За влијанието на тироидната жлезда врз здравјето на мајката и на бебето разговаравме со проф. д-р Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство и доц. д-р Синиша Стојаноски од Институтот за патолошка физиологија и нуклеарна медицина

Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидните заболувања (ITAW) се одбележува веќе 12 години за да го потенцира неповолното влијание на нарушувањето на тироидната жлезда врз квалитетот на животот кај луѓето кај кои тоа не е дијагностицирано. Се смета дека околу 1,6 милијарда луѓе во светот се изложени на ризик, а стотици милиони во овој момент живеат со одредени состојби на тироидната жлезда. До 60% од оние што живеат со нарушување на тироидната жлезда се недијагностицирани, а луѓето можеби секојдневно се борат со симптоми, без да ја знаат основната причина за нивната појава. Сепак, откако ќе се дијагностицираат, нарушувањата на тироидната жлезда се лекуваат и кампањата за подигнување на свесноста се залага да се подобри тестирањето и глобално да се дијагностицираат овие нарушувања.

Оваа година Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда е посветена на темата „Мајка и бебе“. За влијанието на тироидната жлезда врз здравјето на мајката и на бебето, низ „Дали знаете…“ – прашања разговаравме со проф. д-р Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство и доц. д-р Синиша Стојаноски од Институтот за патолошка физиологија и нуклеарна медицина.

Дали знаете колку луѓе во светот страдаат од нарушувања на тироидната жлезда и кои се симптомите?

Проф. д-р Димитров: Зачудувачки е бројот од 200 милиони луѓе во светот што страдаат од нарушувања на тироидната жлезда, при што бројот на жените е поголем од бројот на мажите, а околу половина се недијагностицирани. Во Македонија, за изминатата 2019 година вкупниот број на регистрирани пациенти со нарушена функција на тироидната жлезда надминува 20.000. Нарушените нивоа на тироидните хормони можат да бидат штетни за нашето здравје и благосостојба. Ако тироидната жлезда не работи доволно (хипотироидизам), функциите на вашето тело во суштина се намалуваат. Може да чувствувате замор, зголемување на телесната тежина, лоша концентрација, запек, депресија и мноштво други неспецифични симптоми. Од друга страна, прекумерната работа на тироидната жлезда (хипертироидизам) може да ги забрза функциите на вашето тело (зголемен метаболизам), што може да вклучува голем број симптоми како, на пример, анксиозност, ненамерно губење на телесната тежина, проблеми со очите, забрзано чукање на срцето и останување без здив и зголемување на енергијата.

Проф. д-р Горан Димитров

Дали знаете дека недијагностицирани нарушувања на тироидната жлезда можат да влијаат врз плодноста и во кои случаи?

Доц д-р Стојаноски: Нарушената функција на тироидната жлезда може да се манифестира како хипотироидизам или хипертироидизам. Во зависност од тоа дали симптоматологијата и лабораториските параметри се презентираат со типична клиничка и биохемиска слика, може да се разликуваат супклиничка (латентна) или клиничка (манифестна) форма на хипо или хипертиреоза. Тироидните хормони се одговорни за регулирањето на енергетските и метаболните процеси во организмот. Оптималното ниво на овие хормони е неопходно како за самиот процес на забременување така и за успешен тек на бременоста. Многу често нарушената функција на тироидната жлезда може да остане недијагностицирана или ненавремено дијагностицирана.

Доц. д-р Синиша Стојаноски

Загрижува фактот што според последните истражувања, само 24% од испитаниците биле свесни дека недијагностицираните тироидни нарушувања може да бидат причина за проблеми со забременувањето, спонтани абортуси и нарушен тек или компликации во текот на гравидитетот. Навремената дијагноза и соодветната терапија, и покрај присутното тироидно заболување, ќе овозможат нормално забременување и уреден тек на бременоста.

Проф. д-р Димитров: Ако некое време се обидувате да имате бебе, важно е да знаете дека нарушувањата на тироидната жлезда, како хипотироидизам (намалена активност на тироидната жлезда), така и хипертироидизам (прекумерно активна тироидна жлезда), можат да бидат причина за проблеми со плодноста. Се препорачува да се провери работата на тироидната жлезда, особено ако се обидувате да забремените повеќе од 12 месеци, но неуспешно, доколку имате нередовни менструални циклуси, сте имале два или повеќе спонтани абортуси, имате семејна историја со нарушување на тироидната жлезда или страдате од ендометриоза или синдром на полицистични јајници (PCOS).

Дали знаете дека бременоста предизвикува неколку физиолошки и хормонални промени кои влијаат врз тироидната жлезда?

Доц д-р Стојаноски: Нормалниот раст и развој на плодот е во директна релација со оптималното ниво на тироидните хормони кај мајката. Овие хормони се од суштинско значење особено во првиот триместар на бременоста (фаза на органогенеза) за развојот на мозокот, нервниот систем и коските на плодот. Дефицитот може да биде причина како за спонтан прекин на бременоста така и за заостанување во растот и развојот, па дури и до најекстремната состојба позната по породувањето и како состојба на т.н. „кретенизам“.

