Воспитување

Како неверството во бракот влијае врз децата?

Кога првпат почнал да работи, Талал Алсалим сфатил дека е многу страстен кон работата со парови. Тие му претставуваат предизвик затоа што треба да им помогне на двајца луѓе со различни искуства и понекогаш различни планови. Повеќето од паровите со кои се сретнал, околу 50 отсто од нив, се справувале со последиците од неверството. Затоа во 2014 година отворил ординација каде што работи исклучиво со парови. Со други зборови, тој специјализирал како семеен или брачен терапевт.

„Постојат безброј причини зошто може да дојде до неверство во врската, но тие можат да се поделат во три категории: општествени, релациски и индивидуални фактори. Аферата може да предизвика интензивни емоции, чувство на очај и збунетост околу тоа што да правиме понатаму“, објаснил тој.

Алсалим истакнува дека најголемиот проблем е што паровите кои имаат афера често забораваат дека невидливи жртви на сето тоа се децата. „Иако има многу малку истражувања за влијанието врз децата, во мојата клиничка практика забележав голем број долгорочни и краткорочни ефекти кои неверството ги има врз децата“, додал тој и открил кои се тие.

Краткорочни ефекти

Кога едниот партнер ќе открие дека неговиот партнер бил неверен, во куќата настанува непријатна ситуација. Изневерената страна е тажна, лута и исплашена. Емоционалниот интензитет влијае и врз нејзината способност за родителство. „Децата може да доживеат полоша грижа, на пример, во хигиената, бидејќи родителите не обрнуваат внимание на тоа. Тие можат да пропуштат да одат на училиште или воннаставни активности и да изгледаат исцрпени поради расправиите на родителите. Наставниците понекогаш гледаат дека детето се обидува да го привлече вниманието кон себе на училиште“, вели терапевтот.

Кога децата се изложени на емоционален стрес, тие ќе се чувствуваат депресивно, тажно или раздразливо. Нивната вознемиреност за исходот може да доведе до промени во апетитот, недостиг на сон и недоволна концентрација. „Најштетно е што децата во такви ситуации ја преземаат улогата на возрасни и се наоѓаат меѓу двајца родители кои се во војна еден со друг. Детето станува пион за секој родител и може да му биде тешко“, предупредува Алсалим.

Долгорочни ефекти

Кога децата ќе дознаат дека едниот родител му бил неверен на другиот, постои можност нивниот сексуален развој да биде доведен во прашање. Ова може да се случи години по неверството во семејството. „Исто така, видов дека децата кои пораснале во семејство каде што се случило неверство имаат поголема веројатност да внесат неверство во нивните идни врски. Помалку им веруваат на другите и ќе бидат сомничави кон својот партнер, дури и ако немаат причина за тоа. Или самите ќе станат неверни. Тоа станува дел од нивната културна норма“, продолжува Алсалим.

Како родителите да ги заштитат децата?

Според терапевтот, ако имало неверство во однос во кој се вклучени и деца, најдобро е да го задржите тоа за себе и да ангажирате професионалци кои ќе му помогнат на семејството.

„Иако не постои начин да се сокрие емотивното влијание на неверството, децата не треба да ги знаат деталите за тоа што се случило. Родителите треба едноставно да им објаснат на децата дека се справуваат со некои проблеми и прават сѐ што можат за да ги решат. Што е најважно, треба да ги убедат децата дека тие не се виновни за кавгите во куќата“, вели Алсалим.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top