Tреба одговорно да се пристапи кон концептот на онлајн-учењето, образованието да се стави на прво место и да им се даде неизмерна поддршка на наставниците, учениците и родителите

Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, на сите ни се промени начинот на живот, така што секој ден се приспособуваме на новата реалност и на нашето ново „нормално“. Еден од најранливите сектори во оваа битка е образованието.

Неодамна почнав многу често да го слушам прашањето: „Која е сега улогата на наставниците во онлајн-наставата?“ На ова прашање сè почесто слушам, несоодветни, па и погрдни, навредливи одговори и коментари. Но, пред да се истакнуваат само негативностите, запрашајте се: што би било доколку ги нема наставниците, кои сè уште се соочуваат и се приспособуваат на својата изменета улога со цел да ја задржат и оправдаат довербата и авторитетот кај своите ученици?

Онлајн-наставата е настава која се одвива преку интернет, во т.н. виртуелни училници и не може да се очекува дека ќе се постигне интеракцијата што претходно ја имавме во класичната училница, училишните клупи, но се обидуваме да ги срушиме бариерите на просторно-географската оддалеченост. Учениците од прво до трето одделение што ја следат наставата онлајн се соочуваат со најголеми проблеми и тешкотии затоа што тоа е период кога тие се описменуваат и ги поставуваат основните, базични „темели“. Поради сето ова, улогата на наставникот е уште позначајна и поодговорна, бидејќи тој во оваа ситуација се јавува повеќе во улога на насочувач/ментор. Тој е креатор на својата виртуелна училница, во која се нудат голем број на ИКТ (информациско-комуникациска технологија) алатки, со кои содржините им стануваат поблиски и подостапни на учениците.

Наставникот ја планира онлајн-наставата во согласност со активностите што се поврзани со наставниот предмет кој се изучува и содржините кои се обработуваат во таа рамка. Според тоа, се регулира и самиот обем на наставниот материјал за учење. Од друга страна, се појавуваат активностите кои зависат од самиот наставник, односно тоа е делот каде што наставникот ја осмислува реализацијата на часот, ја истакнува својата креативност, а со тоа ги прави содржините поблиски до учениците. Соодветното објаснување на содржината на наставниот материјал е најзначајниот елемент при реализирање на онлајн-наставата.

Ангела Икономоска

Наставникот треба да биде јасен и концизен при изнесувањето факти и информации. Неопходно е да биде подготвен за давање дополнително објаснување на некои покомплексни содржини и доколку е потребно, да направи нивно упростување при реализирање и сведување на ниво кое е сфатливо за учениците. Може да направи и комбинација на некои поблиски содржини, со цел да ги поттикне учениците да ги поврзат и применат стекнатите знаења, а со тоа да се вклучат активно во наставниот процес.
Со „будно око“ потребно е да ги следи учениците како напредуваат и ги совладуваат содржините, дали она што се предава на часот е доволно јасно и да проверува повремено дали го следат „во чекор“. Тоа може да се постигне преку поставување прашања, отворање дискусии, организирање истражување на тема која буди интерес, давање збор на учениците да дадат свое сопствено мислење или идеи за решавање одредена проблематика и сл. Наставникот треба да ги поттикне учениците за напредок, да ги мотивира и да им дава постојано упатства за правилно користење на методи и алатки, со што учениците ќе се стекнат со клучната компетенција – „УЧИ КАКО ДА УЧИШ!“ и самостојно да ги совладуваат содржините. Неопходно е на учениците секогаш да им се дава навремена повратна информација и инструкции, за да можат самите да ги согледаат своите резултати од работата, да знаат како напредуваат во учењето, за да можат да ги надополнат недостатоците што ги имаат, а притоа да научат да се самооценуваат и да бидат самокритични.

Оттука се согледува дека и самото следење и оценување на резултатите на учениците преминува од сумативно (оценување на крајните знаења и вештини) кон формативно оценување (оценување на сите активности, односно целокупниот процес на учење) и самооценување.

Во онлајн-наставата клучно е праќањето дополнителни материјали и извори за учење да не се остави сè да се базира само на учебникот кој е предвиден за реализирање на конкретниот наставен предмет, затоа што сега се овозможува поголема флексибилност на наставата, а со тоа и стекнување неформални и информални знаења. На пример, можат да им се праќаат на учениците интересни видеозаписи, квизови, игри и сл. Од наставникот се бара да биде флексибилен, отворен во секое време за соработка, искрен и да има целосно разбирање за потребите на учениците.
Како и во класичната училница, така и во онлајн-наставата, постигнувањето позитивна атмосфера е неизоставен дел. За да се дојде до таа позитивна атмосфера, потребно е да се зајакне двонасочната комуникација на релација наставник-ученик, наставник-родител и ученик-ученик, со тоа ќе се отворат патиштата за понатамошна соработка и пријателски однос, помеѓу наставникот и родителите и самите ученици за работа во парови и групи.
Од сето ова се согледува колку е комплексна и одговорна улогата на наставникот.

Затоа треба одговорно да се пристапи кон концептот на онлајн-учењето, образованието да се стави на прво место и да им се даде неизмерна поддршка на наставниците, учениците и родителите.

Автор: Ангела Икономоска – дипломиран педагог



912

X