Кога жената ќе добие потврда дека е бремена, како на филм, почнуваат да се јавуваат претпоставки за тоа што таа  бременост носи и како треба да изгледа. Покрај очекуваната мачнина, специфичен глад или физички промени, бременоста е уште многу нешта…

Често се случува потврдата за бременост да е токму тој момент кога жената ќе почувствува страв и симптоми на анксиозност. Тогаш може да се јави сомнеж во личните капацитети и можности, како да се снајде и оствари во улогата на мајка, дали ќе ја изгуби својата суштина итн. Не е необично во тој момент жените да доживеат и напад на паника. Некои жени во бременоста велат и дека „не забележуваат“ ништо, а единствената видлива промена им е растот на стомакот. Блазе си им! Многу други жени, меѓутоа, имаат различни тегоби, како физички така и психички. Од физички, а непријатни симптоми, може да се јават утрински мачнини, кои всушност траат цел ден, страшна киселина во желудникот, а од психолошки: емоционална лабилност – „плачење на реклами“ и бурни реакции.

Многу е важно да се стави акцент на психолошките промени кај трудниците

Овие симптоми најчесто се застапени во првото тримесечје, а покрај тоа постои и голем страв од спонтан абортус и губење на бебето. Овој страв е многу поинтензивен кај жените што веќе доживеале такви искуства или, пак, тешко ја оствариле бременоста. Второто тримесечје е познато како помирен период, каде што мачнината и повраќањето престануваат и емоциите се стабилизираат. Иако и понатаму постојат бременоста кои не го следат ова правило, па и во второто тримесечје трудницата има мачнини, повраќа, има проблеми со киселини, различни симптоми на анксиозност и депресија. Доколку ваквите непријатни симптоми не престануваат кога се очекува, жената може да се чувствува како да не гледа излез од оваа ситуација, да биде изнемоштена и очајна. Во ваквите ситуации неопходен е разговор со психолог.

Во третото тримесечје жената полека психички се подготвува за породувањето: одење на курсеви за трудници, слушање различни искуства или читање литература. Школите за трудници играат голема улога во подготовката на жените за сето она што ги чека во текот на бременоста, за моментот кога ќе влезе во болница, па во породилиштето и потоа. Многу е важно да се стави акцент на психолошките промени кај трудниците, кои се индивидуални за секоја жена, што многу често и се изоставува.

Психолошката подготовка за породувањето е многу важен фактор

Во овој период голем проблем е и несоницата. Несоницата може да биде сериозен проблем бидејќи тогаш жената целосно ја губи силата и во тие моменти симптомите на депресија, анксиозност и стравовите стануваат поинтензивни. Исто така, самото приближување до терминот за породување може да придонесе за интензивирање на симптомите. Жената која во бременоста пати од депресивни симптоми се жали на емоционален блок – незаинтересираност за околината, фокусираност на себе и своите симптоми „Што сега ми фали?“ Тогаш трудницата заклучува дека таа нема да биде добра мајка бидејќи се чувствува поразлично во однос на своите очекувања.

Некои мислења на трудниците што патат од вакви симптоми се „Како ќе се снајдам со бебето?“, „Дали ќе бидам добра мајка иако вака се чувствувам?“, „Дали ова ќе престане?“, „Дали ќе полудам на породувањето?“…

Психолошката подготовка за породувањето е многу важен фактор во начинот на доживување на самото породување и периодот по породувањето и во борбата со ваквите симптоми.

Автор: Сања Тиквицки

Извор



912

X