закажете преглед кај генетичар за да поразговарате во врска со ризикот во идната бременост и да дознаете кои тестови се достапни.

Пушење

Пушењето, пред сè, ја нарушува плодноста кај двата пола. Кај жените што пушат постои тенденција да имаат пониско ниво на естроген во споредба со оние што не се зависнички од никотин и тоа може да доведе до неправилни овулации. Дури и да не се случи тоа, никотинот и другите токсини од цигарите можат да ги намалат шансите за зачнување. Мажите пушачи често имаат помал број сперматозоиди, а и квалитетот на спермата главно е послаб, што доведува до помали шанси за оплодување на јајце-клетките. Значи, со откажувањето од пушењето обајцата партнери можат да ја зголемат нивната плодност, како и шансите за остварување бременост.

Алкохол

Честото консумирање алкохол може да влијае врз производството на здрава сперма и здрави јајце-клетки. Кај мажите, консумирањето алкохол може да доведе до помал број сперматозоиди. Идеално би било кога човекот ќе престане да пие најмалку три месеци пред зачнувањето за да се развие здрава сперма.
Иако алкохолот кај жените што пијат ретко ја нарушува овулацијата, може да доведе до неуспешна бременост и сигурно може да го зголеми ризикот од прекин на бременоста. Во бременоста алкохолот може да го ограничи развојот на фетусот и може да доведе до малформации.

Лекови

Со оглед на тоа што оплодувањето и раниот развој на бебето зависат и од избалансирани процеси во телото, сите дополнителни хемикалии што влегуваат во вашето тело може да ја нарушат рамнотежата. Поради тоа, лековите и одредени опојни супстанции се опасни за плодноста и развојот на нероденото бебе. Пред да почнете да земате лекови без рецепт, природни лекови и други додатоци, секогаш треба да барате совет од лекар што знае дека се обидувате да добиете дете.

Телесна тежина

Ако сте премногу слаби или премногу дебели, и тоа може да влијае врз вашата плодност и може да доведе до компликации во бременоста. Ако е можно, вашата тежина треба да се движи во опсег од 15 кг од идеалната тежина.
Ако сте премногу слаби, постои ризик вашето бебе да биде премногу мало и може да имате проблеми во текот на бременоста и по породувањето. Ако сте дебели, постои веројатност да добиете дијабетес или покачен крвен притисок во текот на бременоста.

Здрави животни навики

Правилната исхрана и редовната физичка активност исто така се важни за плодноста и здравјето на вашето бебе. Исклучувањето на брзата храна и консумирањето урамнотежена исхрана најмалку четири месеци пред да почнете да се обидувате да зачнете ќе ви помогнат да надоместите какви било недостатоци во исхраната што дотогаш сте ги имале. Јадете многу овошје и зеленчук, храна богата со белковини, како што се пилешкото месо, рибата и некои житарки. Пијте осум чаши вода дневно и бидете физички активни.

Секс и зачнување

За да дојде до зачнување, потребно е да водите љубов за време на овулација, т.е. во периодот кога јајце-клетките се спуштаат во јајцеводите. Овулацијата вообичаено се случува од 12 до 14 ден пред почетокот на менструалниот циклус. Ова значи дека ако имате регуларен менструален циклус од 28 дена, најплоден период во месецот ви е околу 14. ден.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top