Има родители кои приговараат поради тоа што децата постојано им се мобилен. Јас не го разбирам тоа. Мобилните телефони во нашето семејство имаат низа корисни и практични примени.

Да речеме, детето А не запомнило што има за домашна. Една минута работа – се поврзува на фејсбук-групата од своето одделение, таму некој од подобрите ученици веќе ја поставил фотографираната задача, нашето дете го презема тоа – и готово.

Или, детето Б мора да препише на компјутер еден куп правописни примери, па ме замолува јас да го направам тоа бидејќи побрзо „типкам“. Од другарче добила е-пошта со скенирана страница од книга, ми ја испраќа и мене во дневната соба, а јас потоа препишаното го враќам преку е-пошта во нејзината соба.

Или, да речеме дека јас и сопругата одиме со децата во слаткарница. Децата ги вадат мобилните и чукаат по нив и не ни пречат мене и на сопругата додека нешто важно разговараме.

Или, во доцните ноќни часови, додека сопругата и јас гледаме на телевизија како форензичари испитуваат лешеви, со крајот од окото го проверувам својот „Фејсбук“. Уочувам зелено кругче со името на наш потомок, заклучувам дека е буден и му испраќам порака во собата оддалечена 7 метри: „На спиење, доцна е“.

Во потешки ситуации можам дури на децата во другиот дел од станот да им испратам СМС, или евентуално да ги повикам да ги извадат садовите од машината или да го фрлат ѓубрето.

Ако мислите дека само ние им се јавуваме на децата, а децата нам никогаш, во заблуда сте. Да речеме, детето В во 8 часот и една минута наутро испраќа порака дека му треба глина, опрема за физичко или потпишана родителска изјава за училишниот излет, и тоа итно, до почетокот на вториот час.

Или детето Г се јавува дека ја згрешило улицата и моли за упатства како да се движи за да не залута и да не умре од глад.

Прекрасен е тој технолошки напредок. И, всушност, не ми е јасно како мојата генерација во таа нежна доба можела да пишува задачи, да носи дрес на училиште и да ја пронајде вистинската адреса без помошта од тие чудесни паметни телефони што немилосрдно голтаат електрична енергија и пари за претплата.

Автор: Борис Бек

Извор



912

X