Проф. д-р Димитров: Од клучно значење е тироидната жлезда да функционира правилно за време на бременоста; тироидните хормони се од суштинско значење за нормален развој на мозокот и нервниот систем на бебето, а бебето се потпира на својата мајка, која го снабдува со тироидни хормони преку плацентата во текот на првиот триместар. Тироидните хормони, исто така, играат клучна улога во развојот и одржување на здравјето на идната мајка. Мајките што очекуваат бебе треба да бидат тестирани за оптимално ниво на тироидниот хормон во текот на бременоста за да се провери нормалниот развој и раст на нероденото дете.

Дали знаете дека нарушувањата на тироидната жлезда можат да влијаат и врз бебињата?

Проф. д-р Димитров: Секако. Некои новороденчиња се раѓаат без тироидна жлезда или недоволно развиена тироидна жлезда, познато како вроден хипотироидизам. Овие бебиња, со ова нарушување, немаат доволно хормони на тироидната жлезда за потребите на нивното тело, меѓутоа, доколку правилно се дијагностицираат, во првите неколку дена по раѓањето и со правилен третман, ова нарушување може да биде контролирано.

Доц д-р Стојаноски: Само 45% од испитаниците биле свесни дека новороденчињата треба да бидат тестирани за потенцијален хипотироидизам, во случај да се родени без тироидна жлезда (состојба позната како атиреоза), нефункционална тироидна жлезда или ектопична тироидна жлезда (поставена на локализација различна од анатомски очекуваната). Навременото откривање на овие нарушувања ќе резултира со соодветен и навремен тераписки пристап и ќе овозможи нормален раст и развој по раѓањето. Оптимален пристап би вклучил најпрво соодветно информирање за потенцијалните опасности, одржување на оптимално ниво на тироидни хормони пред забременувањето, редовна контрола на тироиден статус во секој триместар од гравидитетот, како и во првата година по породувањето и, секако, темелен скрининг на новороденчињата за детектирање на потенцијален конгенитален хипотироидизам.

Дали знаете дека многу нови мајки имаат компликации со тироидната жлезда во првата година по раѓањето, дури и ако немаат претходна историја на нарушување на тироидната жлезда?

Проф. д-р Димитров: Да, состојбата е предизвикана од постпартален тироидитис (ППТ) и кај повеќето пациенти таа е најчесто минлива состојба. Како и да е, кај некои може да доведе до постојана неактивна тироидна жлезда (хипотиреоидизам) или преактивена тироидна жлезда (хипертироидизам). За какви било проблеми, ве молиме побарајте совет од вашиот лекар.

Доц д-р Стојаноски: Од особена важност е да се води грижа за тироидната жлезда на мајката во првата година по породувањето. Во овој период може да се развие воспаление на жлездата познато како постпартален тироидит. Доколку не се открие и третира навреме, може да биде причина за трајно нарушување на функцијата на тироидната жлезда. Едноставен тест на крвта може навремено да го детектира воспалителниот процес. Според најновите истражувања, загрижувачки е што само 26% од испитаниците биле свесни за потенцијалната опасност од ова нарушување.

Како да се вклучите во ширењето на свеста за тоа како влијаат недијагностицираните нарушувања на тироидната жлезда врз мајката и врз бебето?

Проф. д-р Димитров: Распространете ги вестите за оваа важна тема и дозволете да направиме разлика во животот на луѓето што страдаат од нарушувања на тироидната жлезда. Ако сте на социјалните медиуми, продолжете со кампањата преку посебно креираните страници на Инстаграм и Фејсбук и играјте ја вашата улога во глобалното движење користејќи го хаштагот #ITAW20.

Дали има потреба од свесност?

Проф. д-р Димитров: Да, има потреба! Неодамнешното меѓународно истражување покажа недостиг на знаење во однос на влијанието на состојбата на тироидната жлезда врз плодноста, бидејќи само четвртина (24%) од испитаниците биле свесни дека недијагностицираните нарушувања на тироидната жлезда може да предизвикаат проблеми со плодноста. Покрај тоа, постои недостиг на знаење за потенцијалните последици од недијагностицираните нарушувања на тироидната жлезда за време и по бременоста, што може да има компликации за мајката и за бебето. Помалку од половина од испитаниците (48%) не биле свесни дека хипотироидизмот може да предизвика компликации кај мајката и бебето за време на бременоста. Помалку од половина (48%) не биле свесни дека е исклучително важно да се провери оптималното ниво на тироидните хормони на жените во текот на бременоста. Само една четвртина (26%) од испитаниците биле свесни дека новите мајки што немаат претходна историја на болест на тироидната жлезда можат да развијат проблеми со тироидната жлезда во текот на првата година по породувањето; ова се нарекува постпартален тироидитис (ППT). Помалку од половина (45%) од испитаниците биле свесни дека новороденчињата (т.е. до еден месец или помлади) треба да бидат тестирани за конгенитален хипотироидизам (т.е. намалена функција на тироидната жлезда за време или пред раѓање), во случај да се родени без тироидната жлезда или неразвиена тироидна жлезда и може да бара третман.



912

X