Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Учењето на читањето започнува дома, долго пред детето да тргне во училиште

Патот за да се стане добар читач почнува со денот на раѓањето на детето и продолжува сè до крајот на одделенската настава. Дотогаш детето мора да чита со леснотија и со разбирање за да може да се справи со предизвиците на учењето во предметната настава и во понатамошното школување и во животот.
Овој пат ќе се задржиме на неколку вештини што се формираат кај детето во првите 6 години – уште пред да почне со читање и се нарекуваат претчитачки вештини – и на тоа како секој родител може да придонесе тие да се развијат за детето да биде подготвено за читање во второ одделение.

Зборување, слушање и учење нови зборови

Учењето на читањето започнува дома, долго пред детето да тргне во училиште. Многу рано децата почнуваат да ги учат гласовите од говорниот јазик кога ги слушаат другите во семејството како зборуваат, се смеат и пеат и кога одговараат на сите тие гласови од својата околина. Децата почнуваат да го разбираат писмениот јазик кога слушаат како возрасните им читаат приказни и ги гледаат возрасните како читаат списанија, весници и книги.

Совет:
– уште од самото раѓање разговарајте со детето онака како што би разговарале со другите, на течен разбирлив јазик;
– зборувајте многу пред своето дете, со чисти, долги и смислени реченици;
– не заборавајте да му читате на детето, буквално уште од самото раѓање, гласот кој го слуша секогаш ќе го поврзува со убави чувства во врска со читањето. До тргнувањето на училиште детето мора да слушне најмалку 1.000 приказни;
– продолжете секојдневно да му читате на детето, најмалку 15 минути дневно, повторувајте ги приказните, тоа ужива во тоа, а во иднина ќе го направи академски поуспешно;
– вашите деца секојдневно нека ве гледаат како читате, примерот е најважен, а и оставате впечаток дека е нешто многу значајно.

Текстот и книгите

Текстот и книгите ги користиме на одреден начин, ги превртуваме страниците, ги читаме во линии зборовите во нив, почнувајќи од лево кон десно. Ова знаење како да се користат книгите се нарекува свесност за текстот. Оваа свесност е важен дел од способноста за читање и пишување. На децата што го познаваат текстот им е јасно дека зборовите што ги гледаат во него и оние што ги зборуваат и слушаат се поврзани. Тие ги користат и гледаат многу текстови дури и кога се мали и не знаат да читаат, на знаците, на рекламите, во сликовниците, на пакувањата од производите, во списанијата и весниците, на телевизија, на компјутер, на телефон. Тие гледаат како членовите од семејството го користат текстот и сознаваат дека текстот е секаде околу нив и дека се користи за најразлични намени.
Совет:
– пред да почнете да ја читате сликовницата, заедно со детето прво погледнете ја насловната страница, што има на неа, што е напишано, разгледајте ги илустрациите во сликовницата, прашајте го што мисли, за што се зборува во оваа книга;
– кога читате, покажувајте со прстот преку зборовите, редовите, а детето нека ве гледа, па потоа нека ве имитира како се чита;
– нека споредува различни писма, нека ја согледува разликата меѓу нив;
– заедно читајте ги знаците, рекламите, кутиите од разни производи.

Гласовна свесност

Еден од најважните фактори за детето да може да почне да чита е фонолошката или гласовната свесност.
Гласовите ја покажуваат поврзаноста помеѓу буквите и нивните гласови кои се користат при пишувањето и читањето. Секоја буква има свој глас – звучен одраз на напишаната буква. Гласовната свесност укажува на способноста да се слушне и каже разликата меѓу зборовите, гласовите и слоговите во говорот.

Ова се четирите елементи на гласовната свесност:

1. Препознавање на почетен и краен глас во зборот: Ова е онаа стара добра игра „на буквата, на буквата“ – играјте ја секојдневно за да се развие навреме оваа вештина. Кога ова ќе го постигнете, преминете на препознавање на последниот глас од даден збор.

2. Гласовна анализа: Ние кажуваме или ги читаме буквите од зборот, на пример, гласовите м, а, ч и е. Потоа детето ги повторува по ред, прво побавно, а потоа сè побрзо и побрзо додека не каже МАЧЕ.

3. Гласовна синтеза: Паралелно со анализата се совладува и гласовната синтеза, на детето му го кажувате целиот збор и барате да го каже буква по буква. Оваа вештина е основна за детето да може и да го прочита и да го напише зборот.

4. Римата: Кога децата ќе можат да ја препознаат римата штом ќе ја слушнат и ќе можат сами да создадат рима, тогаш велиме дека го совладале и овој елемент од гласовната свесност. Има повеќе можности со кои се согледа препознавањето на римата од страна на децата, на пр. „Дали некогаш си видел слон да дува балон?“; „Дали некогаш си ја слушнал Весна да пее песна?“

Истражувањата покажале дека колку лесно детето ќе научи да чита, во голема мера зависи од тоа колку ја совладало гласовната свесност, па затоа, родители, вежбајте ги овие елементи од гласовната свесност сè додека целосно не ја совладаат. Кога детето целосно ќе владее со овие елементи, можеме да бидеме сигурни дека ќе чита и ќе стане добар читач. Ова и нека ви биде ориентација дали детето можеби нема некои проблеми во однос на совладувањето на читањето, па навреме да се обратите за помош.

Азбуката

Уште пред да тргнат на училиште децата веќе знаат голем дел од облиците на буквите. Некои знаат и да ги именуваат буквите. Ова во голема мера ќе им го олесни изучувањето на читањето. Големо олеснување во нашиот азбучен систем е и тоа што секоја буква има свој глас, па детето не поврзува погрешно. Поголем проблем во почетното описменување кај нас создава диференцирањето на големите од малите печатни букви, на ракописните од печатните букви, бидејќи некои од нив се многу различни, па детето наместо 31, всушност учи повеќе облици на букви. Можеби и поради тоа пред почетокот на описменувањето децата ги знаат големите, но не и сите мали печатни букви. Но, доколку се почне навреме и соодветно, сè се постигнува, со Бушавата азбука, а сега и со азбуката на Биби е уште полесно.



912

X