Наместо да трошите време на губење нерви поради чувството дека не можете да имате сѐ под контрола, препорачливо е подобро да се организирате и времето потрошено на нервози да го поминете во игра со вашите деца.

Дали сте паднале во таа замка? Немате време да го одржувате домаќинството онака како што би сакале и имате впечаток дека постојано е неуредно, постојано ја вклучувате правосмукалката, готвите, па пак чистите, го барате мобилниот низ домот зашто не знаете каде сте го оставиле… ги прескокнувате играчките и секогаш нагазувате на некоја мала коцка, а тоа боли. Сте почнале пет работи, а ниедна не ја завршувате, а во меѓувреме вашите деца пет пати ве прекинале во активностите. Сигурно се препознавате во барем дел од ова, па можно е да ви недостига малку организација. Ова се неколку совети што треба да ги примените во ваков случај:

 

1. Аутсорсингот е повторно ин

Иако овој поим пред неколку години беше предмет на потсмев, не треба толку лесно да се исфрли. Ако ви одговара некој да ви ги донесе намирниците до куќниот праг, искористете го тоа. Ако конечно одлучите да имате надворешна помош за чистење, направете го тоа. Ослободете се од обврските колку што можете повеќе и сфатете дека не мора баш сѐ да направите вие. Нема поради тоа да бидете помалку вредна мајка или татко. Тоа време поминато со крпа в раце или еден час во продавница подобро поминете го надвор со децата. Ќе бидете посреќни, а и куќата ќе биде чиста и фрижидерот полн.

2. Нека ви помогнат и децата

Децата од многу рана возраст се подготвени да учествуваат во сето она што го прават возрасните, па во согласност со нивната возраст, може да им зададете одредени активности што ќе можат да ги извршуваат – да ги носат чиниите на маса, да го избришат со крпа она што го истуриле, да ги кренат своите играчки од подот. Преку овие активности децата ќе учат да се грижат за себе. Тоа не значи дека треба постојано нешто да работат. Ваша цел е да ги научите да се грижат за себе и да развијат свест дека нешто мора да се направи.

3. Играчки на полици

Полиците не само што овозможуваат организација на играчките, туку помагаат во избирање на оние што се навистина интересни за децата и ги отфрлаат оние што се вишок. Полицата нека ви биде мерка за бројот на играчки и тие нека бидат наместени за убаво да се види што има на самата полица. Немојте да ги натрупувате. Оние играчки што детето ги сака нека бидат лесно достапни, а оние со кои помалку игра, ставете ги повисоко.

4. Подготовка на оброк еден ден претходно

Додека готвите еден оброк, искористете го времето да зготвите нешто и за утрешниот ден. Можете истовремено да подготвите дел од ручекот за утредента додека правите вечера. Па наредното утро нема да треба да мислите на оброкот, а ќе заштедите и уште едно чистење на кујната.

5. Каде е што?

Организирајте места каде што некои предмети секогаш ќе бидат тука. Клучевите, на пример, нека бидат во ходникот, полначите за мобилните телефони на комодата во дневната соба. Кога се децата во прашање, работите можат полесно да исчезнат, па затоа најдобро е пред вашето дете да почне да се нервира додека ја бара чантата, таа секогаш да се наоѓа на исто место, на пример, закачена во ходникот, за детето само да ја дофати пред да излезе од дома.

5. Она што сте го почнале, довршете го

Валканата облека ставајте ја во кошницата за валкана облека, а не на под. Чистата облека ставајте ја во орманот, а не на столовите. Секоја работа нека си има свое место во домот и откако ќе завршите со неа, вратете ја на истото место. Ова бара самодисциплина, но брзо ќе се уверите дека оваа практика е добра за вас и за целото семејство, а така ќе бидете и пример за децата да го завршат она што го почнале.

Автор: И.Ш.



912

X