Во денешниот брз свет, каде што децата поминуваат сè повеќе време пред екрани, потребата за физичка активност што го поттикнува севкупниот развој станува поважна од кога било. Пилатес-топката, иако често користена за фитнес и рехабилитација, се истакнува како моќна и динамична алатка за стимулирање на психомоторниот развој кај децата. Благодарение на нејзината забавност и ефективност, може да се интегрира во секојдневните активности и да помогне во изградба на моторните, когнитивните и социјалните вештини кај децата. Психомоторниот развој вклучува координација на когнитивните, моторните и сензорните вештини. Со користење на пилатес-топката се поттикнува рамнотежа и координација, активностите на нестабилна површина, како што е топката, го стимулираат вестибуларниот систем, што е клучно за развојот на рамнотежата и постуралната контрола. Преку активности како фрлање, фаќање или балансирање на топката, децата ги развиваат моторните способности кои се основа за секојдневните активности. Во однос на сензорната интеграција, движењата со топката ја стимулираат сензорната обработка, помагајќи им на децата да ги координираат влезните информации од различни сетила. Особено е корисна за деца со тешкотии во сензорната обработка бидејќи овозможува комбинација на вестибуларни, тактилни и визуелни стимули.

За кого е корисна пилатес-топката?

Корисна е за СИТЕ деца за унапредување на физичката активност и когнитивните способности. Особено е корисна за деца со аутизам, АДХД, нарушувања на моториката или проблеми со сензорна обработка, придонесува за подобрување на фокусот и вниманието. Динамиката на движењата бара од детето да биде внимателно и да го следи ритамот на топката, што ги подобрува вниманието и концентрацијата. Ова е особено корисно за деца со АДХД бидејќи комбинацијата на физичка активност и сензорна стимулација го намалува хиперактивното однесување. Топката може да се користи како дел од терапија за подобрување на мобилноста и координацијата. За деца со аутизам, топката се користи за сензорна стимулација преку лесно нишање или превртување, што може да помогне во намалување на анксиозноста и подобрување на сензорната интеграција. Деца со моторни тешкотии, вежби за рамнотежа и координација, како што се „превртување напред-назад“ или „држење позиција на топката“, ќе ги зајакнат мускулите и ќе ја подобрат постуралната стабилност. Активностите со пилатес-топката можат да бидат адаптирани според возраста и потребите на децата. Најбитно е секогаш да се надгледуваат децата додека користат пилатес-топка, а просторот за вежбање да е безбеден, без остри предмети во околината. Топката треба да е со соодветна големина според возраста и висината на детето, за деца до 6 години, користете топка со дијаметар од 45 см, за постари деца, топка од 55-65 см е идеална.

Практични примери на активности со пилатес-топка:

Балансирање (за рамнотежа) Детето седи на топката со стапалата цврсто поставени на земја и се обидува да ја одржат стабилноста.Пробајте да фрла мала топка додека седи на пилатес-топката.

Превртување (за вестибуларна стимулација) Детето лежи на стомак врз топката и со рацете оди напред, додека ногата останува на топката.Оваа активност помага во зајакнување на рацете, рамената и грбот.

Фрлање и фаќање (за координација) Детето фрла топка кон ѕид или кон друг партнер, додека седи на пилатес-топката.

Истегнување (за флексибилност) Детето лежи на грб врз топката и полека се превртува наназад, што помага во истегнување на ‘рбетот и зајакнување на флексибилноста.

Групни игри (за социјализација) Во групна средина, децата можат да играат „пренеси ја топката“, што вклучува фрлање или туркање на топката кон партнерите.

Препораки за интеграција на пилатес-топката во образованието и терапијата

Редовната употреба на пилатес-топка во активностите на децата може да донесе многу долгорочни придобивки како зајакнување на постуралната свесност, преку постојаното одржување на рамнотежата, децата учат да ја препознаваат и коригираат својата постура, што може да спречи идни проблеми со ‘рбетот. Динамичните и забавни активности со топката ги намалуваат анксиозноста и стресот кај децата, што е важно во современиот брз начин на живот. Учењето вежби со пилатес-топка уште од мала возраст ги поттикнува децата да ги развиваат навиките за физичка активност, што е важно за нивното физичко и ментално здравје.

Во училницата наставниците можат да ја користат пилатес-топката како алтернатива за обичните столчиња, особено за децата што имаат потреба од повеќе движење за да го задржат вниманието.Кратки паузи со вежби на пилатес-топка може да ги раздвижат учениците и да го подобрат нивниот фокус. Во домашна средина родителите можат да ја вклучат топката во секојдневната игра со своите деца, создавајќи моменти на забава и поврзаност.

Во терапевтски сесии може да се користи топката како дел од програми за рехабилитација на моторни и сензорни способности. Специјалните едукатори и рехабилитатори важно е да ги адаптираат активностите според потребите на секое дете. За некои деца, едноставни вежби за балансирање може да бидат доволни, додека за други може да се вклучат поголеми движења со целото тело. Пилатес-топката е моќен инструмент за психомоторната реедукација и е особено ефикасна во работата со деца со развојни тешкотии. Со комбинирање вежби за баланс, координација, сензорна интеграција и емоционална регулација, пилатес-топката помага во развојот на целокупниот психомоторен потенцијал на детето, што ја прави идеална алатка во работата на специјалните едукатори и рехабилитатори.

Автор на текст: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник- ментор/ реедукатор по психомоторика во едукација



912

X