Првиот чекор до квалитетен одмор е свеста за тоа дека одморот е потреба. Понекогаш може да ни се случи да помислиме дека со земањето одмор губиме од квалитетот на работата и се оддалечуваме од целта што сакаме да ја оствариме. Меѓутоа, науката го тврди спротивното. Истражувањата покажуваат дека за долгорочно и успешно справување со работните предизвици, многу е важно да се врати телото во рамнотежа – по период на интензивно работење, клучно е барем еднаш годишно да се има неколку недели континуиран квалитетен одмор. Тоа подразбира прекин на работните рутини и оттргнување од секојдневните задачи, па следствено на тоа уживање во некои други активности што нè релаксираат. Притоа, освен што е важно за нашето општо чувство за благосостојба и за физичкото здравје, бидејќи ни овозможува да забавиме и да излеземе од секојдневието кое често со себе го носи стресот, квалитетниот одмор позитивно влијае и врз нашата успешност во работата, па генерално и во животот.

Бегството од секојдневието ни дава можност својата животна и работна рутина да ја согледаме од друга перспектива. Научните истражувања од неврологијата потврдуваат дека кога престануваме активно да се занимаваме со она што ни е вообичаено во фокусот, па се насочуваме на нешто друго или едноставно се опуштаме, се случува интензивна мозочна активност на реконструирање на старите информации на нов начин. Се работи за несвесен процес кој конечно резултира со нови увиди.

Токму на тој начин можеме навистина да ги наполниме своите батерии, не само како резултат на физички одмор, туку и преку креирање нови идеи и решенија. Имено, неретко одморот ни носи поголема јасност што е она што го сакаме, што е она што ни е важно, па ни помага да се освестиме за сето она што нè оттргнува од посакуваните цели. Резултат на тоа е дека од „вистинскиот“ одмор неретко се враќаме не само одморени, туку и мотивирани и одлучни да воведеме позитивни промени во својот живот и работа. И тоа сигурно е една од причините зошто истражувањата континуирано потврдуваат дека луѓето што редовно одат на годишен одмор се посреќни и позадоволни со својот живот. Но, зошто тогаш пропуштаме да се одмориме?

Верувам дека и пред претходните информации сте знаеле дека одморот е важен за секој од нас. Како тогаш, кога сме на одмор, некои од нас го користат работниот лаптоп, одговараат на е-пораки, се јавуваат на повици од клиенти и на тој начин пропуштаат на своето тело и ум да му дадат одмор и бегство кои им се бескрајно потребни? Еден одговор лежи во тоа дека ние, луѓето, го сакаме чувството дека некому му требаме или мислиме дека единствено ние можеме успешно да ги решиме проблемите. Го сакаме чувството дека сме важни, па не се осмелуваме да ја препуштиме контролата над она што ни е важно и во тоа вложуваме голем дел од своето време и труд. Затоа остануваме вклучени во сето она што се случува на работа и одговараме на е-пораки и повици. Во заднината на сето тоа се крие стравот дека може да бидеме заменети или дека без нашиот ангажман сè ќе пропадне. Затоа, кога мобилниот ќе заѕвони, чувствуваме вклученост во дел од светот кој сме го оставиле на неколку недели и иако тоа директно го попречува нашиот одмор, всушност ни дава чувство на мир и сигурност.

Од друга страна, дел од нас не сака работни повици кога сме на одмор и настојува да ја исклучи работата, но тоа сепак некогаш не тргнува од рака. Мобилниот и понатаму ѕвони, е-пораките пристигнуваат и ние продолжуваме да го живееме нашето секојдневие, само од некоја друга локација. Зад таквото сценарио често се крие недостиг на планирање и подготовка пред одење на одмор. Имено, еднакво како што ги планираме работните задачи, важно е да се испланира и подготви одењето на одмор, па да се изврши превенција на можните предизвикувачки ситуации кои може да настанат кога нè нема во канцеларија. Ако сакаме навистина да ги наполниме своите батерии на одмор и на тој начин позитивно да влијаеме врз нашето физичко и ментално здравје, па долгорочно и врз успехот во работата и животот, важно е максимално да се подготвиме за него.

Како да ги наполниме батериите?

Првиот чекор до квалитетен одмор е да се освести неговата важност и придобивките што ни ги носи. Потоа, одвојте неколку дена или барем часови пред одморот за активно да го испланирате своето заминување. Завршете ги сите започнати работни задачи, за да можете со мирна глава, физички и психички да се оттргнете од работната рутина.

Исто така, не планирајте состаноци и големи обврски за првиот ден по враќањето од одмор, туку резервирајте еден ден по враќањето за читање е-пошта и сè што сте пропуштиле додека не сте биле тука, па на тој начин со лесен чекор вратете се на работа. Важно е пред одморот да ги споделите своите очекувања со колегите од работа и да разјасните кои ситуации се итни, за да не ви се јавуваат за секоја ситница. Клучот за успешен одмор, без разлика дали е пасивен, активен или нешто трето, е планирање на заминувањето на одмор и прифаќањето дека работата може да функционира и додека не сте тука. Притоа, да се прифати дека не сме незаменливи не значи да се признае дека не сме важни, токму спротивното – на тој начин покажувате храброст и ги зајакнувате другите да станат самостојни, па креирате организација која функционира како тим, а не како збир на индивидуалци. И не заборавајте, колку поквалитетно ќе се одморите, толку враќањето на работното место, а и на животот, ќе резултира со поголеми успеси!

Автор: Петра Ѓопар

Извор



912

X